Напад на леви екстремисти на фабриката Тесла кај Берлин?
5 март 2024„Групата Вулкан“, класифицирана како левичарска екстремистичка организација, ја презеде одговорноста за „нападот врз снабдувањето со електрична енергија“ во близина на фабриката Тесла во околината на Берлин, во знак на протест против американскиот производител на автомобили. „Денес извршивме саботажа на Тесла", се вели во писмото на групата. Бранденбуршката полиција претпоставува дека станува збор за подметнување пожар, а Службата за државна безбедност на покраинската криминалистичка полиција ја презеде истрагата. „Вулканската група“ веќе беше осомничена во 2021 година дека извршила подметнување пожар на напојувањето со електрична енергија на градилиштето на фабриката Тесла, обвинувајќи на веб-страницата Indymedia.org дека Тесла не е ниту зелена, ни еколошка ниту социјална. Во својот извештај за 2021 година, Службата за заштита на Уставот во Бранденбург го внесе и писмото со кое левичарските екстремисти презедоа одговорност: „Во последниве години, левичарските екстремисти од ’Вулканска група’ во повеќе наврати извршија подметнување пожари во Берлин
Полицијата врши истрага за подметнување пожар
Производството во единствената европска фабрика за автомобили Тесла е во прекин од утрото по прекинот на струја. Фабриката во Гринхајде во близина на Берлин е евакуирана рано изутрината. За напад зборува и министерот за внатрешни работи на покраината Бранденбург, Михаел Штибген. „Ако се потврдат првичните наоди, тоа би бил перфиден напад врз нашата електрична инфраструктура. Ова ќе има последици. Илјадници луѓе овде се отсечени од основните услуги и се ставени во опасност", рече Штибген.
Запален електричен столб
Според Министерството, сторителите рано утрото намерно запалиле високонапонски столб во регионот на Бранденбург во близина на Берлин. Пожарот толку многу го оштетил високонапонскиот вод што откажало напојувањето на околните градови и блиската фабрика Тесла. Добавувачот „Едис“ соопшти дека снабдувањето со струја на околните населби во меѓувреме е обновено. Покраинската криминалистичка полиција врши истрага. Опожарениот електричен столб се наоѓа на нива и не е ограден.
Инаку, околу фабриката Тесла со денови има протести. Од четвртокот, околу 80 до 100 еколошки активисти окупираа дел од државната шума во Бранденбург во близина на фабриката, која компанијата на Илон Маск сака да ја расчисти за случај на проширување на погонот.