1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратеничките го креваат гласот против говорот на омраза

ДТЗ
8 март 2023

По неколкуте инциденти во Собранието, кога пратенички се пожалија на вербални напади и навреди, тие бараат со закон да се казнува говорот на омраза кон жените.

Жаклина Лазаревска СДСМ
Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМФотографија: Privat

„Не викајте, како дивјаци се“. Овој повик на пратеничката од редовите на СДСМ, Жаклина Лазаревска, упатен кон колегите пратеници во Собранието, за влакно можеше да ескалира во сериозен инцидент на 23 февруари годинава. Лазаревска за ДВ вели дека иако лично не му се обратила на пратеникот Бране Петрушевски, тој бурно реагирал и упатил навреди кон неа. „Да не го спречеа колегите, претпоставувам ќе се обидеше и физички да се пресмета со мене“, вели Лазаревска.

Иако Петрушевски уште вечерта ѝ се јавил и се извинил, пратеничката од Охрид вели дека вакви инциденти не треба воопшто да се случуваат во иднина. Извинувањето нема никакво значење за неа, ако и понатаму се нижат навредите во парламентарниот дом, кој треба да биде пример за меѓусебно почитување и соработка, а не арена за борба во која на сите страни летаат навреди и вулгарности. 

Солидарност и поддршка 

„Очекувам во иднина да не се повторат вакви инциденти и да бидеме посолидарни и посилни во моменти кога сме мета на родово мотивирано насилство“, вели Лазаревска. Таа доби поддршка од своите сопартијки, кои во знак на солидарност минатата недела ја напуштија собраниската сала додека зборуваше пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Поддршка пристигна и од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска која јавно осуди секаков вид на насилство врз жените. „Пратеничките мора да покажат поголема солидарност, да се охрабрат и да застанат во заштита на колешките кога е неопходно“, децидна е Лазаревска. 

Собранието на 8 март ќе одржи седница за родовата еднаквост - се бара со закон да се казнува говорот на омразаФотографија: MIA

Пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ и член на Клубот на пратенички, Благица Ласовска во изјава за МИА, го осудува говорот на омраза и порачува дека такви напади не треба да се случуваат. „За жал, се случуваат инциденти за коишто нема враќање назад, а коишто не треба да се случуваат, бидејќи ние сме пример и треба да бидеме пример за останатите. Тоа е причината поради којашто голем број на жени не сакаат да се занимаваат со политика. Ги осудувам ваквите несакани појави, навреда, говор на омраза“, вели Ласовска.  

Според неа, правата на жените во изминатиот период се унапредени и во политиката и во општеството, но колку тоа се отсликува во реалноста се гледа во слободата што ја има во интернет просторот, но и внатре во Собранието, каде што, за жал, се случуваат инциденти.

„Треба да бидеме транспарентни во моментот кога се случува нешто, да застанеме сите, оти јас се сеќавам на такви времиња кога како Клуб на пратенички сме застанале заедно зад нападнатата жена дали е тоа пратеничка, министерка, која било жена, но морам да кажам дека има одредена селективност на која што работиме“, вели Ласовска.

Закон против говор на омраза

Лазаревска не е единствената пратеничка која што изминатиот период се пожалила на говорот на омраза, политичка некултура, сексизам и навреди. Пратеничките од СДСМ во допис до медиумите неодамна посочија дека жените пратенички се секојдневно изложени на политичка некултура, шовинизам и сексизам од страна на дел од пратениците.

Нападите се најчести на социјалните мрежи, а се отсликуваат и во парламентот, што резултираше со идеја за одржување на тематска седница на 8 март - Меѓународниот ден на жената. Станува збор за прва пленарна седница која ќе биде посветена исклучиво на унапредување на родовата еднаквост. 

„Собранието треба да биде позитивен пример за почитување и соработка“, вели ЛазаревскаФотографија: Privat

Пратеничките во Собранието ќе бараат со закон да се казнува говорот на омраза, откако во јавноста сѐ почесто се искажуваат навреди, дисквалификации, дискриминација и омаловажувања кон жените. Ова ќе биде еден од заклучоците што треба да бидат усвоени на седницата на 8 Март во Собранието на која ќе се дискутира за напредокот на родовите прашања во изминатите дваесет години, откако постои Клубот на пратенички. 

Очекувањата на пратеничката Лазаревска, но и на нејзините колешки во Собранието, се големи. „Очекувам по една ваква расправа да излеземе посилни, со заеднички заклучоци за родовата еднаквост. Собранието треба да биде позитивен пример за почитување и соработка“, вели Лазаревска. 

Таа е децидна дека мора да се стиши гласот на омразата. На тој начин ќе се придонесе да се охрабрат што поголем број жени да влезат во политиката.  „Ова е поле каде сѐ уште доминираат мажите, иако досегашното искуство покажа дека имаше жени на министерски позиции коишто се истакнаа со својата работа. Но, за жал односот кон жените политичарки, кој понекогаш е на многу ниско ниво, ги обесхрабрува и ги прави ранливи“,  вели пратеничката. 

Додека од една страна се повикуваат и се поттикнуваат жените да станат дел од политиката - од друга страна тие сѐ почесто се мета на критики и навреди, во кои не се поштедени ниту нивните семејства. 

„За да бидеме рамноправни, треба да се почитуваме“, порачува Лазаревска. 

Во германската политика доминираат мажите

02:02

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми