1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Претседателот Милановиќ пред втор мандат?

Зоран Арбутина
28 декември 2024

На 29 декември 2024 во Хрватска се одржува првиот круг од претседателските избори. Фаворит е актуелниот претседател Зоран Милановиќ. Тој долго време поларизира - и често останува нејасно за што всушност се залага.

Сака втор мандат: Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на настан во изборната кампања во Загреб на крајот на декември 2024 година
Сака втор мандат: Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на настан во изборната кампања во Загреб на крајот на декември 2024 годинаФотографија: Damir Sencar/AFP/Getty Images

Поддржувачите на Зоран Милановиќ имаа што да видат едно неделно утро кон средината на декември 2024 година. На почетокот на изборната кампања во преполната сала во Загреб, актуелниот претседател на земјата членка на ЕУ и кандидат на претстојните претседателски избори (29 декември 2024 година) се претстави на за него вообичаениот борбен начин.

Откако публиката го поздрави Милановиќ со громогласен аплауз, тој остро ги нападна премиерот Андреј Пленковиќ и неговата влада. Претседателот го обвини шефот на владата за корупција и непотизам и го опиша Пленковиќ како „пудлица“ и „марионета на Брисел“, како човек кој одобрува сè што одлучува Европската унија – и притоа не обрнува внимание на националните интереси на Хрватска. Останатите кандидати во трката за претседател беа само предмет на потсмев за Милановиќ, за кои како што рече, воопшто и не сака да зборува бидејќи „орел не лови муви“.

Самодовербата на Милановиќ има основа. Актуелниот претседател со недели води на сите анкети во трката за нов петгодишен мандат, а поддршката што ја ужива меѓу гласачите според последните податоци изнесува 39 проценти. Неговиот најсериозен ривал, Драган Приморац, кандидатот на владејачката национално-конзервативна Хрватска демократска заедница (ХДЗ), има 23 проценти поддршка. Ивана Кекин од лево-зелената партија „Можемо!“ и независната кандидатка Марија Селак Распудиќ многу заостануваат со по околу девет проценти.

Хрватскиот премиер Андреј ПленковиќФотографија: Antonio Bronic/REUTERS

Хрватски Трампизам

„Милановиќ воопшто нема програма“, посочува загрепскиот политиколог и политички аналитичар Жарко Пуховски во интервју за ДВ, кој додава дека Милановиќ „е програмата“. Тоа што Милановиќ го практикува е „еден вид Трампизам“, продолжува Пуховски. „Тој се претставува како човек со јасни зборови, јасни претстави, кој не знае за пардон. Тоа им се допаѓа на луѓето: силни мажи. Тоа го гледаме во моментов и во Унгарија и во САД“, вели аналитичарот.

Покрај тоа, на претседателот не му е грижа ниту за законите, ниту за државните институции на Хрватска. „Неколку пати го прекрши Уставот, одбива да соработува со владата и парламентот, ги игнорира одлуките на Уставниот суд, чии што судии ги опиша како досадни муви и гангстерски групи. На последните парламентарни избори (во април 2024 година, заб. на ред.) противуставно дозволи да биде предложен за главен кандидат на неговата Социјалдемократска партија - без да поднесе оставка од функцијата претседател, како што бараше Уставниот суд“, објаснува Пуховски.

Жарко Пуховски е политиколог и политички аналитичар во хрватскиот главен град ЗагребФотографија: Zoran Arbutina/DW

Да за Европа - но Хрватска на прво место

Политички, Милановиќ, кој беше долгогодишен претседател на Социјалдемократската партија (СДП) и како таков шеф на владата од 2011 до 2016 година, не може да се оквалификува ни како јасно лев, ни како десен. Наместо тоа, се стилизира како бестрашен борец против корупцијата што ја нагризувадржавата и непотизмот на владејачката ХДЗ – но, истовремено ги игнорира централните институции на хрватската држава.

Од една страна, Милановиќ ја нагласува припадноста на Хрватска во западниот свет и во ЕУ – но, од друга страна тој инсистира дека притоа интересите на Хрватска секогаш треба да бидат на прво место. Тој го потенцира потеклото на хрватската државност во антифашистичката борба на југословенските партизани за време на Втората светска војна – но, доделува медали на хрватските војници кои во 1990-тите се бореа за хрватската независност од Југославија со слоган на усташките фашисти.

Подобен и за левите и за десните

Оваа неодреденост им овозможува на Хрватите од многу различни политички табори да гласаат за Милановиќ. Додека Приморац се перцепира како гласноговорник на неговиот политички ментор, претседателот на ХДЗ и премиер Андреј Пленковиќ, Левицата во Милановиќ гледа единствени сериозен противник на моќниот национално-конзервативен премиер. Десницата, пак, ја цени неговата заложба за благосостојбата на нацијата и неговиот суверенитет во однос на ЕУ.

Претседателот во Хрватска има малку овластувања во внатрешната политика. Главниот збор го имаат Саборот (хрватскиот парламент) и владата. Шефот на државата има овластувања само за некои прашања кои се однесуваат на разузнавачките служби и за некои аспекти на надворешната политика и како врховен командант на армијата за одбранбените прашања.

Драган Приморац, претседателски кандидат на националната конзервативна партија Хрватска демократска заедница (ХДЗ), на настан од кампањатаФотографија: Damir Sencar/AFP/Getty Images

Да за НАТО, но без вмешаност во војната

Во однос на надворешната политика, Милановиќ сака да ја држи Хрватска настрана од војната во Украина . „Ова не е наша војна“, рече тој, повторувајќи една стара изрека: „Кога слоновите се борат, глувците треба да останат настрана“. Покрај тоа , претседателот на почетокот на 2023 година, изјави дека Русија „не може да биде поразена со конвенционални средства“.

Милановиќ не го доведува во прашање членството на Хрватска во НАТО - но тој го отфрла активното распоредување на хрватски војници во војната во Украина, дури и како дел од можни мировни сили. Затоа, неговиот противник Приморац се обиде да го дискредитира како „ човекот на Путин  “ и „платен од Русите“. Но, бидејќи тој не можеше да ги поткрепи овие тврдења, тие останаа без последици.

Доколку ниту еден од кандидатите за претседател на Хрватска не добие апсолутно мнозинство гласови во првиот круг од изборите на 29 декември, првите двајца кандидати ќе ги одмерат силите во вториот круг 14 дена подоцна.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми