1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот на СДСМ за „вин-вин решение“ утре пред јавноста

24 септември 2025

И неодамнешните средби на Венко Филипче во Париз беа „во функција на промоција на резолуцијата“, најавена како национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија.

Маж во темен костум стои, Венко Филипче, на говорница пред микрофони, зад него се знамиња на СДСМ, Северна Македонија и ЕУ
Претседателот на СДСМ,  Венко Филипче, утре ќе го соопшти предлогот за резолуција за црвените линии во преговорите со ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Драфт верзијата на Резолуцијата за црвените линии и преговори со ЕУ, која СДСМ ја најави на почетокот на септември, ќе биде објавена утре (25.9.). По критиките во јавноста дека до денес нема ништо од тој документ, претседателот на СДСМ,  Венко Филипче,  вчера соопшти дека предлогот е финализиран и објасни зошто не бил готов порано.

„Многу внимателно пристапивме кон овој процес, имајќи предвид дека станува збор за една чувствителна тематика. Тоа бараше консултации со многу експерти од делот на правото и меѓународното право“, рече Филипче.

Критикувајќи го застојот на европскиот пат, претседателот на СДСМ, за првпат навести таков документ во тв-интервју кон крајот на август.

„Ајде тогаш да донесеме заедничка резолуција во  Собранието,  во која ќе ги кажеме  нашите црвени линии.  Еве, ако тоа се случи, ново вето, да ги прекинеме преговорите со ЕУ“, повика Филипче.

На втори септември и официјално најави дека  СДСМ  работи на документ за национален консензус, според кој, решението нема да биде ни наметнато, ни затворено, туку ќе биде објавено како работна верзија за јавна и политичка дебата, каде сите чинители ќе можат да го дадат својот придонес. Истото го потенцираше и вчера - очекува сите партии во Собранието да го дадат своето мислење за да се изгради еден заеднички став, како што вели, за најважната тема во моментов за државата - во контекст на нејзиниот развој, во контекст на иднината и во контекст на најновите геополитички случувања.

Има ли соодветен тајминг?

Филипче претходно изјавуваше дека е најдобро партиите прво да ја разгледаат предложената резолуција, да дадат нивни предлози, а потоа сите заедно да дебатираат во Собранието.

Во однос на тајмингот, а со цел да се спречи злоупотреба на темата, предлагаше резолуцијата да се разгледува до локалните избори и да се даваат сугестии, а веднаш по изборите да се дебатира за неа. Но, не исклучи и предизборно дебатирање.

„Можеме и претходно, јас сум отворен за сите опции“, рече тој.

Од партиите чекаат да го видат документот, а дел од нив се сигурни дека дебатата ќе се излее на јавен терен во предизборниот период, со оглед дека токму во таков период предлогот ќе биде доставен. Медиумите, пак, потсетуваат дека во 2021 година во Собранието речиси едногласно пратениците изгласаа Резолуција за црвените линии и заштита на македонскиот идентитет и јазик, но тоа не беше пречка владата на Ковачевски да го прифати т.н. францускиот предлог.

Консулатации дома, но и надвор

Пред да стигне предлогот во Собранието, намерата за таква резолуција беше и во фокусот на разговорите на Филипче при неговата еднодневна посета на Париз, во првата половина на септември. Тој таму одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција - Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, со директорот за континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.

СДСМ соопшти дека средбите на Филипче „биле во функција на јакнење на поддршката за Македонија и промоција на резолуцијата што СДСМ ја подготвува како вин-вин решение за државата и граѓаните". 

Според Филипче, македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка, а резолуцијата ја смета за национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од  Бугарија во текот на преговорите, ако тие на било кој начин излегуваат од Преговарачката рамка.

Прегазени линии

На прашањето - зошто е потребна нова резолуција ако ништо не е загрозено -  премиерот Мицкоски во интервју за ДВ овој месец изјави дека „проблемот е што Филипче и оваа гарнитура на СДСМ го загубија кредибилитетот да зборуваат за црвени линии, откако претходно нема црвена линија што не ја пречкртаа".

Премиерот Христијан Мицкоски го обвинува СДСМ за „прегазени линии“Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Прво самите поддржаа декларација што гарантираше непромена на името, па потоа го сменија. Веднаш потоа рекоа 'ајде на референдум за името', а потоа не ги признаа резултатите откако тој пропадна. Потоа се обврзаа на декларација за заштита на националните интереси пред бугарските барања - нешто што го предложи ВМРО-ДПМНЕ - и на тацна го донесоа  францускиот предлог,  а Филипче го бранеше дека тоа е најдоброто нешто за државата. Воедно, тука има и едно лицемерие. Од една страна Филипче се опкружува со некакви црвени линии, а во исто време вели дека промената на Уставот, каква што е содржана во францускиот предлог, е најдоброто нешто за државата. Тогаш зошто му се црвени линии? Сакам да кажам дека и комита и јаничар во исто време не може“, изјави  Христијан Мицкоски.

Смета дека тоа е обид да се наметне тема што би привлекла внимание, а ВМРО-ДПМНЕ со нетрпение чека да ги види неговите црвени линии.  

Вето од соседите

Застојот на евроинтегративниот пат и причините за тоа беа посочени и во вчерашното обраќање на претседателката  Гордана Сиљановска Давкова  на Годишниот самит на Конкордија, во Њујорк. 

„Она што Обединетите нации се за светот,  Европската унија  е за Европа - мултилатерален проект со една врвна цел - мир на континентот. Тоа го постигнува преку проширувањето врз основа на Kопенхашките критериуми – демократија, владеење на правото, човекови права и слободи, и пазарна економија", пренесе МИА дел од обраќањето на претседателката.

Ако регионот на Западен Балкан сака да биде дел од ЕУ мора да се поддржува меѓу себе, истакнала македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Њујорк, архивска фотографија од нејзиниот говор во ОН Фотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Таа нагласила дека Европската унија не може да го брани мултилатерализмот во светот, ако го изневерува на својот континент. „Проширувањето не е техничко прашање, туку тест за тоа дали ЕУ ќе го одбере патот на concordia или discordia, дали ќе биде Унија на правила и стандарди, или Унија на двојни стандарди и контрадикции", кажала претседателката.

Според неа, ако регионот на Западен Балкан сака да биде дел од ЕУ мора да се поддржува меѓу себе.

„Како можеме да очекуваме да бидеме разбрани од ЕУ, ако не се разбираме меѓу себе. Треба да се разбираме и поддржуваме, онака како што Шведска, Данска и Норвешка го правеа за балтичките земји. Тие апсолутно ја поддржуваа нивната евроинтеграција и резултатот е очигледен. Но, за разлика од нив нашите соседи често користат вето, а за членство е потребен консензус и ако една земја не се согласува, не можете да станете членка на ЕУ“, посочи Сиљановска Давкова.

Билатерализацијата - загрозувачи инструмент

Претседателката смета дека е крајно време да се направат промени во ЕУ за начинот на одлучување, а тоа, како што посочи, неодамна го кажа и претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен. Но, и за тоа е потребен консензус во ЕУ.

„Тоа создава проблем. Ние можеме да направиме се што е потребно во економијата, реформите, но сепак, нашите преговори зависат од нашите соседи", посочила претседателката.

Уште еднаш порача дека во нашиот регион треба да се поддржуваме меѓусебно.

„Сите имаме одговорност во регионот. Мислам дека билатерализацијата е загрозувачи инструмент за евроинтеграцијата. Тоа што и се случува на  Македонија во иднина може да и си случи на друга земја кандидат. Проблемот на проширувањето не е само поголема ЕУ, туку има и безбедносен аспект. Во контекст на актуелниот опасен геополитички момент, би било добро што побрзо да станеме членка на ЕУ. Сега е моментот што треба да се искористи, не само од земјите од Западен Балкан, туку и од ЕУ. Сега е последен момент да бидеме разбрани", порача Сиљановска Давкова.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми