1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Препукувања и обвинувања околу законот за игри на среќа

ДТЗ
28 февруари 2024

Законските измени за игрите на среќа се вратија пак во Собрание, но препукувањата и меѓусебните обвинувања меѓу партиите околу мотивите за нивното носење не стивнуваат.

обложувалници
Препукнувања и обвинувања околу законот за игри на среќаФотографија: picture-alliance/dpa

Законските измени за игрите на среќасе вратија пак во Собранието, но препукувањата и меѓусебните обвинувања меѓу партиите околу мотивите за нивното носење не стивнуваат. По одлуката на претседателот Стево Пендаровскида не ги потпише законските измени коишто еднаш веќе поминаа во Собранието,поради злоупотреба на европското знаменце, тие сега ќе треба да поминат по редовна процедура. Со законските измени се предвидува дислоцирање на обложувалниците на 500 метри од училиштата. 

„Проект казино во секоја куќа“

Изет Меџити од албанската коалицијата „Вреди” на прес-конференција обвини дека „Артан Груби и партијата на зелената агенда сакаат тајно да го шверцуваат предлог-законот еднаш со европско, а другпат со сицилијанско знаме“. Тој побара итно не само на 500 метри од училиштата, туку целосно да се отстранат и обложувалниците и казината.

„Покрај проектот казина во секоја уличка, Артан сега успешно го спроведува проектот казино во секоја куќа давајќи четири лиценци за онлајн казина каде партнер е Перпарим Бајрами“, рече Меџити. Тој ги посочи имињата на новооснованите компании, односно „Државна лотарија Моцарт“, која е основана во јануари 2024 година, „Државна лотарија Везув“ основана во јануари 2024 година, „Државна лотарија 77 битс“ основана во декември 2023. 

Законските измени за игрите на среќа се вратија во Собрание, но препукнувањата меѓу партиите не стивнуваатФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Штитење на монопол 

Но, пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми, ја демантираше албанската опозициска коалиција „Вреди“ која ја обвини власта дека предлог-законот за игрите на среќа во членот 10 предвидува отстранување на објектите на обложувалниците, но не и на казината. Адеми вели интенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција е да не се донесе овој закон, за да „продолжи монополот на фирма која е основана на криминален начин пред неколку години“.

„Некој упорно сака да го штити тој монопол, а зошто сака да го штити тој монопол, треба да истражите и тие треба да одговараат пред јавноста. Зошто да нема либеризација на пазарот ве прашувам? Зошто се уште треба да вложуваме напори за да го штитиме монополот на одредена фирма која е основана на криминален начин“, рече Адеми. Според него, барањето на ДУИ било отстранување на објектите на 1.000 метри од средните и основните училишта, но за обезбедување на консензус во законодавниот дом, тие прифатиле одредба каде што е предвидено 500 метри дистанца. Опозицијата со амадман предложила да се намали дистанцата од 500 на 250 метри.

На 13 февруари, претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за стапување во сила на дополнетиот закон за игри на среќа. Во своето образложение Пендаровски укажа дека овие законски измени се донесени преку несоодветна забрзана собраниска процедура. Потенцираше дека одлуката е донесена со претходни консултации со Брисел.

„Во февруари 2023 евроамбасадорот Дејвид Гир јавно порача дека европското знаменце не смее да се злоупотребува за избегнување на дискусиите за важни прашања директно посочувајќи дека мисли на игрите на среќа. 55 пратеници од владејачкото мнозинство не само што останаа глуви на овие укажувања, кои се нотирани и во последниот Извештај на Европска комисија и Стејт Департментот на САД, туку со антидемократска и антиевропска процедура на сила ги усвоија скандалозните и противуставни измени“, велат од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа - АПИС. 

Бизнис и партиски интереси 

Тие сметаат дека „притисокот кој го прави една владејачка партија за да поминат овие противуставни и скандалозни измени по секоја цена, нема никаква врска со тврдењата дека целта е заштита на младината, туку дека станува збор за исполнување на нечии лични бизнис и тесно партиски интереси“.

Доколку законските измени добијат поддршка од 61 пратеник, тие најавија правни битки и иницијатива пред Уставен суд, како и „тужби за астрономски отштети кои ќе се прекршат преку грбот на народот“. 

Реагираа и од Асоцијација на спортски обложувалници (АСОМ), кои посочија дека ограничувањата ќе имаат негативни финансиски последици за државниот буџет и ќе овозможат стотици милиони евра место за општествено корисни проекти да се слеваат во приватни џебови или да завршуваат надвор од земјата на сметките на странски компании коишто приредуваат онлајн игри на среќа. 

Според нив, приливот во буџетот на државата од легалните приредувачи на игри на среќа изнесува повеќе од 280 милиони евра годишно.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми