Русија повторно соборила дрон над Москва
18 август 2023Во Москва е оштетена зграда во нов напад со дрон, соопштија денеска руските власти. По дејствувањето на руските сили за противвоздушна одбрана, делови од погодениот дрон, за кој Русија тврди дека е украински, паднале врз Експо центарот, кој се наоѓа на пет километри од Кремљ, пренесува Ројтерс.
Остатоците од дронот не предизвикале пожар и нема повредени. Поради нападот, сообраќајот на аеродромите во Москва накратко беше во прекин, а седум летови беа пренасочени.
„Околу 4 часот по московско време, режимот на Киев изврши уште еден терористички напад користејќи беспилотно летало врз објекти лоцирани во Москва и во Московската област“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Украина сѐ уште не се огласи по овој повод.
Русите тврдат дека дронот „откако бил изложен на оганот на рускатапротиввоздушна одбрана, ја променил траекторијата на летот и паднал на нестанбена зграда во зоната на насипот Краснопресненскаја во Москва“.
Градоначалникот на Москва изјави дека службите за итна помош се на терен, но дека првичните извештаи укажуваат дека нема жртви.
„Остатоците од дронот паднаа во областа на Експо центарот и не предизвикаа значителна штета на зградата“, рече Сергеј Собјанин на Телеграм.
Локалните медиуми јавуваат дека еден од ѕидовите на павилјонот во таа зграда делумно се урнал. повикувајќи се на итните служби.
Во последниве месеци од војната во Украина, нападите со дронови врз руска територија и врз главниот град Москва се интензивираат.