1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ненад Савески е избран за нов државен обвинител

18 март 2026

Ненад Савески е избран за нов државен обвинител. Владата порача дека Македонија очајно има потреба од правда. Савески најавува дека нема да има повеќе предмети што се чуваат во фиока и селективна правда

Државен јавен обвинител, Ненад Савески, 11.03.2026
Новоизбраниот државен обвинител, Ненад Савески најави дека нема да има повеќе предмети што се чуваат во фиока и селективна правда. Фотографија: Macedonian Information Agency - MIA

Пратениците на денешната собраниска седница го поддржаа предлогот Ненад Савески да биде новиот државен јавен обвинител. За Савески гласаа 66 пратеници, „против“ беа двајца, а осуммина гласаа воздржано.

Савески, кој моментално е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, беше номиниран од Владата на 10 март. Неговата кандидатура следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски и по спроведената постапка во која учествуваа петмина кандидати.

Николоски: Македонија очајно има потреба од правда и владеење на правото

„На Македонија очајно ѝ е потребна правда и владеење на правото. Потребно е јасно отворање и процесуирање случаи што ќе донесат подобрување на имиџот на државата и на обвинителско-правосудниот систем“, изјави вицепремиерот Александар Николоски пред пратениците на седницата на која се избираше државниот јавен обвинител.

За Ненад Савески рече дека е професионалец без ниту една дамка во кариерата.

„За жал, оваа состојба во која се наоѓа обвинителско-правосудниот систем не дава доверба кај граѓаните. Повеќето се скептични дали се носат правилни одлуки. Не е случајно што рејтингот на овие две институции е околу 2%. Тоа ќе биде сериозна задача за новиот јавен обвинител“, нагласи Николоски.

Тој додаде дека Савески е „еден од светлите примери“ во судството и обвинителството и човек со долгогодишно искуство како обвинител и судија. „Имаме човек кој е мотивиран и кој ќе биде прв што треба да испорача правда во Македонија“, рече Николоски.

Кој е Ненад Савески?

Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по казнено право. Магистрирал и дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ. Правосудниот испит го положил во 2003 година.

Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд – Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.

Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Таму работел и како судски приправник од 2000 до 2002 година.

Пратениците на денешната собраниска седница го поддржаа предлогот Ненад Савески да биде новиот државен јавен обвинителФотографија: Petr Stojanovski/DW

Савески: Приоритет ќе ми бидат отчетноста, дигитализацијата и подобри услови за работа

„Она што сакам да го направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација и услови за работа што ќе овозможат обвинителите непречено и достоинствено да ја извршуваат својата работа“, најави Савески во интервју за МИА.

Тој нагласува дека најважно е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следат предметите и да се надмине, како што вели, „фиока стоп-систем“. „Најчесто како критика се наметнува дека Обвинителството работи бавно. Дигитализацијата ќе овозможи да се види дали причините се недостиг на кадар, недоволен број обвинители или недостаток од помошен персонал,“ додава Савески.

Исто така, посочува дека платите не се најголемиот проблем, туку условите за да се работи: „Не може со сиромашна институција да се бориш против богати од криминал“.

Кои ќе бидат првите чекори како обвинител?

На прашањето дали би почнал со предметите поврзани со Артан Груби, РЕК „Битола“ или бонусите на СЈО, Савески вели дека нема да издвојува поединечни случаи: „Секој предмет е важен, во сите предмети се решаваат човечки судбини и судбината на секој од нив е еднакво важна, не може ние да се фокусираме на едни предмети, а да ги запоставиме другите. Токму тоа ми е интенцијата - секој предмет да си добие еднакво значење“. 

Тој додава дека нема да има селективна правда - секој предмет ќе се работи во согласност со законот и во согласност со роковите и принципите за работа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми