1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаШпанија

Шпанија и Португалија: „Блекаутот“ не бил сајбер напад

ЖА | агенции
29 април 2025

По прекинот на струја во Шпанија и Португалија, снабдувањето повторно е нормализирано. Причината останува нејасна, но шпанскиот мрежен оператор и владата во Португалија не веруваат дека станува збор за сајбер напад.

Шпанија и Португалија: „Блекаутот“ не бил сајбер напад
Шпанија и Португалија: „Блекаутот“ не бил сајбер нападФотографија: Fermin Rodriguez/NurPhoto/picture alliance

Прекинот на електрична енергија во речиси цела Шпанија и Португалија, веројатно не е поради хакерска манипулација. Врз основа на досега спроведените анализи, „сајбер напад е исклучен“, изјави Едуардо Прието, директор за системски операции во шпанскиот мрежен оператор РЕЕ.

Електричната мрежа повторно е стабилна и функционира нормално, изјави Прието. Како прва последица од инцидентот, приклучоците со француската електрична мрежа треба да бидат проширени.

Владата во Лисабон даде слични изјави. „Во Португалија засега немаме информации за сајбер напад или непријателски напад“, изјави владиниот портпарол Антонио Леитао Амаро. Ова е „прелиминарната проценка на различни служби“. Во интервју за Си-Ен-Ен Португалија, Леитао Амаро прецизираше дека прекинот изгледа се должи на проблем во мрежата за пренос на електрична енергија во Шпанија.

Сепак, шпанското правосудство започна прелиминарна истрага за сомневање за „компјутерска саботажа“. Шпанската влада формираше и истражна комисија за сериозниот инцидент.

Огромен хаос во сообраќајот и дефект на телекомуникациските системи во Шпанија и Португалија поради прекинот на електричната енергија  Фотографија: Violeta Santos Moura/REUTERS

Прекинот на електричната енергија  се случи во понеделник попладне во Шпанија и Португалија, што резултираше со огромен хаос со огромни проблеми во сообраќајот и дефект на телекомуникациските системи. Во голем дел од двете земји, јавниот живот практично застана: откажаа мрежите на метрото, телефонските линии, семафорите и банкоматите, бројни летови беа анулирани, а патниците останаа блокирани.

Накратко беа погодени и југозападна Франција и Мароко. Од прекинот беа поштедени Канарските Острови, Балеарските Острови и ексклавите Сеута и Мелила, кои припаѓаат на Шпанија.

Напојувањето со електрична енергија  беше воспоставено само по неколку часа. Во шпанската престолнина Мадрид можеше да се слушнат овации од областите каде светлата повторно се вклучија. Телефонските и интернет-врските повторно работат. Сепак, причината за сериозниот дефект се уште се истражува.

И ЕУ најави сеопфатно испитување на причините. „Ние, се разбира, ќе ги извлечеме потребните заклучоци и ќе ги соопштиме - и доколку е потребно, ќе ги преземеме неопходните мерки“, рече портпаролката на  Комисијата на ЕУ.  ЕУ работи „многу тесно“ со националните и европските оператори на преносни системи.

Комисијата на ЕУ оцени дека станува збор за прекин на електрична струја од „невидени размери“. Комисијата истражува „многу внимателно кои беа причините и колку добро бевме подготвени“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми