Препораки за штедење гориво - дел остварливи, други потешко
3 април 2026
Македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ги разгледува препораките за штедење што неодамна ги презентираше Меѓународната агенција за енергија, МАЕ, (IEA) за да се оцени кои од нив може да бидат применливи и имплементирани во домашни услови.
Во пакетот препораки спаѓа ограничување на побарувачката за гориво, намалување на ограничувањето на брзината на автопатите за 10 километри на час, поттикнување на користењето на јавниот превоз, систем пар-непар за приватни возила, споделување на транспортот односно усвојување поекономични навики на возење, како и работа од дома таму каде што е можно.
Според министерката за енергетика, Сања Божиновска, работа од дома законски не е возможна за вработените во државната администрација. Поттикнувањето за користење јавен превоз е еден од начините за штедење, но од друга страна, проблем е што нема јавен превоз насекаде во државата.
Позната пракса
Возењето според системот „пар-непар“ (гледано според последната бројка од регистарската табличка на возилото) и во точно определени денови, им е добро познато на повозрасните граѓани во земјата. Таква пракса имаше во поранешната СФРЈ (1979 година), а слични мерки функционираа и за време на економското и сообраќајно ембарго кон Македонија од страна на Грција во 1994 и 1995 година, поради што имаше рационирано снабдување со определени стратегиски производи, нафта и нафтени деривати.
„Се сеќавам добро на сите кризи и мерки. Ама се сеќавам и дека рестрикциите во превозот резултираа со многу доцнења на работа“, вели скопјанецот Милан Трајков (73).
Смета дека поголемото користење на јавниот превоз таму каде што го има, не зависи само од желбата туку и од капацитетите на истиот - доколку е добро организиран, со повеќе линии и со поголем број автобуси. Од друга страна, иако заедничкото споделување на транспортот навидум изгледа лесно за реализација, од искуство вели дека тоа не е толку едноставно.
„Зависи дали тие што би користеле едно возило, одат во иста или барем приближна насока, дали имаат ист почеток и крај на работно време, дали на некого од нив и во текот на работно време му е потребно да користи возило итн... Тоа не е едноставно за усогласување. Го кажувам ова од лично искуство“, вели тој.
Координирани напори
Препораките на Меѓународната агенција за енергија уследија откако значително порасна цената на нафтата и другите енергенси поради случувањата на Блискиот Исток. Пo американско-израелските напади врз Иран, Техеран речиси целосно го парализираше сообраќајот низ Ормускиот Теснец, низ кој минуваат околу една петтина од светските залихи на нафта, како и залихите на течен природен гас што доведе до нагло зголемување на цените на горивата и закана од глобални последици.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на покана на британската министерка за надворешни работи Ивет Купер, вчера учествувал на виртуелен состанок со повеќе од 30 министри за надворешни работи од Европа и светот на кој се разговарало за овој проблем. Состанокот бил посветен на координација на меѓународните напори за обезбедување на слободата на навигација и повторно отворање на клучниот поморски коридор во Ормускиот Теснец, во услови на зголемени безбедносни ризици и нарушувања на глобалните енергетски и трговски текови.
„Ќе ги процениме сите изводливи дипломатски и политички мерки што можеме да ги преземеме за да ја вратиме слободата на пловидбата, да ја обезбедиме безбедноста на заглавените бродови и морнари и да го вратиме сообраќајот на важни стоки“, рече британскиот премиер Кир Стармер најавувајќи го состанокот.
Мерки во интерес на граѓаните
Во меѓувреме земјите ги пребројуваат штетите, залихите и ги проценуваат потенцијалните димензии на кризата. Премиерот Христијан Мицкоски прашан дали ќе биде продолжена мерката за намалување на ДДВ за горивата, рече дека ќе се следат состојбите.
„Доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка сè додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката. И ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање. Се разбира, тука се и акцизите, што сè уште ни стојат на располагање“, рече премиерот.
Во моментов ЕСМ има на располагање речиси 3.200 тони мазут, кои државата ги ставила на располагање уште од минатата година, а кумулациите се приближно над четириесет проценти, што се смета за доволна количина вода и за производство на електрична енергија.
„Што ќе се случува за месец, два, три, пет - не знаеме. Можеме да претпоставиме, да собираме информации, да анализираме и да носиме одлуки. Предизвици ќе има, тоа не зависи од нас, зависи од други фактори во светот, но ние како Влада ќе реагираме исклучиво во интерес на граѓаните“, рече Мицкоски.
Кризата нема да биде краткотрајна
Во земјите од ЕУ исто така се бараат модалитети за справување со последиците од војната на Блискиот Исток. Осврнувајќи се на препораките на Меѓународната агенција за енергија, еврокомесарот за енергетика Ден Јоргенсен порача дека секоја земја од ЕУ мора да размисли која од тие мерки ќе ја спроведе.
„Не треба да се залажуваме дека ефектите врз енергетските пазари ќе бидат краткотрајни. Никој не знае колку долго ќе трае кризата, но јасно е дека нема да биде краткотрајна. Дури и ако мирот дојде утре, енергетската инфраструктура е веќе уништена“, рече тој на прес-конференција по вонредниот онлајн состанок на европските министри за енергетика пред три дена.
Јоргенсен најави дека Европската комисија наскоро ќе предложи заеднички мерки за намалување на потрошувачката на фосилни горива и дека во блиска иднина Комисијата ќе објави пакет мерки на ниво на целата Унија. Тој презентираше податок дека само во првиот месец од почетокот на војната на Блискиот Исток, земјите од ЕУ платиле 14 милијарди евра повеќе за увоз на фосилни горива, што се должи на зголемувањето на цената на гасот за 70 проценти и на нафтата за околу 60 проценти.