1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФранција

Франција: „Не“ за референдум за пензиската реформа

ЖА / агенции
4 мај 2023

Противниците на спорната пензиска реформа во Франција доживеаја неуспех и во вториот обид да го соборат донесениот закон за одење во пензија со 64 наместо со 62 години.

пензиската реформа во Франција
Протестите против пензиската реформа во Франција не запираатФотографија: Laurent Cipriani/AP/picture alliance

Уставниот совет во Париз во средата го одби и второто барање на опозицијата за одржување референдум за пензиската реформа. По ова, веќе не постојат големи изгледи за опозицијата или синдикатите да го запрат проектот на францускиот претседател Емануел Макрон.

Законот за подигнување на старосната граница за пензионирање од 62 години на 64 години стапи во сила во средината на април. 

Уште тогаш, Уставниот совет го отфрли првиот поднесок за распишување референдум за тоа старосната граница за одење во пензија да се ограничи на 62 години, како правно неиздржан, додека за пензиската реформа даде во основа правно позитивно мислење. Со таа одлука, шансите за успех во вториот обид беа минимални.

Со реформата на претседателот Макрон, која во меѓувреме е во сила, старосната граница за одење во пензија од 1 септември постепено се подига на 64 години. Притоа, и натаму се предвидени исклучоци за луѓето кои рано започнале со работа или за исклучително тешки професии. Истовремено, минималната пензија, кога се исполнети условите за плаќање придонеси, е зголемена на 1200 евра.

Без оглед на донесената реформа, протестите против неа не запираат, а последни во серијата беа првомајските. Синдикатите повикаа повторно на масовни демонстрации на 6 јуни. Повеќе од две третини од Французите се против пензиската реформа. 

Макрон и неговата влада се трудат да ја смират ситуацијата со тактика на што е можно побрзо преминување на други теми. Заради повторно освојување на довербата на граѓаните, премиерката Елизабет Борн пред една недела претстави 100-дневна програма која содржи чекори за подобрување во областа на образованието, здравството и внатрешната безбедност. Но, како и во случајот со пензиската реформа, владата се наоѓа во многу неповолна положба, со оглед на тоа по изборите од минатото лето, не располага со апсолутно мнозинство во Парламентот. Од таа причина донесувањето на нов закон за миграцијата Борн го одложи за наесен.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми