1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Преценетата сила на руската армија

Миодраг Шориќ
28 септември 2022

Кога Русите ја нападнаа Украина, претседателот Путин веројатно веруваше во брза победа. Тоа беше илузија - како што покажува и сега најавената делумна мобилизација. Колку навистина е силна руската армија?

Руски војници на оклопно возило за отстранување мини со симболот Z
Руски војници на оклопно возило за отстранување мини со симболот ZФотографија: Vladimir Gerdo/TASS/dpa/picture alliance

По падот на Советскиот Сојуз, Москва направи сѐ што можеше за да го задржи статусот на суперсила - вклучително и како постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Брутодомашниот производ на земјата не ѝ даваше истакната позиција меѓу државите, Советскиот Сојуз не можеше економски да остане во чекор со многу западни земји. Тврдењето дека земјата е голема сила од страна на Кремљ отсекогаш беше образложувано во воена смисла: Русија, се повторува со децении, има една од најголемите и најмоќните армии во светот, вклучително и нуклеарно оружје. За постојано да потсетува на тоа, претседателот Путин редовно му презентираше на светот слики од воени паради во Москва со совршена кореографија или маневри на неговите вооружени сили.

Меѓутоа, колку навистина е моќна армијата не се покажува со газење на Црвениот плоштад, туку во рововите на бојното поле. А таму, во источна Украина, на Русите им задава главоболка многу помала војска, која не ни постоеше пред неколку години. Како е тоа можно?

Колку е навистина голема армијата на Путин?

На хартија, руските вооружени сили имаат еден милион војници, а во иднина би требало да имаат дури 1,1 милион, вели Маргарет Клајн од Фондација Наука и политика. Но, вистинската големина е помала, објаснува таа за Дојче веле. Голем дел од руските единици кои се подготвени за акција веќе се распоредени во Украина. „Тие претрпеа големи загуби поради убиени или повредени војници“, вели експертката за одбрана. Точни бројки нема, но американската тајна служба ЦИС верува дека на руска страна има десетици илјади загинати и повредени.

Православен свештеник одржува богослужба за руски резервисти регрутирани во БатајскФотографија: Sergey Pivovarov/REUTERS

Досега настрадаа полковите кои во време на мир се стационирани во азискиот дел на Русија, вели Џорџ Барос од американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војната. Претставата дека Русија има резерви војници подготвени за акција нема никаква врска со реалноста, потенцира тој. Според Барос, досегашниот тек на војната покажува дека светот одамна ја преценил силата на руската армија.

Маргарет Клајн објаснува дека Русија сега мора да мобилизира резервисти за да ги пополни празнините што се појавија како резултат на загубите. Според Барос, целта на Путин со мобилизацијата на резервистите е да ја задржи сегашната линија на фронтот.

На фронт без обука или опрема

Каква е воената сила на Русија може да се види од тоа кои луѓе се регрутираат во моментов. „Има мажи кои имаат над 50 години и имаат здравствени проблеми“, вели експертот за одбрана. Бројни примери на социјалните мрежи го потврдуваат ова.

Резервистите мора да бидат обучени и опремени пред да одат во војна, вели Барос. Сепак, многумина, додава тој, ќе добијат обука од само месец или два, што не е доволно. Други се испратени на фронтот во Русија без никаква обука или опрема, вели Барос. Тој не верува дека со такви резервисти може да се постигнат воени успеси. Тоа веројатно ќе предизвика само зголемување на бројот на загинати и повредени.

Со тоа се согласува и рускиот експерт за безбедност Павел Лузин, кој во моментов престојува во САД. Според него, Украина ќе продолжи да се бори и покрај лажниот референдум што послушниците на Путин го одржаа на истокот на земјата. Лузин смета дека руската индустрија за вооружување не е во позиција да обезбеди дополнително оружје на краток рок, особено не за резервистите кои сега се мобилизираат. Маргарет Клајн вели дека во Русија сѐ уште има складирано старо оружје и проектили од советската ера.

Русија има резервисти, но често недостига обука и опрема (фото: руски регрути во Краснодар)Фотографија: AP/dpa/picture alliance

Но, и во врска со тоа не е сигурно дали голем дел од ова оружје веќе не е препродадено поради корупција, или дали материјалот воопшто може да се користи во војна. Според Клајн, на руската одбранбена индустрија ѝ недостасуваат чипови за високопрецизно оружје и други резервни делови. Меѓутоа, Русија ја има предноста што има повеќе луѓе на располагање и може да испраќа сè повеќе резервисти во војна на долг рок, оценува за ДВ Тед Гален Карпентер од институтот КАТО во Вашингтон.

- повеќе: Украина: Дали запира рускиот „воен валјак“?

За да се биде успешен во војната потребни се многу комптоненти, вели Џорџ Барос од американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војната. Војници, модерно оружје, добра обука, лидерство, мотивација, логистика - тоа е само дел од она што е неопходно. „Само со испраќање повеќе мажи на фронтот нема да се реши проблемот што го имаат Русите.“ Украинските сили ќе продолжат да напредуваат и натаму, додава тој: „Нивната офанзива не е завршена.“

Русите, од друга страна, во моментов се среќни ако можат да ги задржат постоечките позиции. Во минатото, руските сили беа очигледно супериорни во однос на оние на Украина, меѓу другото и во однос на квалитетот на оружјето и бројот на војници. Но, военото раководство на Москва не можеше да ја искористи оваа тактичка супериорност за да ги постигне стратешките цели во војната, анализира Барос.

Руски војник со симболот Z на контролен пункт во МелитополФотографија: Sputnik/imago images

Употребата на нуклеарно оружје има за цел да го заплаши Западот

Патем, тоа нема да биде можно и со добро обучени и добро опремени платеници, како таканаречената група Вагнер. Нивниот број пред војната беше околу 8000-9000 борци. Но, тие не се користат само во Украина, вели Барос. Во источна Украина тие се бореа како едноставна пешадија. Тие нема значително да влијаат на текот на војната, уверен е тој.

Експертите се согласни во ставот деказаканата со нуклеарно оружје има за цел да го заплаши Западот. „Оваа закана не е нова“, вели Маргарет Клајн од Фондацијата Наука и политика. Целта е да се поткопа западната поддршка за Украина. Употребата на нуклеарно оружје во воена смисла не носи ништо. Употребата на вакво оружје може да има смисла само политички - на пример кога режимот во Москва би се соочувал со воен пораз. Сепак, Маргарет Клајн смета дека употребата на нуклеарно оружје е малку веројатна. Тоа би значело дека Путин ќе ја загуби поддршката од Кина или Индија. Од друга страна, Тед Гален Карпентер од КАТО вели: „Ако Путин се соочи со избор помеѓу употреба на нуклеарно оружје или да одговара за своите злосторства пред меѓународен суд, тој ќе ја избере нуклеарната опција“.

Рускиот претседател Путин се заканува со употреба на нуклеарно оружјеФотографија: McPHOTO/M. Gann/picture alliance

Барос и другите експерти веруваат дека по лажните референдуми Путин ќе ги анектира источна и јужна Украина. Потоа, на овие простори можеше да користи и регрути и трупи од Министерството за внатрешни работи, што во моментов е забрането поради законски причини. „На руските сили им треба одмор, тие се исцрпени“, вели Барос. Тој зимава очекува дополнителни украински офанзиви.

Дали е на повидок крајот на војната?

Тед Гален Карпентер од КАТО смета дека Русија сака брз крај на војната. Украина и Западот треба да покажат дека се подготвени да преговараат. Маргарет Клајн и Џорџ Барос на работите гледаат поинаку и не веруваат во брз крај на војната. Путин се надева дека Западот ќе се откаже од поддршката за Украина. Според Клајн, исходот од војната всушност зависи од оваа поддршка. Оваа војна може да се заврши навистина само ако Русија доживее тотален пораз, вели рускиот експерт за безбедност Павел Лузин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми