1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Преговори Украина-САД: Мировниот план зависи од Русија

ЕМФ | агенции
6 декември 2025

Украина и САД на нивните разговори во Флорида се согласија дека напредокот кон можна мировно спогодба сега зависи од Русија.

САД Флорида 2025 | Стив Виткоф, Марко Рубио и Џеред Кушнер го слушаат Рустем Умеров
Учесниците на разговорите во Флорида, според Стејт департментот, се согласиле „за рамката на безбедносните мерки (…) и мерките за одвраќање“, кои „се неопходни за одржување на траен мир“ во случај на договорФотографија: Chandan Khanna/AFP

Можниот мировен договор сега зависи од подготвеноста на Русија за долгорочен мир, согласни се Украина и САД кои водат разговори во Флорида.

„Двете страни беа едногласни дека вистинскиот напредок кон постигнување договор зависи од тоа дали Русија е подготвена сериозно да се заложи за долгорочен мир“, се наведува во изјавата на американскиот Стејт департмент објавена во петок (локално време). За денеска (6.12) се договорени нови разговори.

САД и Украина се согласуваат за рамка на безбедносни мерки

Учесниците на разговорите во американската сојузна држава Флорида, според Стејт департментот, во петок (5.12) се согласиле „за рамката на безбедносните мерки (…) и мерките за одвраќање“, кои „се неопходни за одржување на траен мир“ во случај на договор. Истовремено е нагласено дека заложбата на Русија за мировен договор мора да вклучува „мерки за деескалација и прекин на убивањата“.

Трета рунда разговори за американскиот мировен план

На третата рунда разговори меѓу САД и Украина, планирана за денеска, дискусиите за американскиот план за завршување на војната во Украина треба „натамошно да се унапредат“, се додава во изјавата.

На разговорите од американска страна учествуваа специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џеред Кушнер, советник и зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Умеров: Приоритет е независноста и суверенитетот на Украина

Украина ја претставуваа Рустем Умеров, главен преговарач и претседател на националниот Совет за безбедност, како и началникот на Генералштабот, Андриј Хнатов.

Според Стејт департментот, Умеров потврдил дека приоритет за Киев е да ја заштити „независноста и суверенитетот“ на земјата.

Умеров уште минатиот викенд се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Виткоф и Кушнер во Флорида. Во вторникот Виткоф и Кушнер се сретнаа меѓу другото и со шефот на Кремљ, Владимир Путин во Москва за да разговараат за крај на војната во Украина. Средбата која траеше неколку часа не донесе пробив.

Ушаков: Срдечна средба во Москва

Во петокот, советникот на Кремљ, Јури Ушаков – кој учествувал на преговорите заедно со Путин – позитивно се изрази за атмосферата на разговорите. Петчасовната средба била срдечна, изјави Ушаков за руската државна телевизија. Особено Путин и Виткоф воделе „навистина пријателски разговор“ и „совршено се разбирале“. Како „многу корисен“ се покажал и советникот на Трамп, Кушнер.

Средбата во Москва, според Стејт департментот, била предмет и на втората рунда разговори меѓу САД и Украина во Мајами.

Основата на тековните преговори е планот за Украина што САД го предложија пред речиси три недели. Првичниот нацрт, кој се сметаше за многу наклонет кон Москва, беше изменет во клучни точки на инсистирање на Украина и нејзините европски сојузници.

Според првичниот план, Украина требаше да се откаже од членство во НАТО, да ги намали своите вооружени сили и да го предаде целиот Донбас на истокот на Украина на Русија – вклучително и области кои сè уште не се окупирани од Русија. За ревидираната верзија на планот досега е познато малку.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми