1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички шах-мат или ќорсокак?

22 ноември 2023

Првиот круг на претседателските избори ќе биде лакмус за вториот круг претседателски избори и парламентарните избори. Кои се можните разврски? Пишува Никола Тодоров

Гласачко ливче на парламентарните избори во 2020 година. фото: архиваФотографија: picture-alliance/AP Photo/B.Grdanoski

На македонската политичка сцена, никогаш не било здодевно. Нивото на политичка и демократска култура кај нас не е на завидно ниво, па така мотото дека секое средство е дозволено за време на избори доколку ја оправда целта за победа, ќе биде повторно движечко политичко кредо. Интересно е што овојпат едно од средствата за да се дојде до целта - победа на парламентарните избори - ќе бидат претседателските избори. 

Мојот став е дека претседателските и парламентарните избори треба да бидат заедно. Бев прилично убеден дека СДСМ и ДУИ ќе опстојат на својата позиција за одделни избори во нивните редовни термини, но изгледа нешто ги предомисли. Анализите покажуваа дека единствената мала, но сепак некаква шанса, СДСМ да биде во позиција да се бори повторно да остане на власт е претседателските и парламентарните избори да бидат одвоени, па учеството на сите партии кои се во владата со еден кандидат против посебните кандидати на ВМРО и Левица, изгледаше како доходовна политичка опција за СДСМ да ја освои пол позицијата за следните парламентарни. Но, или нешто се случи или пак тие знаат нешто што другите не знаат, па се откажаа од оваа идеја и личи дека ќе прифатат претседателските и парламентарните избори да бидат споени. Приказните дека СДСМ процениле дека нивните членови се мрзеливи и тешко ќе може некој да ги натера да „трчаат“ за избори двапати во три месеци или пак дека ова е поврзано со заедничкото гласање за новиот деловник на Собранието, мислам дека не може да бидат толку силна причина за ваквата нивна одлука. Веројатно има нешто друго, но бидејќи немам потврдени информации, не би си дозволил да шпекулирам.

Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Затоа ќе направам анализа со расположливите податоци.  

(Не)споени избори

Иако изборите се споени, сепак не се целосно споени. Првиот круг на претседателските избори ќе биде лакмус за вториот круг претседателски избори и парламентарните избори. Кои се можните разврски?

Доколку во првиот круг на претседателските избори оди секоја од поголемите партии самостојно, па има посебен кандидат на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Алијанса, Левица и можеби некои од помалите политички партии, тогаш резултатот ќе биде исклучително поволен за ВМРО, бидејќи во таква ситуација кандидатот на ВМРО ќе има сериозна предност во однос на другите и тоа ќе доведе до огромна победа на парламентарните избори. Вака ВМРО ќе има свој претседател и многу веројатно ќе биде блиску до посакуваните 61 пратеник во Собранието.

Доколку во првиот круг на претседателските избори одат сите партии од Владата против ВМРО и Левица посебно, тогаш има повеќе можни разврски. Првата е кандидатот на ВМРО да води пред здружената владина коалиција и во тој случај, ВМРО ќе има слична, силна победничка позиција, ако не и подобра, од тоа секоја партија посебно да трча во првиот круг.

Доколку во првиот круг ВМРО губи, но со мала разлика од вака здружената владина коалиција, има шанси за двојна победа во вториот круг, но сепак нема да ја има ни одблиску таа позиција, ниту тој резултат што би го имала во претходно анализираните случаи.

Доколку ВМРО губи со повеќе од 20.000 гласови во првиот круг, тогаш можно е тоа да доведе до целосен пресврт и шансите владата на СДСМ-ДУИ-Алијанса да остане на власт и по изборите, сериозно ќе пораснат.  

Клучни изборни единици 

Одењето во предизборна коалиција за парламентарните избори помеѓу СДСМ-ДУИ-Алијанса може да биде и ризичен потег. Но, одењето на оваа коалиција заедно прво во првиот круг претседателски избори, ќе ги фамилијаризира гласачите со оваа можност, па ваквата коалиција ќе биде природна и очекувана работа за парламентарните избори две недели подоцна. Ова последново е многу важно за владините партнери за да можат да очекуваат дека секоја од партиите посебно ќе биде блиску до својот максимум во придонесот на гласови кој ќе го има во овој заеднички изборен потфат. Во оваа ситуација шестата, третата и четвртата изборна единица, покрај првата ќе бидат најважни. Клучно во оваа битка за ВМРО ќе биде да направи повеќе пратеници разлика во третата и четвртата изборна единица од тоа што ќе го загуби во шестата изборна единица. Секоја разлика помала од 11-12 пратеници во третата и четвртата изборна единица во корист на ВМРО, ќе биде предизвикувачки изборен резултат. Од друга страна првата изборна единица може најмногу да ги замати сметките на големите партии. Опасност и за ВМРО и за СДСМ во првата изборна единица ќе биде Левица, која може сериозно да изненади и да ја однесе шегата, но и надежите.

Сумирано, на ВМРО му одговара голема излезност, изборите да бидат заедно и секоја од партиите да оди со свој кандидат во првиот круг претседателски избори, а на СДСМ му одговара мала излезност и, во првиот и вториот круг на претседателски избори и на парламентарни избори да одат сите владини партнери заедно, под услов да имаат шанса солидно да водат во првиот круг претседателски избори. На Левица ѝ одговара да оди самостојно на овие избори и да го искористи како бустер резултатот од првиот круг, исто како и на некои други помали политички партии. Во оваа партија политички шах, вечерта после парламентарните и претседателски избори ќе знаеме дали ќе биде шах-мат или ќорсокак.

Некој спомна уставни измени? Неее! Одамна ви кажав дека тие се средство за политичка добивка. Тие, иако ќе бидат доста присутни како тема во текот на кампањата, која ќе биде валкана и интензивна, сепак, ќе дојдат на агенда за решавање првиот ден после парламентарните избори. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми