1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСирија

Најстрашните земјотреси во светот

Андреас Нол
9 февруари 2023

Со интензитет од 7,8 степени и илјадници загинати, земјотресот во Турција и во Сирија е една од најтешките природни катастрофи во изминатите 100 години. Во овој период, меѓутоа, имаше многу други силни земјотреси.

Целосно уништено: Селото Беснија во Сирија по земјотресот на 6 февруари 2023 година
Целосно уништено: Селото Беснија во Сирија по земјотресот на 6 февруари 2023 годинаФотографија: OMAR HAJ KADOUR/AFP

Историјата на природните катастрофи покажува дека и најстрашните земјотреси може за луѓето да поминат лесно, а и помали потреси да предизвикаат големо страдање. Фрламе поглед кон некои од најстрашните потреси во историјата на светот:

22 мај 1960 година: Големиот земјотрес во Чиле

Дури на 9,5 степени показалецот на магнитудата застана. Никогаш претходно и никогаш потоа уреди за мерење на интензитетот на земјотреси не регистрирале вакво нешто како на 22. мај 1960 година на јужното крајбрежје на Чиле. При земјотресот во Валдивија, кој останува запаметен како „Големиот потрес во Чиле”, две континентални плочи се триеле на повеќе од 30 метри и притоа била ослободена огромна количина енергија која пролетта 1960 година цели градови во рок од 10 минути престори во руини и ја промени географијата на цел еден регион.

Распукана улица: Жителите ги гледаат пукнатините на земјата во Валдивија, Чиле по земјотресот на 22 мај 1960 годинаФотографија: Getty Images/AFP

Околу 6 илјади лица загинаа во земјотресот. Од денешна перспектива погледнато, Чиле најсилниот потрес во историјата го поминал и релативно „лесно”. Во цунамито предизвикано од потресот, подоцна загинаа уште 130 лица во Јапонија и 61 на Хаваи.

27 март 1964 година: Земјотресот на Велики петок на Алјаска

САД од овој земјотрес само маргинално беа потресени, но затоа пак четири години подоцна на црниот петок земјата стана епицентар на вториот најсилен земјотрес регистриран во историјата на човештвото. Познат како „Големиот потрес од Алјаска” со јачина од 9,2 степени по Рихтеровата скала, земјотресот на 27. март 1964 година уништи големи делови од инфраструктурата на Јужна и Централна Алјаска. Но, САД пред речиси 60 години имаа среќа во несреќа.

Уништена улица во Енкориџ по земјотресот на 27 мај 1964 годинаФотографија: U.S. Army

Со оглед на тоа дека беше петок спроти Велигден, учениците не беа во училиштата кои по 4-минутното тресење паднаа како кула од карти, а и за многу компании исто така беше неработен ден. И покрај тоа во главниот град во земја пропаднаа цели улици, а крајбрежните места беа поплавени од огромен бран цунами. Многумина од 139-те загинати всушност се удавија.

26 декември 2004 година: Цунами во Индискиот Океан

Кога има потрес под морето или во близина на море, постојано се случуваат цунамија. Тие предизвикуваат смртни случаи многу далеку од епицентарот, каде што луѓе се закопани под руините. Во земјотресот што се случи зимата во 2004 година на 85 километри пред северозападниот брег на индонезискиот остров Суматра, немаше луѓе затрупани под урнатини.

Моќта на природата: Селани на Филипините гледаат во рибарски чамци исфрлени на брегот од цунамитоФотографија: picture-alliance/AP Photo/G. Singh

Смртоносната сила потресот ја разви преку многубројни и до 30 метри високи бранови во кои загинаа повеќе од 240 илјади лица во 14 соседни пацифички држави. Со јачина од 9,1 степени тоа беше не само еден од најсилните измерени потреси на светот, туку и со посебно голем број на жртви.

11 март 2011 година: драма во Фукушима

И големиот земјотрес што се случи на 11. март 2011 година пред јапонскиот регион Тохоку се памети како најголема нуклеарна катастрофа во изминатиот четврт век. Со магнитуда од 9,1 степени потресот предизвика и цунами бранови кои преплавија 500 километри квадратни површина од јапонското крајбрежје на Пацификот. Околу 22 илјади лица како последица на природната катастрофа го изгубија животот, а околу 400 илјади објекти беа целосно уништени.

Уништување колку што досега погледот: Малиот јапонски град Оцучи по земјотресот и цунамито од март 2011 годинаФотографија: Asashi Shimbun/epa/dpa/picture alliance

Откако 14 метри висок бран ја зафати нуклеарната централа Фукушима, таму се случија серија несреќи и беше ослободено радиоактивно зрачење. Како резултат на ова, повеќе држави го ревидираа својот став во однос на атомската енергија.

23 јануари 1556 година: Тажен рекорд на жртви во земјотресот во Шанши

Кога кинеските дворски хроничари ги ставија на хартија нивните мрачни сознанија по 23. јануари 1556 година, светот околу нив беше во урнатини. „На некои места земјата се отвори и вода извираше од неа. На други места градските ѕидови и цели куќи пропаднаа во земја. Планини настанаа каде што претходно била долина.

На некои места имаше повеќе потреси во еден ист ден, на други потресите не престануваа со денови”, се вели во списите. Околу 830 илјади идентификувани мртви имало во потресот кај Шанши кој ретроспективно пресметано имал јачина од 8,25 степени. Епицентарот бил околу 80 километри североисточно од Шанши. Во одредени предели повеќе од две третини од населението загинало во потресот. До денес немало земјотрес кој однел толку животи како овој во 16-тиот век во срцето на Кина.

28 јули 1976 година: земјотрес во Тангшан

На 28. јули 1976 смртта за стотици илјади дојде среде ноќ. Околу 03:42 часот по локално време земјотрес со јачина 7,1 степени речиси целосно го уништи градот Тангшан кој денес брои повеќе од седум милиони жители.

Се урнаа како куќички од карти: Тангшан по земјотресот од 28 јули 1976 годинаФотографија: Imago/Xinhua

Епицентарот тогаш беше на 20 километри југозападно од Тангшан, но потресите ги почувствувале и во 140 километри оддалечениот главен град Пекинг. Во повеќе од пет милиони куќи по земјотресот веќе немаше услови за живот, властите официјално регистрираа 242 илјади мртви, но проценките се дека имало до 650 илјади загинати со што овој земјотрес би можел да биде со најголем број жртви во последните 100 години и втор најстрашен во историјата на човештвото.

16 декември 1920 година: земјотрес во Гансу

И повторно Кина... Во 20-тите години на минатиот век имаше повеќе земјотреси во источна Азија. Со повеќе од 200 илјади загинати земјотресот во Гансу на 16. декември 1920 имал најмногу последици во историјата на Република Кина, која постоела од 1912 до 1949 година.

Во кинеската провинција Гансу потресите се честа појава: По земјотресот на 22 јули 2013 година, една жителка седи на урнатините од нејзината куќаФотографија: AFP/Getty Images

Потресите со јачина од 7,8 степени ги изненадија луѓето околу 20:06 часот по локално време. Во епицентарот во Централна Кина речиси сите живеалишта беа уништени - наедно место ерозија на земјиште закопа цело село. Околу епицентарот на повеќе места земјата се отворила, а имало и бројни ерозии. Реките надошле, или сосем го промениле својот тек.

12 јануари 2010: Хаити до денес страда од катастрофата

Кога денес ќе се случат силни потреси, меѓународната машинерија за хуманитарна помош веќе неколку часа по земјотресот функционира со полна пареа. Така беше и на 12 јануари 2010 кога во Хаити околу 16:53 часот се тресеше земјата. Со магнитуда од 7,0 земјотресот не е меѓу најсилните во последниот век, но сепак имаше најстрашни последици.

Трауматизирани, повредени и очајни: жителите на главниот град Порт-о-Пренс неколку дена по земјотресот на 12 јануари 2010 годинаФотографија: Getty Images/AFP/J. Barret

Најсиромашната земја во западната хемисфера беше неподготвена за таква катастрофа. До 90% од куќите во некои региони беа уништени. Точен број на жртви нема ни до денес. Проценките на меѓународните организации се движат меѓу 200 и 500 илјади жртви. Земјата која е пренаселена и со која владее корумпирана елита, и покрај меѓународната помош до денес не успеа да се соземе од оваа катастрофа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми