1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарникарите бараат исти бенефиции како полицијата

ДТЗ
15 март 2023

Пожарникарите секојдневно одат на терен со опрема тешка 43 килограми. Заштитната униформа, поради големото покачување на телесната температура и губиток на течност, предизвикува стрес на организмот.

пожарникари
Во екстремни и ризични услови, со минимум опрема и во трка со времето, пожарникарите водат битки на неколку полиња.Фотографија: Arbnora Memeti/DW

Месец и половина по катастрофалните земјотреси во Турција, униформите на дел од струмичките пожарникари коишто учествуваа во спасувачката мисија се уште стојат спакувани во црни вреќи.  

„По стотици часoви поминати во урнатините, од каде секојдневно се извлекуваа телата на настраданите во земјотресот, униформите ни мирисаа на смрт. Ги спакувавме во црни вреќи - ниту може да се испере прашината од нив, ниту пак можат да избледат сеќавањата. Секогаш кога ќе ја облечеме униформата - се навраќаат и сеќавањата на трагичните настани“, раскажува за ДВ, пожарникарот Вернер Стоилов, кој го предводеше  тимот за урбано пребарување и спасување, којшто во турскиот градот Адијамен трагаше по преживеани под урнатините.  

Ова е само една од потешките акции во коишто беа вклучени и македонски пожарникари, кои секојдневно водат битка со огнот, учествуваат во извлекување на повредени или загинати во сообраќајни несреќи, интервенираат при опожарени објекти, се изложуваат на канцерогени отрови,сведочат за човечки трагедии, се изложуваат на огромен стрес и опасност. Во екстремни и ризични услови, со минимум опрема и во трка со времето, пожарникарите водат битки на неколку полиња. Едната битка е да се реагира брзо, да се спаси нечиј живот или дом, да се помогне секогаш и секаде. Втората битка е за зачувување на сопственото здравје, живот и егзистенција. Со бенефициран стаж кој е помал од оној на вработените во полицијата и одбраната, со минимални плати, со постојани судски процеси за да се добијат надоместоци за опасност при работа, со недостиг на опрема и кадар, но и чести здравствени проблеми предизвикани од стресот и изложеноста на вдишување отрови, тие бараат поддршка и волја од надлежните институции за да се решат проблемите со коишто секојдневно се соочуваат. Токму овие препреки ги одвраќаат и младите да се одлучат да ја работат оваа одговорна професија.

 

Пожарникарот Вернер Стоилов го предводеше тимот за урбано пребарување и спасување, којшто во турскиот градот Адијамен трагаше по преживеани под урнатините.  Фотографија: privat

Кога телефонот ќе заѕвони... 

Вернер Стоилов повеќе години работи како пожарникар, но вели дека се уште не може да сфати од каде тој и неговиот тим наоѓаат толку сила, ентузијазам, желба и љубов за максимално посветено и професионално да ја завршат својата работа.  

„Ќе се нервираме, ќе разговараме за платите и условите за работа, ќе се препираме - но оној момент кога ќе заѕвони телефонот се заборава сѐ. Не знам од каде доаѓа таа волја за веднаш да истрчаме на терен и да им помогнеме на граѓаните кои што побарале наша асистенција“, вели Стоилов. 

На Бобан Трпкоски тетовската пожарна му е втор дом. По 33 години во службата, вели дека граѓаните никогаш не смеат да бидат оставени на цедило. „Ги чувствувам последиците од професијата, особено на белите дробови, кои работат само со 72 отсто капацитет. Но, ова е мојот избор, мојата професија. Повторно да се родам, пак би го направил истиот избор“, вели Трпкоски, искусен пожарникар и меѓународен инструктор по пожарникарство.  

Пожарникарите секојдневно одат на терен со лична заштитна опрема тешка 43 килограми. Употребата на дишниот апарат со компримиран воздух, кој мора да се користи при секоја интервенција на гасење, го зголемува пулсот во просек до десет отчукувања во минута. Заштитната униформа, поради големото покачување на телесната температура и губиток на течност кој во просек е два литри, предизвикува стрес на организмот. 

Често се изложени на  екстремно високи температури (600 - 700 степени), на чад и борба со времето - за што покус рок да се изгасне пожарот или да се спаси нечиј живот. Изложени се и на огромен стрес, што пак може да резултира со развој на посттрауматски стрес, анксиозно и депресивно однесување. Имаат чести проблеми со белите дробови и срцето, а се соочуваат и со чести флешбекови по некоја трауматска случка.  

Тимот за урбано пребарување и спасување, којшто во турскиот градот Адијамен трагаше по преживеани под урнатините.  Фотографија: Armee von Nordmazedonien

Неправда со бенефицираниот стаж 

Пожарникарите работат во напната атмосфера и често доживуваат ситуации кои се далеку над нивните приватни животи и искуства. Сведоци се на човечки трагедии, ситуации каде што е невозможно да се спречи трагичен исход. Повеќегодишното оптоварување може да доведе до оштетување на менталното и физичкото здравје, укажуваат дел од пожарникарите. 

„Само минатата недела починаа четворица пожарникари. Во изминатите две години 12 пожарникари. Дел не ја дочекаа пензијата, дел неполна година по одење во пензија. Што треба да се случи за да го добиеме тоа што одамна ни следува. Законот за пожарникарство е отворен. Ајде да го затвориме онака како што треба. Треба само волја и ништо повеќе“, посочува скопскиот пожарникар Владимир Кочовски во објава на социјалните мрежи.  

Според него, пожарникарите се единствени кои стекнатото право, да одат во пензија единствено по основ на остварен бенефициран стаж од 40 години, го изгубија и не можат да го добијат назад тоа право, како што тоа го добија полицијата, војската, рударите, „Танец“...Ова свое право тие го бараат преку синдикалните здруженија. Сите очи се вперени кон изготвување на нов закон за пожарникарство, во кој очекуваат дека ќе бидат исправени сите неправди кон нив.  

Солидарност 

Проблемот со бенефицираниот стаж се провлекува со години, по децентрализацијата, кога во 2006 година за пожарникарите почнаа да важат поинакви правила што се однесува до бенефициите во споредба со Армијата и полицијата. Ако претходно кога биле под надлежност на МВР, можеле да заминат во пензија на 54 или 55 години, со сегашните законски ограничувања тие најрано во пензија би можеле да заминат на 58 години, а има пожарникари коишто работат и на 62 години. А, на таа возраст на повеќето веќе им е сериозен напор да ги извршуваат редовните обврски.  

„Постарите колеги функционираат благодарение на солидарноста на помладите, бидејќи физички се потешко се извршуваат обврските на таа возраст“, вели Стоилов.  

Бобан Трпкоски стравува дека за десетина години земјата би можела да се соочи со сериозен недостиг на пожарникари, бидејќи повеќето ќе заминат во пензија.Фотографија: privat

Неговиот колега од Тетово, Бобан Трпкоски стравува дека за десетина години земјата би можела да се соочи со сериозен недостиг на пожарникари, бидејќи повеќето тогаш ќе заминат во пензија. „Сите сме пред пензија, за десетина години околу 250 пожарникари треба да се пензионираат, со што дефицитот кој што веќе го има, дополнително ќе се продлабочи“, вели Трпков.  

Општините вработуваат кадри, но само мал процент завршуваат во противпожарните единици. Младите повеќе сакаат да работат во администрација. „Ни фалат околу 500 пожарникари. Сега еден треба да работи како за тројца за да се покрие недостигот на кадар“, коментираат дел од скопските пожарникари.  

Демотивациски делуваат и ниските плати. Со додатоци за ноќна работа, празнични дневници, викенди и надоместок за опасност при работа - командирите велат дека едвај можат да стигнат до 30 илјади денари плата. Често се принудени да покренуваат и судски спорови за им бидат исплатени надоместоците. Секоја противпожарна единица води своја битка за остварување на правата на работниците. Многумина се одлучуваат да покренат приватни тужби, од кои често излегуваат како победници, па општините се должни да им исплаќаат средства за отпремнини, хранарина или други надоместоците коишто законски им следат. 

Поглед во кампот на австриските пожарникари

01:35

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми