1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Прекинот на огнот во Газа е успех на Трамп или на Бајден?

АРД
16 јануари 2025

Во САД е големо олеснувањето поради договорот на Блискиот Исток. Чија заслуга е тоа? Бајден договорот го гледа како резултат на своите напори, а неговиот наследник Трамп како резултат на својот цврст став.

Доналд Трамп Џо Бајден
Во САД е големо олеснувањето поради договорот на Блискиот Исток - чија заслуга е тоа?Фотографија: Jim Watson/AFP

„Многу сум задоволен што овој ден конечно дојде“, рече претседателот Џо Бајден во Белата куќа уште пред неговото големо проштално обраќање до нацијата. Преговорите биле меѓу најтешките што тој кога било ги доживеал. На новинарско прашање, кој е заслужен за договорот - тој или Доналд Трамп, Бајден одговори отсечно со контрапрашање: „Дали се шегувате?“

Во САД се разгоре конфликт околу тоа кој е заслужен за договорот. Трамп и неговите поддржувачи се убедени дека токму притисокот од Трамп го овозможил таквиот успех. Идниот претседател му се закани на Хамас дека на Блискиот Исток ќе стане пеколно доколку заложниците не бидат ослободени пред да стапи на функцијата. Трамп рече дека ога ќе настане пекол нема да биде добро за Хамас, нема да биде добро за никого.

На неговата платформа „Truth Social“ Трамп напиша дека прекинот на огнот можел да се постигне само благодарение на неговата историска изборна победа. И идниот советник за безбедност на Трамп, Мајк Волц, за Си-Ен-Ен потенцираше дека да не победеше Трамп, овој договор немало да се случи и веројатно ниту еден заложник немало да биде ослободен жив.

Преговори со месеци

Администрацијата на Бајден зад сцената со месеци преговараше за прекин на огнот. Па така, Бајден нагласи - на почетокот на неговото проштално обраќање до нацијата - дека договорот се заснова на план којшто го претставил уште во мај. Договорот бил подготвен и преговаран за време на неговата влада. Но, имплементацијата сега во голема мера зависи од администрацијата на Трамп, па во изминатите денови тие зборувале како еден тим, објасни Бајден.

На разговорите во Доха учествуваше и пратеникот на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби за Фокс њус потврди дека претседателот Бајден му наложил на тимот за национална безбедност да се погрижат за тоа тимот на Трамп, особено Виткоф, целосно да бидат вклучени.

Трамп и Бајден како тим?

Што точно се случувало на преговарачките маси знаат само малкумина. Но, очигледно договорот се должи и на соработката на сегашната и идната влада на САД. И покрај тоа што Бајден и Трамп речиси и не се појавуваат како тим, се чини дека зад сцената тоа функционирало.

Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт департмент, рече дека не знае дали е без преседан претставници на влада во заминување и на новата влада да седнат на иста маса и да преговараат за таков прекин на огнот. И да не е новитет, секако е невообичаено, оцени Милер.

Авторка: Нина Барт, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми