Зеленски и натаму јасно одбива територијални отстапки
9 декември 2025
Во преговорите за можно мировно решение, Украина и натаму категорично одбива да отстапи територии на Русија. Во понеделникот (8 декември, 2025), на состанок во Лондон, украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно разговараше за мировниот план предложен од САД со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Тој план е скратен од оригиналните 28 на 20 точки и сега треба повторно да се достави до американската влада.
„Отворено беа исфрлени антиукраинските ставови“, го цитираше новинската агенција ДПА украинскиот претседател. Ова првенствено се однесува на обемните територијални отстапки на истокот од Украина, што ги бара Русија. „Според законот, немаме никакво право на тоа - ниту според законот на Украина, ниту според нашиот Устав, ниту според меѓународното право, да бидеме искрени“, рече Зеленски.
Жестока борба околу мировниот план
Првата верзија на мировниот план, која САД ѝ ја предадоа на Украина кон крајот на ноември, наиде на остри критики од украинската влада и од ЕУ. Планот, се чинеше, беше премногу насочен на руските барања за прекин на војната која трае од 2022 година. Оттогаш, се води борба за компромис.
По разговорите во Лондон, Зеленски отпатува во Брисел за да ги информира лидерите на ЕУ и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за состојбата на разговорите со САД за можно мировно решение. ЕУ повторно ѝ вети на Украина целосна поддршка. „Целта е силна Украина, и на бојното поле и на преговарачката маса“, нагласи шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.