Што се крие зад нападот на градоначалникот нa Арачиново?
2 април 2024Вооружениот напад на градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими ја зголеми напнатоста пред пролетните избори. Полицијата трага по напаѓачот кој рани две лица среде бел ден, кои биле во придружба на градоначалникот на влезот на селото. Повредени се возачот на градоначалникот и еден од вработените во општината.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на лице место, издал наредби за прибирање траги и за соодветни вештачења. Ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија, информираа од Обвинителството.
Додека се расветлуваат мотивите за нападот, од Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) апелираа надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори.
Закани имало и претходно
Ова не е прв обид да се заплаши градоначалникот на оваа општина во околината на Скопје. Тој во неколку наврати пријавуваше во полиција дека е мета на вербални и физички напади и закани. Ридван Ибраими во мај минатата година се пожали дека некој му се заканувал по живот, додека не бил присутен во општинската зграда. Истрагата покажа дека станува збор за соселанец, кој се заканувал затоа што не бил задоволен од постапување во предмет за користење државно земјиште. Заканите ги упатил пред повеќе лица во општината.
Пријава до МВР имаше и во септември 2022 година, кога Ридван Ибраими информираше дека бил физички нападнат во просториите на општината.
Осуда
ЗЕЛС го осуди вооружениот напад на градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими. Иако мотивите за нападот не се официјално соопштени, од ЗЕЛС препознаваат „насилна практика на изразување на незадоволство од работата на градоначалникот“ и бараат да им се дозволи своите надлежности да ги спроведуваат низ институционални постапки и процеси.
„Ова не е прв пат во нашата земја да се посегне по животот на градоначалник, токму при извршувањето на неговите работни обврски. Затоа бараме надлежните институции да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на случајот со цел ова никогаш повеќе да не се повтори“, порача од ЗЕЛС.
Ридван Ибраими е кадар на Демократска унија за интеграции, а градоначалничката функција ја извршува од октомври 2021 година откако на локалните избори ја победи кандидатката на СДСМ, Миликије Халими.
Ибраими за време на својот мандат најави инвестициски бум во општината, особено откако Владата со половина милион евра ги поддржа проектите за заживување на Арачиново. За време на неговиот мандат, општината која важеше за најголем неплаќач на данок и струја, почна да ги исполнува своите обврски кон државата.
„Арачиново повеќе не е „црна овца“, за 422 отсто годинава е зголемена наплатата на данокво споредба со минатата година“, изјави во декември 2023 година градоначалникот Ибраими, кој информираше дека од вкупно 2.675 регистрирани домаќинства, општината успеала да инкасира над 6 милиони денари (околу 98 илјади евра) по основ на локални даноци, што во споредба со 2022 година е раст од 422 отсто.