1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предвремени избори: Нема план, но може да има тригер

21 август 2026

Од досегашните 11 парламентарни избори во земјата, 5 беа предвремени, а 6 редовни.

Поглед кон просторија (лево) во која се наоѓаат две гласачки кутии со македонски знамиња на нив. На влезот во просторијата (десно) има лист со македонското знаме над кое пишува: Гласачко место бр.
Предвремени парламентарни избори - реална можност или само шпекулации?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Ќе има ли предвремени парламентарни избори? Прашањето кое  повремено се акцентира годинава, делумно наликува на ладна проба за тестирање на расположението кај партиите и јавноста, но и на нагаѓање - каков „тригер“ евентуално би можел да предизвика потреба од тоа?

„Граѓаните не сакаат избори, туку реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада“, одговори вчера премиерот на новинарско прашање во однос на ова прашање.

„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме влада четири години. Но доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, се разбира дека ние како кукавици нема да седиме настрана, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно. И се разбира дека ќе ги победиме“, изјави премиерот.

Мицкоски: Граѓаните не сакаат избори, туку реформи и континуитет на процесите што ги води оваа ВладаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ова не е нов став на премиерот, кој потсетува дека редовните избори се во 2028 година. Не е нов ни ставот на опозициската СДСМ.

„СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, со тим, програма и нов Мастер план за Македонија, но нема да биде алиби на Христијан Мицкоски за избори. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго“, рече Филипче.

ДУИ сака нова проверка

Од ДУИ го бараат токму тоа - предвремени избори, со оценка дека на земјата и е потребен нов политички мандат. Уште кога завршија двојните избори во 2024 година (парламентарни и претседателски) ДУИ го отвори ова прашање, со критика дека коалицијата ВЛЕН нема изборен легитимитет да учествува и да ги претставува Албанците во власта. Се бараа предвремени избори во пакет со локалните во 2025 година, со математика за „три во едно“.

Образложението беше дека ако во 2025 се одржат и локални и предвремени параламентарни, тогаш во 2029 година заедно со редовниот термин за избор на нов шеф на државата, би дошол и редовен термин за избор на централна и локална власт.

Реконструкцијата ги засени шпекулациите

Тоа не се случи, но се зголемија шпекулациите дека предвремени избори би можело да има во пролетта 2027 година. Но, летната реконструкција на Владата ги расколеба ваквите шпекулации, зашто би изгледала како џабе потрошено време ако реконструираниот состав опстои само половина година, за потоа да го отстапи местото на техничка влада во почетокот на 2027 година. Досегашните образложенија беа дека Владата нема план за предвремени избори, но мора да биде подготвена ако има политички предизвици, односно конкретен тригер.  

Од ДУИ го бараат предвремени избори, со оценка дека на земјата и е потребен нов политички мандат.Фотографија: DW/S. Toevski

Од досегашните 11 парламентарни избори во земјата, 5 беа предвремени, а 6 редовни. Се одржаа во 1990, 1994, 1998, 2002, 2006, 2008 (предвремени), 2011 (предвремени), 2014 (предвремени), 2016 (предвремени), 2020 (предвремени) и во 2024 редовни. Во период од речиси една деценија, вонредните парламентарни избори станаа зашитен знак на мандатите на Никола Груевски, кој на две или три години го ставаше на проверка изборниот легитимитет. Од друга страна, според статистиката на Moven Mapping, платформа за геополитика, која низ статистики и графички приказ анализира политички и светски теми, С. Македонија не е меѓу земјите во кои се случуваат брзи премиерски „вртелешки“. По падот на Груевски, од 2016 година земјата имала 6 премиери, но во таа бројка се вклучени и „техничките“.

Предности и последици

Предноста на вонредни парламентари избори главно е проверка/потврда на легитимитетот и дадената доверба да се спроведува програмата што била презентирана пред избирачите, особено во време на позначајни одлуки. Но праксата на чести избори има и последици. Тие може да резултираат со состојба на перманентна изборна кампања, која не завршува со крајот на изборите, туку трасира натамошен пат за постојан натпревар меѓу партиите, во кој главниот акцент не е ставен на реформи, туку на политички маркетинг, анкети и пиар стратегии. Последици од таквата пракса се доминантно градење на изборна, а не на институционална и реформска кондиција, постојан фокус врз рејтинзи а не врз проблеми што чекаат решавање, како и економски застој заради воздржување на бизнисите од инвестиции поради политичка неизвесност. Во истиот период присутно е и времено парализирање на институциите, бидејќи поради изборите законски им се ограничени нивни редовни активности. Меѓу последиците е и кумулативниот замор кај граѓаните од избори, што може да го намали нивниот интерес за гласање, односно излезноста, и да ги направи несензитивни на каква било изборна мобилизација. 

Филипче: СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишаниФотографија: SDSM

Широка база

Но последново и не мора да биде ризик фактор во земји каде висок процент на граѓаните се членови на партии, бидејќи тоа гарантира широка база за сигурна изборна мобилизација. Интересни податоци во овој контекст откри публикацијата „Компаративно истражување на изборните системи - првични национални наоди за Република Северна Македонија што се однесуваат на изборите од април и мај 2024 година“ на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Врз база на повеќефазен стратификуван примерок и спроведени вкупно 1.056 анкети, се покажало дека секој седми граѓанин (13%) е формално член на политичка партија, што не било многу помалку од 2017 година (13,6 %). За споредба, просекот во земјите во ЕУ е од 3 до 5 проценти.

Регионално, стапката на членство била највисока во Скопскиот (17%), Полошкиот (16%) и Југоисточниот регион (15%), а најниска во Источниот (6%). Речиси половина од оние што се изјасниле дека се членови (47%) известиле дека учествуваат во партиски активности најмалку еднаш месечно или почесто, а третина (33%) дека такви активности имаат неколку пати годишно. Само секој десетти член (11%) имал партиска активност еднаш годишно, а мало малцинство од под 5% - никогаш.

„Значи, повеќето членови на политички партии имаат значителни партиски ангажмани во текот на една година, податок што упатува на значителна социјализација на граѓаните преку партиските инфраструктури“, се наведува во публикацијата.

Учество во мобилизациски активности

Интересни се и искажаните ставови на испитаниците за значајноста на изборите. За две третини од нив, односно 66%, изборите во земјава се многу или донекаде значајни. Во однос на честота на гласање на избори, 47% проценти од испитаниците се изјасниле дека редовно, односно секогаш излегуваат на избори, а дополнителни 30% дека често излегуваат на избори. 

Мнозински деч од македонските граѓани сметаат дека изборите се значајниФотографија: Petr Stojanovski/DW

Една четвртина присуствувале на митинг или на помал настан од кампањата, како средба со граѓани; една третина биле посетени во своите домови од активисти кои им ја претставиле изборната програма; а речиси половина добиле рекламен материјал од политичките партии. Секој осми испитаник истакнал партиска/кампањска ознака на себе или на објектот каде што живее, а секој десетти бил директно инволвиран, односно работел на некоја изборна кампања на политичка партија или на кандидат.

Ова покажува дека граѓаните земале значително учество во мобилизациските активности на политичките партии во текот на изборната кампања.

Доколку изборите се одржат во редовниот термин тоа би значело техничка влада на крајот на 2027 или во почетокот на 2028 година, и парламентарни избори во април/мај 2028 година.

Од 1990 до 2024 година се одржаа три национални рефрендуми, 11 парламантарни избори, 8 локални избори и 7 претседателски. Ако се собере бројот на овие гласања, произлегува дека граѓаните, во просек, излегувале пред гласачките кутии во периоди покуси од две години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми