1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Американскиот Конгрес треба да гласа за помошта за Украина

ЕМФ | АРД
20 април 2024

Украина со месеци чека воена помош од САД. Денеска претседателот на Претставничкиот дом сака да го стави пакетот помош на гласање. Тврдокорните десничари веќе најавија отпор.

USA Kapitol in Washington D.C.
Фотографија: imago/Mario Aurich

Мајк Џонсон - спикерот на Претставничкиот дом на САД - е под огромен притисок. Ултрадесничарските републиканци од неговата партија уште пред неколку недели се заканија дека ќе го сменат, доколку во Конгресот го стави на дневен ред гласањето за помош за Украина. Џонсон сега го прави тоа и убеден е дека денеска (20.04) ќе го добие потребното мнозинство гласови. Мајк Џонсон за Си-Ен-Ен пред неколку дена изјави дека ќе си ја работи работата, исто како и колегите, и верува дека и покрај целата драма на крајот тоа ќе биде завршено.

Отстапки за тврдокорните

Вчера, републиканците и демократите се изјаснија за продолжување на постапката на гласање за пакетот помош од 95 милијарди долари. Планот е да се гласа поединечно за помош за Украина, Израел и Индо-Пацификот. Како отстапка за скептичните републиканци, дел од пакетот помош од 61 милијарда долари за Украина треба да биде доделен како заем. Се очекува да се гласа и за предлог-закон со построги мерки за обезбедување на границата на САД.

Мајк Џонсон за Си-Ен-Ен изјави дека е време Конгресот да дејствува: „Ние ќе застанеме покрај Израел, нашиот близок сојузник. Ќе се залагаме за слобода и ќе се погрижиме Путин да не маршира низ Европа. Силна Америка е добра за целиот свет.“

Мајк Џонсон, спикер на Претставничкиот дом на САД, е под огромен притисокФотографија: ALEX WONG/Getty Images/AFP

Политичките набљудувачи се релативно уверени дека пакетите помош ќе поминат во Конгресот. Некои републиканци, како Џаред Московиц, јавно се залагаа за помош за Украина. САД испраќаат порака до своите сојузници ширум светот дека можат да се потпрат на Америка и дека Русија и Кина нема да добијат уште поголема моќ, изјави конгресменот. Ако овој закон не успее, тогаш Русија и Кина ќе бидат победници.

Пратеници од десницата повторно се закануваат со револт

Сепак, некои тврдокорни десничари во Републиканската партија силно се противат на поддршката за Киев и најавија дека поради тоа сакаат да го сменат спикерот Мајк Џонсон. Минатата година неговиот претходник Кевин Мекарти беше соборен во слична ситуација. Еден од тврдокорните е Томас Мејси од Кентаки. Тој рече дека е загрижен што спикерот Мајк Џонсон склучил договор со Демократите за финансирање на странски војни наместо да се обезбедува сопствената граница.

Дали бунтот на тврдокорните ќе биде успешен зависи од тоа дали Демократите, ако дојде до гласање, ќе гласаат против соборувањето на поддржувачот на Трамп, Мајк Џонсон. Во секој случај, ако Конгресот денеска ги одобри пакетите за помош, тие ќе треба да поминат и низ Сенатот и да бидат потпишани од претседателот Бајден. Сето ова треба да се случи брзо за Украинците да ги добијат итно потребните средства.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми