1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Предвремено гласање во САД - рекорден одзив во Џорџија

ЕМФ | агенции
16 октомври 2024

Во неколку американски сојузни држави на гласачите веќе им е дозволено да гласаат на претседателските избори. Тоа досега го направиле повеќе од пет милиони луѓе. Рекордна излезност се забележува во Џорџија.

САД Џорџија гласање
Особено голем број гласови се дадени во американската сојузна држава ЏорџијаФотографија: Robin Rayne/ZUMA/picture alliance

Во САД почна предвременото гласање за претседателските избори на 5 ноември - со писмо или лично во веќе отворените избирачки места. Според податоци на Универзитетот Флорида, ваквата можност веќе ја искористиле околу пет милиони избирачи.

Особено голем број гласови се дадени во американската сојузна држава Џорџија, која е една од сојузните држави кои може да имаат одлучувачка улога на овие избори. По отворањето на избирачките места, до 16 часот по локално време биле дадени 251.899 гласови, објави Габриел Стерлинг, еден од одговорните лица. Ова е рекорден број за првиот ден - речиси двојно поголем отколку на изборите во САД во 2020 година. Тогаш на првиот ден во Џорџија беа дадени 136.000 гласови.

Анкетите предвидуваат исклучително тесна трка на претседателските избори, на кои кандидати се демократката Камала Харис и републиканецот Доналд Трамп. Овие избори важат и за одлучувачки за иднината на демократијата во САД. Според американскиот изборен систем, претседателот/ката се избира индиректно од 538 електори. Кој зад себе има најмалку 270 од овие гласачи, ќе победи на изборите. Исходот во Џорџија, со нејзините 16 електорски гласови, се смета за особено неизвесен.

Спор околу правилата за броење гласови

Доналд Трамп на изборите во Џорџија во 2020 година загуби тесно од актуелниот претседател Џо Бајден. Тогаш републиканецот тврдеше дека изборните резултати се фалсификувани. Трамп беше обвинет во Џорџија и на федерално ниво за обид за поништување на изборните резултати.

Во Џорџија сѐ уште има спор околу правилата за броење гласови. Од една страна, се оспорува регулативата за која одлука донесе прорепубликанската изборна комисија, во која се вели дека гласачките ливчиња мора да се бројат не само со машини, туку и со рака. Исто така, сè уште не е јасно дали раководителите на изборите во одделни области имаат овластување да ги оспоруваат резултатите или не, во случај да постои сомневање во резултатите од пребројувањето.

Судијата Робер Мекбарни во Џорџија вчера (15.10) привремено го поништи прописот за проверка на бројот на гласови со рачно броење на гласачките ливчиња. Тој во својата одлука вели дека промената треба да се суспендира, бидејќи внесува нови несигурности во процесот само неколку недели пред денот на изборите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми