1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вјоса Османи во Скопје: Поддршка за европскиот пат

ДТЗ
26 април 2023

Стево Пендаровски на прес-конференција порача дека земјата ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и дека е подготвена да ги сподели македонските искуства во однос на реформските процеси.

Вјоса Османи Садриу Стево Пендаровски
Претседателката на Косово во посета на СкопјеФотографија: Kabinett Präsident Nord-Mazedonien

Северна Македонија и Косово ќе продолжат да чекорат рамо до рамо по европскиот пат. Ова е пораката која што ја испратија во Скопје претседателот Стево Пендаровски и неговата колешка од Косово, Вјоса Османи - Садриу која што е во посета на земјата. Пендаровски порача дека земјата ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и дека е подготвена да ги сподели македонските искуства во однос на реформските процеси.

Посетата на Вјоса Османи се реализира по една и пол година од посетата на Пендаровски на Косово. Ова е нивна четврта средба во последниве неколку години. 

Ова е четврта средба на двајцата претседатели во последниве неколку години. Фотографија: Kabinett Präsident Nord-Mazedonien

Заедничка иднина

Двајцата соговорници се согласиле дека заедничката иднина на двете држави во евро-атлантските структури е влог во натамошна стабилизација и просперитет на регионот на Западниот Балкан.

„Северна Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската Унија, така и во однос на членството во НАТО. Ја поддржуваме одлуката на Европската Унија за визна либерализација за Косово и активно го поддржуваме учеството на Косово во различните регионални и континентални формати на соработка“, порача Пендаровски на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово.

Претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу со највисоки државни и воени почести беше пречекана од претседателот Стево Пендаровски во „Вила Водно“.Фотографија: Kabinett Präsident Nord-Mazedonien

Вјоса Османи-Садриу оцени дека двете земји ќе го продолжат продлабочувањето на односите во многу области од образованието и културата до здравството и економијата, надворешната политика и одбраната. „Нема поле каде што не сме работеле и каде што нема да работиме, бидејќи она што не обединува се вредностите и визијата“, додаде таа.

На средбата двајцата претседатели размениле мислења и за билатералните односи, за состојбите во двете земји, за економската соработка, како и за регионалните прашања и европските интеграции, кои се одвиваат под притисок на негативните ефекти од руската инвазија врз Украина. На средбата со косовската претседателка е разговарано и за можностите за унапредување на правата на Македонците во Косово, „во време кога некои странски пропаганди се повторно активирани“. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми