1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците ги судрија копјата за уставните измени

ДТЗ
18 август 2023

Собранискиот спикер, Талат Џафери ја прекина седницата и покрај инсистирањето на опозицијата веднаш да се гласа за предлогот за уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ оцени дека се покажала сплотеноста против ваквиот предлог

собрание Северна Македонија
Пратениците ги судрија копјата за уставните измениФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Неколку часа траеше расправата во Собранието за предлогот за пристапување кон измена на Уставот со кој се предвидува вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата на Уставот, на која  претставниците на сите партии од говорница ги повторија своите позиции и аргументи „за“ и „против“ уставни измени. По излагањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, собранискиот спикер Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека за продолжувањето пратениците ќе бидат дополнително информирани.

Со одлуката не се согласи опозицијата, која преку координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претходно побара од Џафери да не ја прекинува седницата без да се гласа за предлогот. „Тука сме, во сала сме, дозволете ни да се изјасниме, тоа е демократија“, порача Мицевски.

Додека ВМРО-ДПМНЕ оцени дека „победиле граѓаните и Македонија“, дека станува збор за „историски ден во Собранието, каде се покажала сплотеноста  против уставни измени по бугарски диктат“, од СДСМ уште еднаш се обидоа да ги убедат пратениците да гласаат за европска иднина, место за изолација на земјата. 

„Уставни измени нема под диктат“

По завршувањето на расправата, Мицевски на прес- конференција во Собранието порача дека се видело дека владејачкото мнозинство нема двотретинско мнозинство. Тој побара да се распушти Собранието и граѓаните да гласаат на избори. 

Собранискиот спикер, Талат Џафери ја прекина седницата и покрај инсистирањето на опозицијата веднаш да се гласаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат. Уставни измени под диктат нема да има, но предвремени парламентарни избори мора да има“, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Следно што треба да се случи, според него, е распуштање на парламентот и да се прашаат граѓаните на предвремени парламентарни избори за тие да одлучат што ќе се случува во иднина. Тој е дециден дека ситуацијата „не е редовна за да се чекаат редовни избори“. 

На маса различни барања

Гордана Силјановска Давкова, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница ги пренесе ставовите на опозицискиот блок. Таа порача дека патот на Македонија кон ЕУ овој пат нема да биде преку Софија и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе глас по сопствено убедување. 

Силјановска Давкова нагласи дека она што се бара од земјата е спротивно на европските вредности. „Во ниту еден годишен извештај досега нема забелешка за отсуството на Бугарите од Уставот, Бугарија и кога не признаваше немаше забелешка за ова. Не е преамбулата од таква важност, туку нормативниот текст“, истакна таа. 

Патот на Македонија кон ЕУ овој пат нема да биде преку Софија, рече Гордана Силјановска ДавковаФотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците. Значи мора да ги има!“, нагласи пратеничката.

Пратеникот Скендер Реџепи предложи во Уставот да бидат додадени и Торбешите и Гораните. Тој истакна дека најдобриот пат за сите граѓани е тоа што треба да се отворат нови хоризонти кои водат кон Европската Унија и да се затворат етничките прашања.

За Халил Снопче од „Алијанса за Албанците“ зачленувањето во Европската Унија претставува најголема сигурност за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.

Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ беше дециден дека граѓаните се за ЕУ, за подобар животен стандард, за интеграција, а не за изолација, непредвидливост и статус кво.

Фадил Зендели од БЕСА побара бришење на одредницата „20 проценти“, која, според нив, ја ограничува употребата на албанскиот јазик. Според него, единственото решение е што побрзо да се оди на предвремени парламентарни избори.

За усвојување на точката на дневен ред е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници, по што ќе се отвори патот за останатите две фази неопходни за промена на Уставот. При носењето на дневниот ред на седницата 70 пратеници гласаа „за“, а 47 беа „против“. Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми