1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговарач за ЕУ има, волја нема

18 септември 2024

Високата цена што ја плати Македонија за влез во НАТО може тројно да порасне за влезот во ЕУ ако ВМРО-ДПМНЕ направи реприза на владеењето на Груевски. Пишува Соња Крамарска.

Македонската влада сака во ЕУ, но не е подготвена да ја исполни преговарачката рамка што ја прифати претходната влада.Фотографија: DW/F. Schmitz

Преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ се замрзнати, но Владата сепак назначи главен преговарач. Тоа е добра вест, барем знаеме дека евроинтеграциите сѐ уште постојат во владината агенда. Но освен оваа вест, сите други вести околу исполнувањето на стратешката цел на нашата земја се песимистички. Владата сака во ЕУ, но не е подготвена да ја исполни преговарачката рамка што ја прифати претходната влада. Премиерот Мицкоски ќе го почне убедувачкиот поход од утре (четврток 19.09.2024) со посета на Брисел, во обид да објасни дека на Владата и се потребни гаранции дека бугарските барања се последната пречка кон ЕУ. Кои, се разбира, нема да ги добие. 

Но, барем министерот за европски прашања Орхан Муртезани е оптимист. „На денешната седница на Влада бев назначен за главен преговарач со Европската Унија, задача која јас ја земам со голема одговорност и чест. Патот може да ни е долг, но дестинацијата ни е конечна. Ние сме ЕУ!“, порача тој преку Фејсбук по повод новата улога на главен преговарач што му ја додели Владата. За да бидат сигурни дека главниот преговарач нема да застрани во дијалогот со Брисел, тој си доби и заменик – преговарач во неговата заменичка на министерската функција – Викторија Трајков. Балансот е повеќе од очигледен: министерот Муртезани припаѓа на меката линија во власта за внесувањето на Бугарите во Уставот, додека заменичката Трајков е претставник на тврдата линија. 

Така Македонија ќе се движи кон ЕУ тетеравејќи се во зависност која сила повеќе ќе влече: тврдата или меката. Владата, паралелно со одлуката за нов преговарач и заменик, најави и нова преговарачка структура за евроинтеграцискиот процес. За очекување е и таму да се балансира составот на членовите, затоа што иако на прв поглед во власта има кохезија, околу условот за продолжување на замрзнатите преговори со ЕУ има различни мислења. Коалицијата ВЛЕН пред да го постигне коалицискиот договор со ВМРО-ДПМНЕ објави дека нивниот услов за влез во Владата е за шест месеци да се направат уставните промени за внесување на Бугарите во Уставот. На почетокот на август, тие се откажаа од рокот наведувајќи ја како причина политичката нестабилност во Бугарија и претстојните избори, седми во изминатите три години. 

ВМРО-ДПМНЕ кокетира со ДУИ                                   

ВЛЕН набрзо ќе се најде во непријатна ситуација поради битката со ДУИ што ја водат во албанскиот кампус. Пред изборите ДУИ формираше таканаречен Европски фронт со алузија дека нивната следна заложба ќе биде зачленување на Македонија во ЕУ. ВЛЕН и ДУИ засега успешно се одбегнуваат, но неминовно ќе дојде до судир бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не крие дека кокетира со ДУИ. Минатата среда (11.09.2024) Мицкоски намерно или не, уште еднаш потврди дека имал средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети кога се менуваше Законот за организација на работата на органите на државната управа за кој му беше потребно двотретинско мнозинство. Средбата вроди со плод и ДУИ ги испорача потребните гласови за да се исполни овој услов. На ред се измените на Законот за локална самоуправа за кој исто така е неопходно двотретинско мнозинство, кое ако повторно го обезбеди ДУИ, ВЛЕН навистина ќе има причина за загриженост. Пораката која се провлекува низ парламентарните математики, до ВЛЕН, е дека тие се заменливи и дека ДУИ со една нога е веќе во власта. 

Оттука, ако ВЛЕН ја загуби својата специфика да биде поттикнувач на евроинтеграцискиот процес ќе остане само со барањата за паралелна научна академија кои наидоа на општа осуда во државата и со палавиот шеф на парламентот Африм Гаши кој ја нагризува популарноста на ВМРО-ДПМНЕ и може да предизвика реконструкција на владејачката архитектура. Или подиректно кажано евроинтеграциите се единствениот адут на ВЛЕН во услови кога ВМРО-ДПМНЕ дава сигнали дека ќе преговара со Брисел и со Софија за да не се договори, а внатрешниот притисок за забрзување на патот кон членство во ЕУ ќе расте правопропорционално со забавениот раст на економијата. Основната лекција што ја знаат владите на Балканот е дека економијата расте само со членство во ЕУ, а не со реформи за купување време за што подолго да се остане на власт.

Реформите (не) се поважни од ЕУ 

Обединувањето на ВЛЕН и ДУИ за спас на Африм Гаши од интерпелацијата од друга страна навестува дека ВМРО-ДПМНЕ на долгорочна патека може да се најде во изолација на политичката сцена поради тактизирањето со продолжувањето на преговорите со ЕУ. Тоа води кон лоша реприза на владеењето на Груевски. Високата цена што ја плати Македонија за влез во НАТО со промената на името, може тројно да порасне за влезот во ЕУ бидејќи како што анализира Политико разгледувајќи го новиот состав на Европската комисија, „следните пет години ќе бидат клучни за проширувањето на блокот со Украина, Молдавија и Западен Балкан“. Надежта што ја полага Владата во унгарското претседателство е само шарен балон затоа што тоа истекува на крајот на 2024 година, и практично ништо во нашата евроинтеграција не зависи од Будимпешта или од тамошниот премиер Виктор Орбан кој е новата икона на ВМРО-ДПМНЕ. 

Новата „влада" на ЕУ од вторникот (17.09.2024) е спремна да ги зазеде своите позиции и најмалку што може Владата, пак, во Скопје е чесно и отворено да им каже на граѓаните – да се надеваат или не дека ќе станат европјани. Приказните дека реформите дома се поважни од членство во ЕУ се веќе видено сценарио кога претходната влада на Груевски изгуби десет години залудно чекајќи НАТО и САД да ја притиснат Грција да отстапи од барањето за промена на името. За почеток треба од Владата да добиеме цврсто уверување дека не само што се за ЕУ туку и дека ќе го остварат тој сон на граѓаните на Македонија.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми