1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИзраел

Екстремната десница може да е клучна на изборите во Израел

Тања Кремер
1 ноември 2022

Бенјамин Нетанјаху би можел повторно да стане премиер на Израел по денешните (1.11) избори во земјата. И тоа, сосема веројатно, со поддршка на екстремните ционисти.

Приврзаници на израелската партија Ликуд и на поранешниот премиер Нетанјаху на избориен митинг на 27 октомври 2022
Приврзаници на израелската партија Ликуд и на поранешниот премиер Нетанјаху на избориен митинг на 27 октомври 2022Фотографија: Tania Kraemer/DW

Бенјамин Нетанјаху по денешните избори би можел повторно да стане премиер на Израел. И тоа многу лесно со подршка од екстремните ционисти.

Долгогодишниот поранешен премиер на Израел, Бенјамин Нетанјху, кој симпатизерите од милост го викаат Биби, за време на кампањата ја потпишуваше книгата „Биби: Мојата приказна“.

Неговата приказна продолжува денеска (1 ноември) кога Израелците избираат нов состав за парламентот. Како и претходните гласања, и ова личи на референдум за контроверзниот Нетанјаху (72), кој со својата партија Ликуд се обидува да се врати на власт.

Нему му се суди во три случаи за корупција, па многу набљудувачи веруваат дека или повторно ќе стигне до премиерската функција или конечно ќе заврши зад решетки.

Главен ривал му е премиерот во заминување Јаир Лапид, основач на централистичката партија Јеш Атид.

Бенјамин Нетанјаху за време на кампањата на потпишување на неговата книгаФотографија: Tania Kraemer/DW

Две идеи

„На овие избори се работи за израелската политичка нестабилност. Тоа е истиот проблем кој нѐ следи со години“, вели Тал Шнајдер, новинар од весникот Тајмс оф Израел.

Анкетите предвидуваат раст на радикалната ционистичка десница, на чија поддршка би можел да смета Нетанјаху за да направи коалиција.

„Ова е избор меѓу либерализам и национализам“, вели Маоз Розентал, предавач во Школата за управа, дипломатија и стратегија. „Големите идеи се содржани во двајца луѓе, либерализмот во Лапид и неговиот табор, а национализмот во Нетанјаху и неговата екипа.“

Избирачите се повикани да гласаат по петти пат во 4 години откако во јуни мнозинство загуби коалицијата од осум различни партии, која ја вклучуваше и Арапската партија. Премиерот Лапид ја предводеше оваа коалиција, која освен да го собори од власт Нетанјаху, имаше многу малку заедничко.

Овие избори би можеле да означат крај на неговиот мандат: израелскиот премиер Јаир ЛапидФотографија: Tania Kraemer/DW

Какви било предвидувања се тешки

И покрај бројните анкети, прогнозите се тешки. Ликуд би можел да стане најсилна партија со 31 место во израелскиот парламент - Кнесет, кој брои 120 члена.

Добри се шансите Нетанјаху потоа со десничарските и ултраортдоксните партии да собере потребно мнозинство. Додуша, делува оти екстремистичката пртија Религиски ционизам доби на сила на сметка на Нетанјаху.

Партијата на Лапид би можела да земе 24 мандати, но главоболка му задава тоа што некои од партнерите мака мачат да го преминат цензусот од 3,25 отсто.

Набљудувачите велат дека е важна излезноста, пред сѐ меѓу израелските Арапи и Палестинци, кои чинат околу една петина од граѓаните. Големата излезност меѓу нив би значела поумерени сили.

Десничарската коалиција Религиозен ционизам би можела да дојде до 14 мандати и да стане трета најсилна сила. „Крајната десница за првпат би можела да има многу влијателна позиција“, вели професор Розентал. „Тука се работи за националисти, анти-либерали, луѓе кои се заколнаа дека ќе ја намалат моќта на судовите и во целост се посветени на еврејските религиски вредности“, додава тој.

Кандидатот на екстремната десница Итамар Бен-Гвир има силна база поддржувачиФотографија: Tania Kraemer/DW

Зајакнување на екстремистите

Итамар Бен-Гвир (46) е најпознатото лице на ова десничарско движење. Има долга историја на есктремистички ставови и расизам, поради што порано е и обвинуван. Тој заговара исфрлање на „арапските терористи“ и нивните семејства, како и на „нелојалните“ граѓани. Бара анексија на целиот Западен брег.

На еден предизборен собир во Тел Авив, се собраа и симпатизерите и противниците, со полицијата меѓу нив. „Пред да одам во војска, бев на другата страна на улицата“, вели едно момче кое го поддржува Бен-Гвир. „Го гледам како некој кој се дава целосно за земјата, за разлика од другите лажливци.“

Кога ќе се пребројат гласовите во доцните часови, важна улога би можел да одигра Бени Ганц со своето центристичко движење Партија на национално единство. Многумина веруваат дека Ганц попрво би го поддржал Нетанјаху, отколку да дозволи Владата да зависи од екстремисти. Втора опција е Лапид да се обиде да направи малцинска влада. Сето е сѐ уште отворено.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми