1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизвик од 699 километри: 150 години македонски железници

7 април 2023

Со каков квалитет на железничката инфраструктура се дочекува големиот јубилеј?

Железничка пруга, шини
Со каков квалитет на железничката инфраструктура се дочекува големиот јубилеј?Фотографија: BGNES

На 9-ти април во далечната 1873 година, во Велес пристигнал првиот воз од Солун, а со завршување на изградбата на железничката линија, на 9-ти август истата година прв воз од Солун пристигнал и во Скопје.

Сто и педесетте години од почетокот на оваа железничка приказна, воедно се и најдолгиот јубилеј на една македонска институција, кој денеска (7.04) свечено ќе биде одбележан во просториите на централната железничка станица во Скопје. Покрај свечената академија, ќе се отвори и постојана изложбена постановка - Историјата на македонските железници, како најава на планот за отворање Музеј на македонските железници.

Железници на РСМ до денес израснаа во Јавно претпријатие со инфраструктура во должина од 699 километри, која го опфаќа делот од Коридорот 10 - од Табановце до Гевгелија, но и делниците Велес-Битола, Велес-Кочани и Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево.

Сепак, и по 150 години од пристигнувањето на првиот воз од Солун, денес нема патнички превоз кон Солун, а на прашањето - зошто, одговор немаат ни раководителите на Железницата.

Безбедноста е приоритет

Но, повеќе интерес од меѓународниот, има за внатрешниот сообраќај, односно за безбедноста и квалитетот на железничката инфрaструктра.

ДВ го праша директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец - со каков квалитет на железничката инфраструктура го дочекуваме 150-годишниот јубилеј?

„Огромен проблем на целиот Балкан, но и во земјите членки на ЕУ е квалитетот на железничката инфраструктура. Сигурноста и безбедноста се врвен приоритет на секое железничко претпријатие. Неа ја сочинуваат квалитетот на пругата, сигналните уреди и телекомуникациските врски кои треба да бидат според највисоки европски стандарди“, објаснува Локвенец.

Сликата за овие клучни параметри кај нас е шаренолика.

„Во однос на сигнализацијата и телекомуникациските врски имаме еден од подобрите системи, а Центарот за управување е сместен во железничката станица Трубарево. Оттаму централизирано се следи целиот железнички сообраќај“, вели Локвенец.

За разлика од ова, проблем има со недостиг од браници и полубраници кои треба да се постават на сите места каде се вкрстува железничката со патната инфраструктура. Во моментов биле покриени 80 од вкупно 280 такви места, па приоритет останува комплетното завршување на тој процес.

Сигурноста и безбедноста се врвен приоритет на секое железничко претпријатие, вели ЛоквенецФотографија: Fotolia

Констатирано е дека во целиот регион железничките пруги се со прагови постари од половина век,а најстарите во РСМ и нешто повеќе од тоа.

„Кај нас најстарите прагови датираат од 1965 година, а по декларација нивната употреба треба да биде 20 години“, вели директорот.

На некои делови од железничката инфраструктура е потребна реконструкција, на други ремонт, односно промена на секој трет праг, а нова тенденција е тие да се заменуваат со бетонски. За разлика од праговите, за искористеноста на шините нема временски ограничувања, но и тие мора да исполнуваат одредени критериуми.

„Врвен приоритет на оваа Влада и на Железници на РСМ е безбедноста и сигурноста на железничкиот сообраќај, независно од брзината. Владата е насочена кон барање решeнија со поддршка од европски фондови, посебно од WBIF (Western Balkans Investment Framework)“, вели Локвенец.

Железничката станица во Гевгелија (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Со 20 километри на час

Деновиве корисниците на железничкиот сообраќај се жалат на бавното движење на возовите од Скопје кон Велес и обратно, кое во една насока трае и повеќе од два часа. Според Локвенец, тоа не е случајно, туку резултат на внимателност по спроведените испитувања со т.н. мерна кола, која ги оценува физичките карактеристи на пругата и дава извештај за моменталната состојба.

„Испитувањата ги врши независна, странска авторизирана куќа, која со мерна кола буквално ги крстари делниците и ги проверува сите параметри. За да се избегне ризик, по предлог на експерти од Железница, возовите сообраќаат со намалена брзина од 20 километри на час на потегот од станицата Рајко Жинзифов до Велес, а слични успорувања има кај Демир Капија и пред Миравци. Една критична точка е и мостот кај Стоби и тоа бара голем инфраструктурен зафат. Определувањето на брзината за сообраќање на пругата зависи од кондицијата и квалитетот на пругата, но и од геометријата - од радиусот на свиоците, кои на посочените места бараат успорување“, објаснува директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура.

Нови инвестиции

Должината на постојните пруги од 699 километри сега треба да се зголеми за 20 проценти со изградбата на планираните нови 150 километри на источното и западното крило на Коридорот 8.

Во моментов течат работите на големиот инфраструктурен проект- двете фази од изградбата на пругата кон Бугарија, која е дел од Коридорот 8. Тие кои ја опфаќаат делницата од Куманово до Бељаковце (31 километар) и од Бељаковце до Крива Паланка (34 километри). Според директорот, има евидентен прогрес на тековните активности и очекува изведувачите да ги завршат проектите во предвидениот рок. Тој најавува дека наскоро ќе се распише тендер и за третата фаза од пругата кон Бугарија. Во завршна фаза е подготовката на тендерската документација за надзорен инженер и за техничка помош, како и за изградба за последните 24 километри од железничката пруга кон Бугарија. Се очекува до крајот на годината да биде избран изведувач.

Крадци и тик-ток предизвици

За жал, железницата честопати е мета на крадци. Билтенот на МВР изобилува со информации за кражби на делови од системот за обезбедување на патните премини, кражба на делови од инфраструктурата и сигнализација.

„Дел од причините се лукративни. Но дел и заради ‘тик-ток предизвици’. Во Прилеп имаше таков случај на кражба на дел од сигнализација, кој не беше од лукративен интерес, ама можеше да има фатални последици. Други, пак, за интерес од 1.000 до 2.000 денари прават штета од неколку илјади евра, а најопасно е што ја загрозуваат безбедноста на патничкиот и товарниот сообраќај. Новиот министер за правда покажа интерес за нашта иницијатива - кражбите на делови од железничката инфраструктара во Кривичниот законик да се санкционират како диверзија, саботажа, тероризам...“, најави директорот на Инфраструктура.

Полициско возило пред железничката станица во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Причинетата штета од кражби на делови од железничка инфраструктура лани изнесувала над 19 милиони денари, а од почетокот на годинава околу 3,6 милиони денари.

На оние, пак, кои градат и придонесуваат, особено во културата, Железницата наскоро ќе им приреди пријатно изненадување.

„Ја користиме оваа прилика да најавиме дека прекрасниот амфитеатар со капацитет од 250 седишта во следниот период ќе биде понуден на македонската алтернативна културна сцена како придонес и поддршка за неа, која е важен елемент во целината наречена македонски национален идентитет“, најави Локвенец.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми