Повторно проблеми со дронови на aеродромот во Минхен
4 октомври 2025
Летовите на аеродромот во Минхен изутринава (4.10) повторно продолжија откако втор ден по ред стигнаа пријави за видени дронови. „Од 7 часот постепено ќе се почне со работа“, објави аеродромот на својата веб-страница. Сите полетувања и слетувања беа прекинати во текот на ноќта поради информации дека се видени два дрона.
„Капацитетот сега постепено се зголемува повторно“, изјави портпарол на аеродромот. Сепак, патниците треба да очекуваат доцнења во текот на денот. Тој им препорачува на патниците пред да патуваат да ја проверат состојбата со своите летови кај соодветните авиокомпании.
Од откажувањето на летовите беа погодени околу 6.500 патници. Некои мораа да ја поминат ноќта на аеродромот. „Поставени беа камп-кревети и беа обезбедени ќебиња, пијалоци и храна“, се наведува на веб-страницата на Минхенскиот аеродром.
Од вториот по големина аеродром во Германија авионите обично почнуваат со полетување во 5:00 часот наутро.
Сојузната полиција информира дека се работи за два дрона видени во областа на северната и јужната писта. Полицајци ги виделе дроновите кратко пред 23 часот во петокот. „Дроновите заминале пред да можат да бидат идентификувани“, изјави портпарол на аеродромот. Според операторот на аеродромот, 23 летови кон Минхен биле пренасочени, а 12 биле откажани. 46 закажани полетувања не биле реализирани.
Какви консеквенции ќе извлечат политичарите?
По појавата на беспилотни летала на аеродромите, политичарите сакаат да спроведат подобра заштита. „Итно ни е потребен функционален систем за одбрана од беспилотни летала“, изјави министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Херберт Ројл за агенцијата ДПА. „Нашите безбедносни власти мора да станат поспособни и помодерни“. Не може да се даде паушален одговор на тоа дали треба да се собори дрон, рече Ројл. Одлучувачкиот фактор за евентуално соборување е мерките да бидат „правно издржани, пропорционални и технички ефикасни“.
Министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман, сака на полицијата во оваа покраина да ѝ биде дозволено да соборува беспилотни летала во случаи на сомнеж. „Сакаме значително да ги прошириме законските опции што ѝ се достапни на баварската полиција, за да можат да преземат итни и ефикасни мерки против беспилотните летала. Ова значи и дека полицијата може веднаш да соборува беспилотни летала во случај на акутна опасност“.
Се очекува беспилотните летала да бидат тема и на денешниот состанок во Минхен на сојузниот министер за внатрешни работи Александер Добринт и неколку колеги од европските земји. Во петокот, тој објави дека Бундесверот треба да биде вклучен во борбата против беспилотните летала како дел од меѓусебната помош. Досега, ова беше одговорност на сојузната и покраинската полиција. Добринт рече дека наскоро има намера да презентира нов предлог закон за безбедност во воздухопловството.