1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата за МХ17 - доживотен затвор и за Путин

Goncharenko Roman Kommentarbild App PROVISORISCH
Роман Гончаренко
18 ноември 2022

Во историски мамутски судски процес, три лица се осудени за соборувањето на патничкиот авион со ознака МХ17. Процесот може да послужи како урнек за трибунал за украинската војна, смета Роман Гончаренко.

Реконструирани остатоци од авионот МХ17 кој беше урнат над УкраинаФотографија: Peter Dejong/AP Photo/dpa/picture alliance

Поголема симболика не е можна. На денот на изрекувањето на пресудата во процесот за  уривањето на патничкиот авион МХ17  над источна Украина, над Украина повторно „врнеа“ руски ракети. Повторно. Кога на 17 јули 2014 година една единствена руска ракета за противвоздушна одбрана го погоди и го собори од небото над источна Украина малезискиот авион Боинг на пат од Амстердам кон Куала Лумпур, убивајќи 298 луѓе, светот беше шокиран. Дотогаш, многумина речиси не ја забележуваа руската војна против Украина, започната на полуостровот Крим. Стануваше збор за проруски сепаратисти, Москва негираше секаква вмешаност. 

Грешка која не ја намалува вината

На денот пред точно осум години и четири месеци подоцна, на тоа е ставен крај.  Судиите од судот во Хаг  вчера (17.11.2022) трезвено констатираа дека  Русија во тоа време имала целосна контрола  над така наречената Народна Република Доњецк, меѓу другото и преку руски државјани со врски во Кремљ, кои беа вклучени во тамошната власт. На двајца од нив им беше изречена казна во отуство и се осудени на доживотен затвор.

Едниот е Игор Гиркин, поранешен руски офицер во тајната служба, кој во областа Доњецк се нарекуваше „министер за одбрана“. Вториот, Сергеј Дубинскиј, беше негов заменик и поранешен офицер во руската армија. За виновен е прогласен и еден Украинец, во својство на помагач, Леонид Карченко.

Сите тројца, од гледиште на судот, сносат голема одговорност за преместување во Украина на систем за противвоздушна одбрана од типот „Бук“ од Русија и негова примена против патничкиот авион, за којшто сметале дека е украински воен авион – грешка која меѓутоа не ја намалува вината. Четвртиот обвинет, Русинот Олег Пулатов, е ослободен од обвинението, со оглед на тоа што неговата улога не е доволно докажана, гласи пресудата.

Роман Гончаренко, автор на коментарот

Што останува по овој мамутски процес, започнат во март 2020 година? Зарем бруталниот руски напад врз Украина не го стави одамна во сенка  случајот МХ17?  Така се чини само на прв поглед.

Драгоцени искуства за иден трибунал за војната во Украина

Реално, процесот не завршува со изречената пресуда. Можни се натамошни постапки, зашто не е добиен одговор на прашањето „кој ја дал наредбата за стрелба и зошто", како што истакна судијата претседавач. Руското политичко и воено раководство, кое очигледно сноси исто така вина за истрелување на ракетата, во случајов не се најде на обвинителна клупа.

Но, подоцна, пред иден меѓународен трибунал формиран за воените злосторства извршени во Украина, тоа ќе се промени. Холандскиот парламент во октомври даде согласност за формирање ваков трибунал. Тој би требало да ги третира настаните од почетокот на анексијата на Крим во 2014 година, а притоа може да се послужи со драгоцените искуства собрани при случајот МХ17.

Зашто, со години се водеа исклучително обемни истраги. Меѓународен тим проучуваше илјадници часови снимени прислушувани телефонски разговори, податоци од мобилната телефонија и за временските прилики, сослуша сведоци и изведе комплицирани експерименти. Досега не е забележан ваков процес во историјата на цивилното воздухопловство. Холандското правосудство заслужува највисоки пофалби.

Најважниот биланс гласи: лагите излегуваат на виделина и постои правда, иако на неа треба да се чека и со години. Судската пресуда е пример и најава за она што ги очекува рускиот претседател Владимир Путин и неговото воено раководство пред трибунал за војната во Украина: доживотен затвор. Можеби дотогаш и сега осудените ќе бидат уапсени и ставени зад решетки. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми