1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарите ги разбудија институциите

ДТЗ
23 јули 2024

Италијанските хеликоптери од компанијата „Леонардо“ коишто треба да ги добие АРМ, во иднина ќе можат да се вклучат во гаснењето на огнените стихии.

пожари Серта
Пожарите ги разбудија институциите - ќе се носи нов закон за пожарникаритеФотографија: Petr Stojanovski

Пожарите коишто ги опустошија македонските шуми на повеќе локации и се опасност за околните села, ги разбудија институциите, коишто најавија дека ќе се носи нов закон за пожарникари, којшто во најбрз можен рок ќе биде доставен до Владата.

„Изминативе неколку години работни групи од повеќе институции надлежни за оваа проблематика работеле на изработка на нов закон за пожарникарство. Министерството за одбрана во периодот што следува ќе ги разгледа предлозите и во најбрз можен рок ќе излезе со предлог до Владата“, изјави за МИА министерот за одбрана, Владо Мисајловски. 

Пожарикарите со години наназад водат битка за регулирање на нивниот статус, за повисоки плати и додатоци, соодветна опрема и заштита од ризиците со коишто се соочуваат секојдевно при извршувањето на работните задачи. Тие бараа исти бенефиции како војската и полицијата.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации во 2023 година посочи на загрижувачки податоци - на противпожарните служби во Северна Македонија им недостигаат околу 340 пожарникари. Пожарите се гаснат со противпожарни возила коишто во просек се стари по 27 години, но има и градови каде пожарникарите со огнената стихија се борат со возила стари и над четири децении. Таква е ситуацијата во Валандово, каде што пожарите сѐ уште се гаснат со камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години. 

Пожарите се гаснат со противпожарни возила коишто во просек се стари по 27 годиниФотографија: Petr Stojanovski

И хеликоптерите „Леонардо“ ќе гаснат пожари 

Десетиците пожари коишто секојдневно избувнуваат на различни локации поради високите температури, со недели наназад се гаснат и од воздух и од копно. Поради лимитираните човечки капацитети и застарена опрема, помош беше побарана и од соседните земји, коишто испратија авиони и хеликоптери за справување со огнената стихија. Најризично е на планината Серта, каде уште има жаришта. 

Во гаснењето на пожарите учествуваат и припадници на Армијата, но и еден воен хеликоптер. АРМ во март годинава склучи договор за набавка на осум хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“ коишто се очекува во иднина да бидат вкучени при гаснењето на пожари. „Хеликоптерите ќе бидат опремени со инсталација подготвени за гаснење на пожари“, потврдува министерот за одбрана. 

Првиот хеликоптер треба да пристигне во 2026 година, а целата испорака ќе биде извршена заклучно со 2028 година. 

Активни 10 пожари 

Пожарите предизвикани од високите температури со недели се опасност за жителите на повеќе планински села. Во изминатото деноноќие активни биле 30 активни пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 20 се целосно изгаснати, а 10 се активни и веќе дел од нив се ставаат под контрола.

Според директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, рано утрово со полициски хеликоптер почнало гаснењето на пожарот, кој изби во општина Старо Нагоричане, во атарот на село Челопек. Во близина нема вода, природно или вештачко езеро, и затоа од волонтери на Црвениот крст е наместен еден базен од кој хеликоптерот полни вода и го гасне пожарот. 

Два активни пожари има на планината Серта. Првиот е од воениот полигон Криволак во насока на реката Брегалница, а вториот се наоѓа над селото Пухче во насока на селото Селце. Активен пожар има и на територија на општина Пласница, во месноста „Стромол“, каде гори мешана шума со слаб интензитет. Веќе неколку дена два активни пожари има и во општина Чашка, кај селата Габровник и Мокрени, каде гори мешана шума и ниска вегетација и во месноста викана Мукос, каде е зафатена ниска вегетација. Два пожари има и на територија на општина Долнени, од кои едниот е во близина на село Небрегово каде гори нискостеблеста шума, растенија, трње и трева.  

Како дроновите можат да помогнат во борбата против шумските пожари

00:46

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми