1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Пресврт во политиката на Трамп кон Украина?

Тагесшау | ЕМФ
24 септември 2025

Неодамна американскиот претседател ја спомена можноста за територијални отстапки на Украина. Сега, се чини дека Трамп се предомислува и смета дека Украина е способна да ја врати својата територија.

Маж во темен костум (краинскиот претседател Зеленски) и маж во темносин костум и црвена вратоврска (американскиот претседател Трамп) разговараат седнати на кожени столови. Зад нив има украински и американски знамиња.
Украинскиот претседател Зеленски и американскиот претседател Трамп на Генералното собрание на ОНФотографија: POU/ROPI/picture alliance

Украина, според американскиот претседател Доналд Трамп, е способна да ја врати својата територија од рускиот агресор со помош на западните сојузници. Со време, трпение и финансиска поддршка, особено од НАТО, оригиналните граници од времето кога започна војната се опција, напиша американскиот претседател на својата платформа Truth Social.

Ова претставува пресврт во ставовите на Трамп. Во последните недели, во разговорите за завршување на војната, Трамп ја покрена и можноста за отстапување на територија од страна на Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано го отфрлаше ова. Русија, пак, инсистираше Украина да ги признае своите територијални загуби.

Што мисли Трамп?

Во својата објава на Truth Social, американскиот претседател не разјаснува на која украинска граница точно мисли. На пример, не е јасно дали Трамп го вклучува и Кримскиот Полуостров, анектиран од Русија во 2014 година, како украинска територија.

Трамп вели дека дошол на својата нова позиција откако се запознал и целосно ја разбрал воената и економската ситуација во Украина и Русија. Русија веќе три и пол години води војна „во која вистинска воена сила“ можеше да победи за помалку од една недела. „Ова не е пофалба за Русија. Тоа всушност ја прави земјата да изгледа повеќе како 'тигар без заби'.“

Украина не само што може да ја врати својата окупирана територија, туку „којзнае, можеби дури и да оди подалеку“, вели ТрампФотографија: Alexander Drago/REUTERS

Разговор со Зеленски

Трамп и Зеленски се сретнаа на маргините на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, а американскиот претседател демонстративно го поддржа својот украински колега. Украина не само што може да ја врати својата окупирана територија, туку „којзнае, можеби дури и да оди подалеку“, рече Трамп.

Тој има „голема почит кон борбата на Украина“. Тоа, вели, е „навистина импресивно“. Позитивната изјава за ставот на Украина е во остра спротивност со средбата меѓу Трамп и Зеленски во февруари во Белата куќа, кога украинскиот претседател беше понижен пред камера од Трамп и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.

И Зеленски зборува за „голем пресврт“. Тој, исто така, му се заблагодари на Трамп за неговите „лични напори за завршување на војната“ и се согласи со барањето на американскиот претседател европските земји веднаш да престанат да увезуваат руска нафта. Во својот говор пред Генералното собрание на ОН, Трамп претходно рече дека Европејците „мора веднаш да престанат со сите набавки на енергија од Русија. Во спротивно, сите ќе изгубиме многу време“.

Зеленски му се заблагодари на Трамп за неговите „лични напори за завршување на војната“ Фотографија: Julien Mattia/Le Pictorium/MAXPPP/picture alliance

ЕУ реагира со позитивно изненадување

Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, ја поздрави промената на курсот на Трамп. На прашањето во Њујорк каква е реакцијата на ЕУ во врска со тоа, таа рече дека сè е исправно. „Да, треба да престанеме да купуваме руска енергија. Да, Украина треба да ја добие војната“. Калас ги поздрави и другите изјави што ги даде Трамп во врска со Украина и Русија. „Тоа беа многу јасни изјави што претходно не сме ги слушнале во оваа форма“. Затоа, според Калас, многу е добро што сега се има заедничка линија по тоа прашање.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така се сретна со Трамп во Њујорк. Таа рече дека се согласува со американскиот претседател дека приходите на Русија од продажбата на фосилни горива мора да бидат „брзо намалени“. Фон дер Лајен се осврна на предлозите што неодамна ги даде нејзината Комисија, кои имаат за цел наскоро да го прекинат целиот европски увоз на фосилни горива од Русија.

Рубио: „Невообичаеното трпение“ на Трамп е при крај

Трамп ги коментираше и инцидентите во европскиот воздушен простор. На прашањето дали верува дека земјите од НАТО треба да соборат руски авиони што го нарушуваат нивниот воздушен простор, тој одговори: „Да, верувам“. Неодамна, имаше неколку опасни ситуации во воздушниот простор на земјите од ЕУ и НАТО - во Полска, Естонија и Романија. НАТО последователно ја предупреди Русија против понатамошни нарушувања на воздушниот простор, заканувајќи се дека ќе употреби сила.

Според американскиот државен секретар Марко Рубио, руското одолговлекување во спроведувањето на мировниот процес во Украина е она што предизвикало пресврт на ставот кон Москва. Трамп, според Рубио, покажал „невообичаено трпение“ и се надевал на дипломатски пробив. Но, ова не само што резултираше со стагнација, „туку влеговме во фаза на потенцијална ескалација. Во последните неколку ноќи и претходно, видовме историски најголем број напади“, рече Рубио.

Министерот за надворешни работи на САД ѝ се закани на Москва со економски санкции и нагласи дека САД би можеле да продолжат да му обезбедуваат оружје на Киев. Трамп има „вистински опции“ и ќе ги преземе потребните чекори ако агресијата на Русија продолжи, нагласи Рубио: „Претседателот е многу трпелив човек. Тој е многу посветен на мирот, но неговото трпение не е бесконечно.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми