1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Трамп ја повлекува заканата за царини против Европeјците

БЈ | АРД
22 јануари 2026

Американскиот претседател Трамп ја повлекува заканата за казнени царини против европските земји. Тој постигнал договор со генералниот секретар на НАТО, Руте во врска со рамка за иден договор за Гренланд и Арктикот

Американскиот претседател Донал Трамп во разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Давос, Швајцарија
Американскиот претседател Донал Трамп во разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Давос, Швајцарија, во средата вечертаФотографија: Mandel Ngan/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе се откаже од воведување казнени царини за вкупно осум европски земји. На неговата платформа Трут соушл, Трамп пиша дека постигнал договор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во врска со рамката за можен  иден договор за Гренланд.  Трамп буквално пиша дека „врз основа на многу продуктивна средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, создадовме рамка за иден договор во однос на Гренланд, па дури и на целиот арктички регион. Доколку се имплементира, ова решение ќе биде од голема корист за САД и сите членки на  НАТО. Врз основа на овој договор,  нема да ги воведам царините  што требаше да стапат на сила на 1 февруари.“

Договор има, зделка сè уште не

Конкретни детали во врска со содржината или структурата на овој договор, не беа наведени во објавата на Трамп. Според него, рамковниот договор ги исполнува сите желби на САД. Сите вклучени страни се задоволни од договорот, рече Трамп по средбата со Руте во Давос. Но, сепак сè уште не се работи за „договор“ во смисла на финализиран чин, се наведува во добро информирани кругови на Светскиот економски форум. Планираното наводно предвидува нова верзија на договорот за одбрана склучен во 1951 меѓу Данска и САД. Овој договор моментално го регулира стационирањето на американски трупи во  Гренланд.   Во идните преговори се очекува да се тематизира контролата врз инвестициите - САД наводно сакаат да учествуваат во одлуките кој ќе инвестира на гренландска почва и ќе експлоатира  минерални ресурси. Исто така, предвидено е посилно присуство на европските држави од НАТО во арктичкиот предел.

Извештај: преземање на воени бази од страна на САД

Според медиумските извештаи, Руте на средбата со Доналд Трамп  предложил покрај воспоставувањето нова мисија за надзор на НАТО на далечниот север, преземање на воени бази во Гренланд од страна на  САД. Ова го објави Франкфуртер Алгемајне Цајтунг повикувајќи се на извори од НАТО.

Рамковен договор „за вечност"?

За телевизијата Си-Ен-Би-Си, Трамп изјави дека планираниот рамковен договор за Гренланд е „за вечност“. Деталите од „до некаде сложениот“ договор ќе бидат објавени подоцна.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја нарече најавената рамка за договор за Гренланд „сложена“, деталите остануваат нејасниФотографија: Gian Ehrenzeller/KEYSTONE/picture alliance

Трамп, исто така, објави дека компромисот за Гренланд ќе го преговараат потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и неколку други лица. Дали договорот вклучува преземање на островот од страна на САД е нејасно. Запрашан за тоа, Трамп кратко се двоумеше, а потоа едноставно му рече на новинарот на Си-Ен-Ен дека е „по малку сложен“, но дека станува збор за долгорочен договор.

НАТО го потенцира „заедничко дејствување“ на арктичките сојузници

Генералниот секретар на НАТО во меѓувреме ги потврди изјавите на Трамп. Тоа што го навел Трамп е сосема коректно, рече Холанѓанецот за првата германска програма АРД на маргините од Светскиот економски форум во Давос. Тој не сакаше да прецизира детали, наведувајќи дека ќе има натамошни разговори. Прашањето за суверенитетот на автономната територија не било разгледувано. „Темата во моите разговори со претседателот веќе не беше адресирана“, изјави Руте за американскиот радиодифузер Фокс њуз. Портпаролката на генералниот секретар на НАТО потоа додаде дека разговорите меѓу сојузниците на НАТО во врска со рамката што ја спомена Трамп, ќе се фокусираат на обезбедување на Арктикот преку заедничко дејствување на сојузниците, особено  седумте арктички земји  САД, Канада, Данска, Норвешка, Шведска, Финска и Исланд. „Преговорите меѓу Данска, Гренланд и САД ќе продолжат - со цел да се обезбеди Русија и Кина никогаш да не добијат упориште во Гренланд, ниту економски, ниту воено“, рече таа.

Партнери од НАТО го отфрлаат правото на САД за поседување на Гренланд

Партнерите од НАТО веќе категорично отфрлија целосно право на сопственост врз Гренланд, како што Трамп бараше во говорот во Давос. Трамп на Трут соушл напиша дека ќе има и натамошни дискусии во врска со Гренланд и системот за антиракетна одбрана „Златна купола“, дизајниран да ги заштити САД од ракети со долг дострел. Трамп минатата недела се закани дека ќе воведе  царини од 10 проценти за европските земји, кои се противат на неговото барање за анексија на Гренланд.  Царините требаше да се зголемат на 25 проценти  од 1 јуни ако до тогаш не биде постигнат договор за купување на островот од страна на САД. Неколку земји од НАТО, меѓу кои и Германија, претходно испратија мали извидувачки тимови на Гренланд за да ги проценат можностите за воени вежби. Трамп реагираше со остра критика.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми