1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас продолжен за еден ден

ЖА
30 ноември 2023

Неколку минути пред истекот на рокот, Израел и терористичката организација Хамас договориле продолжување на прекинот на огнот кој засега важи за уште еден ден.

Израел и Хамас го продолжија прекинот на огнот
Израел и Хамас го продолжија прекинот на огнотФотографија: Mohammed Ali/XinHua/dpa/picture alliance

Непосредно пред истекот на крајниот рок за прекин на огнот, Израел добил листа со имиња на други заложници кои Хамас може да ги ослободи денеска.

Предаден е нов  список на заложници  жени и деца, па согласно со договорот, прекинот на огнот може да биде продолжен за уште еден ден, соопшти бирото на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утрово (30.11.).  Катар, кој е главен посредувач во конфликтот,  како и радикално-исламистичкиот Хамас го потврдија  продолжувањето на паузата во борбите,  која ќе важи засега само за еден ден, четврток. Преговорите околу ова траеле до последен момент. Доколку до четврток до седум часот утрото Израел не добие нова листа на заложници,  според договорот, борбите во Појасот Газа продолжуваат веднаш, едногласно заклучил синоќа воениот кабинет, како што соопшти бирото на израелскиот премиер. Утрово во Израел пристигнал списокот со заложници од исламистичкиот Хамас.

Терористичката организација Хамас во средата ослободи уште 16 заложници, меѓу кои и тројца со германски пасоши. Израел подоцна извести за ослободување на 30 палестински затвореници, вклучувајќи ја и познатата активистка Ахед Тамими.

Прекинот на огнот  е во сила од петокот, трае седум дена вклучувајќи го и денешниот, а  исламистичкиот Хамас досега ослободи околу 100 од  заложниците одведени во Појасот Газа  во замена за палестински затвореници од израелските затвори. Според првичниот договор, постои можност прекинот на огнот да трае максимално десет дена.

Пред истекот на рокот за молк на оружјето, зголемен е  меѓународниот притисок за негово продолжување. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш дури повика на „вистинско хуманитарно примирје“. На платформата Х (поранешен Твитер), Гутереш напиша: „Во тек се преговори за продолжување на прекинот на огнот - што ние многу го поздравуваме - но ни треба вистинско хуманитарно примирје ".

Американскиот претседател Џо Бајден уште еднаш се изјасни за ослободување на сите заложници. Неговиот државен секретар Ентони Блинкен претходно вети дека „ќе направи се што е во наша моќ за да биде продолжена паузата“. Тој пристигна во Тел Авив во средата вечерта.

Кина пак претстави позиционен документ за израелско-палестинскиот конфликт. Советот за безбедност на ОН треба да го интензивира своето дипломатско посредување, да го врати решението за две држави на вистинскиот пат и да свика „поавторитетна и поефикасна“ меѓународна мировна конференција што е можно побрзо, се вели во соопштението од кинеското Министерство за надворешни работи. Владата во Пекинг, исто така, го повикува Советот за безбедност да одговори на генералниот повик на меѓународната заедница за сеопфатен прекин на огнот и прекин на борбите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми