1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Пред говорот во Давос: Трамп очекува решение за Гренланд

АРД
21 јануари 2026

Доналд Трамп денеска попладне треба да одржи говор на Светскиот економски форум. Иако неговото заминување беше проследено со проблеми, американскиот претседател остана оптимист во врска со спорот околу Гренланд.

Американскиот претседател Доналд Трамп отпоздравува додека се качува во претседателскиот авион
Поради мали технички проблеми на претседателскиот авион, патувањето на Трамп кон Давос беше одложено неколку часаФотографија: Chip Somodevilla/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп веќе беше на пат кон Светскиот економски форум во Давос, кога претседателскиот авион Ер Форс Уан мораше да се врати на воениот аеродром во близината на Вашингтон. Причината беше мали електрични проблеми на авионот, објасни портпаролката на Трамп. Потоа Трамп се префрли во резервен авион и сега е повторно на пат, со задоцнување од околу два и пол часа.

„Средбата во Давос ќе биде многу интересна“, најави американскиот претседател кратко пред полетувањето. Во текот на попладнето, тој ќе одржи говор на Светскиот економски форум, а планирани се и повеќе средби со други шефови на држави и влади. Фокусот веројатно ќе биде на спорот околу Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска.

Трамп повторно го нагласува правото на Гренланд

Тој верува дека ќе се најде решение што ќе ги направи НАТО и САД многу задоволни, рече Трамп неколку часа пред да замине за Давос. Тој, исто така, го повтори ставот дека на САД им е потребен Гренланд од безбедносни причини. 

Кој го поседува Гренланд?

00:57

This browser does not support the video element.

Како реакција на солидарноста на европските членки на НАТО со Гренланд и со Данска, американскиот претседател објави дека почнувајќи од 1 февруари ќе воведе казнени царини за Германија и за другите европски земји, доколку не попуштат и не го продадат Гренланд на САД. На прашањето на новинар колку далеку е спремен да оди за островот да премине во сопственост на САД, Трамп одговори: „Ќе видите“.

Авторка: Нина Барт, АРД Вашингтон

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми