1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Пресврт по кавга на Трамп со сенаторите околу Иран

ЖА / агенции
25 јуни 2026

Доналд Трамп ненадејно ја откажа церемонијата за потпишување на законот за домување и се судри со дел сенатори по ретка иницијатива за обид да се ограничи неговата војна со Иран. Сенатот усвои нова резолуција по кавгата

Претседателот на САД, Доналд Трампзборува на микрофон
Белата куќа тврди дека резолуциите што имаат за цел да ги ограничат овластувањата на Трамп да води војна во Иран се неуставниФотографија: Jeanne Accorsini/SIPA/picture alliance

Сенатот на САД направи изненадувачки пресврт во однос на ограничувањето на овластувањата на претседателот  Доналд Трамп во контекст на  војната со Иран.  Само еден ден откако  мнозинството сенатори гласаа за ограничување на неговите надлежности,  истата институција повторно застана зад него на ново гласање.

Резолуцијата што требаше дополнително да го ограничи дејствувањето на Трамп беше отфрлена во средата со 50 гласа „против“ и 47 „за“. Овој пресврт следеше по бурна размена на мислења меѓу претседателот и републиканските пратеници на заедничка вечера, според извештаи на американските медиуми.

Нагло менување на ставот во Републиканската партија

Само ден претходно, четворица републикански сенатори, на големо негодување на Трамп, гласаа „за“ таканаречената Резолуција за воени овластувања (War Powers Resolution), предложена од опозициските Демократи.

Резолуцијата, која веќе беше усвоена и од Претставничкиот дом,  нема правна сила, но се смета за силен сигнал на незадоволство во Конгресот. Повод за неа беше одлуката на Трамп да започне воена операција против Иран кон крајот на февруари без претходна парламентарна согласност.

Претседателот уште пред неколку недели остро ја осуди иницијативата, нарекувајќи ја „непатриотска“ и  обвинувајќи го Конгресот дека ги попречува тековните преговори со Техеран.

Според весникот „Њујорк тајмс“, кој се повикува на сенаторот Џон Кенеди, Трамп на заедничкиот ручек во средата бил „бесен како стршлен“. Други присутни наведуваат дека тој изнел долга листа на поплаки и забелешки пред своите сопартијци.

Промена на гласовите по средбата со Трамп

Само неколку часа по овој состанок, според телевизијата Си-Ен-Ен, двајца републикански сенатори – Ренд Пол и Бил Кесиди – го сменија својот став. Тие претходниот ден гласаа за ограничување на претседателските овластувања, но на второто гласање го поддржаа Трамп.

Претседателот ја поздрави ваквата одлука, оценувајќи ја како сигнал до Техеран. „Ова гласање е предупредување за Иран“, напиша тој на својата социјална мрежа Трут Соушл.

Контекст: ескалација и преговори за крај на војната

САД и Израел ја започнаа војната со Иран на крајот на февруари со воздушни напади врз Техеран. Иран возврати со ракетни и нападни беспилотни летала врз Израел, како и врз неколку држави од Персискиот Залив и американски објекти во регионот.

Во средината на јуни, САД и Иран потпишаа рамковен договор, а во моментов се водат преговори што треба да доведат до конечен договор за завршување на конфликтот, најдоцна до август.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми