1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повици за воздржаност - дивеењето не е решение

ДТЗ
29 ноември 2024

Палење и газење државни знамиња е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница, изјави претседателот на Собранието, Африм Гаши

македонско знаме
Повици за воздржаност по инцидентите со знамето - дивеењето не е решениеФотографија: MIA

„Палење и газење државни знамиња е во спротивност со државните и националните интереси на секоја етничка заедница“, порача од Гостивар претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој го осуди инцидент во центарот на Скопје, којшто се случи во четвртокот (28.11) кога за време на прославата на Денот на независноста на Албанија и на албанското знаме граѓани го искинаа македонското знаме. 

Гаши повика да се истражи кој стои зад инцидентот и да се откријат мотивите за него.

„Ако е несовесно однесување на одредени граѓани, тие треба да понесат одговорност и секој да одговора за постапките. Никако не е дозволено да се гази, навредува и повредува туѓо знаме, туѓ симбол на друга заедница која било да е таа. Патриоти се тие кои го почитуваат своето знаме, но и знамето на другите“, рече Гаши.

Палење и газење државни знамиња е во спротивност со државните и националните интереси, вели Африм ГашиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Воздржаност и почит

Тој повика на воздржаност, почит и конструктивна комуникација, а на граѓаните им порача да ги почитуваат државните симболи и законите.

„Сите кои сакаат дестабилизација во државата, не им посакуваат добро на својата нација и својот народ, а потоа и на државата. И затоа повикувам на освестување“, апелираше Гаши.

Осум млади лица, меѓу кои и еден малолетник се приведени за инцидентите со државното знаме во Северна Македонија.Еден е  фатен при обидот да го запали, а другиот кога го симнувал. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека четворица од нив се сомничат согласно член 319 од Кривичниот законик, согласно кој што за загрозувањето на сигурноста, подбив со националните, етничките и верските симболи, сторителите се казнуваат со затвор од една до пет години. 

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека бројот на приведени лица ќе се зголемува. „Македонската влада ќе одговори жестоко на сите обиди да се дестабилизира државата“, порача Мицкоски.  Тој апелираше на трезвеност, оценувајчи дека станува збор за „мала изолирана и изманипулирана група од оние коишто ги штитат своите милиони“. 

И Обвинителството се вклучи во истрагата за инцидентите со знаметоФотографија: Petr Stojanovski/DW

ДУИ бара законот да важи и за палењето на албанско знаме

Партијата на Али Ахмети - ДУИ, реагираше на палењето на албанско знаме, што според нив претставува директен напад врз симболите и достоинството на албанскиот народ. „Таквите провокативни и акти исполнети со омраза-се неприфатливи и претставуваат закана за меѓуетничкиот соживот  и стабилност во нашата земја“, велат од партијата. 

Тие порачуваат дека се загрижени поради „селективен пристап на полицијата, која презела мерки само против граѓаните Албанци кои беа вклучени во инцидентите, додека тие што го запалиле албанското знаме остануваат неказнети“. Затоа ги повикуваат надлежните органи да постапуваат непристрасно и професионално, со ист третман за сите учесници во ваквите инциденти, без оглед на нивната етничка припадност.

„Законот мора да важи за сите подеднакво, бидејќи само преку праведност и транспарентност можеме да ја зајакнеме довербата и да ја зачуваме стабилноста во нашето општество“, велат од партијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми