1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој се плаши од ветинг?

ДТЗ
19 април 2024

Идејата за ветинг не е нова, но сега е созреано времето да се реализира. Без прочистување на судството, земјата не може да се справи со корупција и криминал, вели аналитичарот Сефер Селими

корупција
Празни ветувања за ветинг или идеја зрела за реализација?Фотографија: Colourbox

Ветингот на судството и прочистувањето на политиката од корумпирани функционери е една од главните теми коишто ја одбележаа кампањата за претседателските избори, која што се приближува кон својот финиш. Темата, која што се провлекува од 2016 година, претседателот Стево Пендаровски, смета дека уште не е доцна за да се спроведе. Неговиот противкандидат, Бујар Османи, пак, ја наметнува како еден од условите за формирање на влада. 

Зошто не е доцна за ветинг?

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски смета дека е крајно време да се направи ветинг на сите судии и обвинители како и на сите политичари. Тој на митинзите во Кочани и во Гостивар деновиве образложи зошто не е доцна во државата да се спроведе ветинг.

Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски смета дека е крајно време да се направи ветинг на сите судии и обвинители како и на сите политичари.Фотографија: Boris Georgievski/DW

„Ветинг на судии и обвинители да, ама овој пат до крај независно што ќе каже Америка или Европа. Мислам дека е крајно време да го направиме тоа, но пред се проверка на имотот на нас политичарите, почнувајќи од мене па надолу, за да видиме дали некој навистина живеел од плата во неговиот мандат од четири или пет години или имал и други приходи, односно дали несразмерно го зголемил својот имот“, порача Пендаровски. Ако несразмерно го зголемил својот имот, ќе треба не само да ги врати тие пари, туку да оди во затвор. Меѓутоа, за да оди во затвор мора да има и домаќини луѓе кои ќе го минат тој ветинг за да можат да бидат обвинители и судии, додаде Пендаровски.  

Претседателскиот кандидат Бујар Османи отиде чекор понатаму. Порача дека нема да има влада без договор за целосен ветинг на сите носители на јавни функции. „Секој кој сака да стане министер, директор, судија или обвинител, прво ќе треба да добие сертификат што ќе го издадат САД, Европската Унија и НАТО во две насоки. Дали имаат некаква врска со руските интереси и дали се вмешани во корупција…“, рече Бујар Османи, кандидат за претседател на „Европскиот фронт“.

На оваа изјава реагираше кандидатот за претседател од редовите на коалицијата „ВРЕДИ“, Арбен Таравари. Според него, ДУИ има формирано шест - седум различни влади, но ветинг никогаш не спровеле. Таравари рече дека лично го поканил Османи и тоа неколку пати да потпишат ветинг за обвинители, судии и политичари. 

Претседателскиот кандидат Бујар Османи отиде чекор понатаму. Порача дека нема да има влада без договор за целосен ветинг на сите носители на јавни функции.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Идеја зрела за реализација

Политичкиот аналитичар Сефер Селими за ДВ вели дека темата за ветинг не е нова, и дека и во минатото беше една од главните изборни ветувања и на ДУИ и на СДСМ.

„Но, тогаш не наиде на поддршка од меѓународните партнери и поради обемниот процес, но и поради други причини кои секако беа поврзани со очекувањето како тоа би можело да заврши во Албанија, каде што се одвиваше ваков процес. Сега гледаме дека таа реформа и тој ветинг посебно на судиите почнува да дава резултати и мислам дека е созреано времето за да влеземе и ние во таков процес на прочистување на судството од корумпирани и партизирани судии“, вели Селими.

Проблемите во правосудството се присутни долги години наназад. Пендаровски смета дека тие не се решаваат со неколку разрешувања или кадровски промени, туку со системски промени.

„Една од тие системски промени, е комплетниот ветинг во правосудниот систем и жалам што, слушајќи ги советите на високите европски функционери во 2016 и 2017 година, кога се промени структурата на власта, ние не влеговме во тој процес. Гледајќи ги ефектите од немањето ветинг во Македонија, мислам дека не можеше да биде полошо во таа смисла ако направевме комплетен ветинг“, рече тој изминатите месеци говорејќи за владеењето на правото, во гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Ваквите ставови тој ги повтори и за време на кампањата. Вели дека не само оваа политичка структура, туку по изборите сите треба да се заложат да се спроведе ветинг на судиите и на обвинителите, но и на политичарите.

„Значи не можеме ние целата вина да ја ставаме на судии и обвинителите, а самите да се амнестираме од тоа. Прво да се тргне од претседателот, од премиерот, од неговите роднини, пријатели, колеги, блиски, подалечни роднини, да не случајно си префрлил имот на друго име, само така ќе знаеме кој е човек со образ, кој суди по Устав и по закон. Сè друго е лажење на народот”, вели Пендаровски.

Тој на митингот во Кочани во четвртокот (18.04) рече:  „Потребно е да го спроведеме ветингот, за граѓаните да не се сомневаат дали судиите и обвинителите работат согласно со законите или како што ќе им наложи некој друг. Да нема генерална перцепција во народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари украдени на наплатна рампа одиш во затвор, а за милијарди украдени си живееш лагодно по не знам кој светски даночен рај. За да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг или проверка на имотот на секој од нас и не само последните пет години. Ајде да тераме од 1990. Зошто да не? Јас немам од што да се плашам. Меѓутоа, знам некои од другата страна што имаат многу причини за страв”, заклучи Пендаровски.

Спроведување на ветингот најавуваше и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Тој пред неколку месеци рече дека процесот на ветинг на именувани и избрани функционери, можеби треба да се прошири на физички и правни лица.

Според аналитичарот Сефер Селими, ветувањата за проширување на ветингот и во политиката, повеќе е во функција на предизборната кампања и е обид за оддалечување од одговорностаФотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Begsteiger

„Тој процес Албанија го спроведе. Во нашата држава Владата сакаше да го спроведе, но беше спречена од ЕУ, не знам од кои причини. Меѓутоа нема кој да го спречи тој процес на наредните избори кога повторно ќе ја добиеме честа да ја водиме владата, и во тој процес точно ќе може да се идентификува кој е за унапредување, кој е за доусовршување, а кој не може да извршува одредена фукнција и при тоа ќе бидат опфатени сите, а не само да го имате премиерот и министрите секој ден на телевизија, и секој ден да се гледаат нивните анкетни листови, туку треба да се гледаат на сите - од царина, до судови и обвинителства“, рече Ковачевски во декември 2023 година.

Според аналитичарот Сефер Селими, ветувањата за проширување на ветингот и во политиката, повеќе е во функција на предизборната кампања и е обид за одалечување од одговорноста поради лошите резултати во борбата против корупцијата. и од страна на опозицијата, но и од страна на власта.

„Топката се префрла на друг терен - во судството, кое навистина има проблеми и со партизација и со корупција и за сето она што се обвинува и во јавните дискусии, но и во извештаите на меѓународните институции. И затоа мислам дека нивниот (де)фокус е да се префли топката само во судството“, вели Селими, кој се согласува дека без да се прочисти судството, земјата не може да се справи со корупција и криминал. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми