1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

САД: Почнува гласањето за номинацијата на Харис

СН/агенции
1 август 2024

Демократите ќе одлучуваат за претседателската кандидатура на Камала Харис преку дигитално гласање. Тоа треба да трае пет дена. Во меѓувреме, Доналд Трамп предизвика рецолт со своите изјави.

Камала Харис на предизборен митинг во Тексас
Камала Харис на предизборен митинг во ТексасФотографија: IMAGO/NurPhoto

По повлекувањето на Џо Бајден од трката за Белата куќа , американскaта потпретседателка Камала Харис се смета за заменска кандидатка и за нова надеж за Демократската партија. Денеска започнува гласањето, со кое Харис треба официјално да биде номинирана за нов претседателски кандидат за изборите во САД во ноември годинава. За електронското гласање се предвидени пет дена.

Според партиската централа, Демократскиот национален комитет (ДНЦ), 99 отсто од партиските делегати во процесот на номинација досега ја поддржале кандидатурата на Харис за претседателка на САД. Номинацијата за неа е  повеќе од извесна. Поддршка од најмалку 300 делегати беше неопходна за квалификување за конечното гласање за претседателски кандидат на демократите. Ниту еден друг кандидат не го преминал овој праг, соопшти ДНЦ.

Се очекува Харис наскоро да го објави и нејзиниот кандидат за потпретседател. Нејзиниот тим објави дека Харис и нејзиниот т.н. „Ранинг мејт“ наредната недела ќе водат предизборна кампања во сојузните држави, Пенсилванија, Висконсин, Мичиген, Северна Каролина, Џорџа, Аризона и Невада, во кои ниту демократите ниту републиканците немаат јасна предност спроти изборите.

Доналд Трамп и Камала Харис ќе ги одмерат силите во кампањата за претседателските избори во САДФотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance und Mat Otero/AP/dpa/picture alliance

Предвремена номинација поради роковите

Претседателските кандидати на двете најголеми американски партии вообичаено официјално се номинираат на партиските конвенции. Конвенцијата на Демократската партија од 19-ти до 22-ри август во Чикаго сега  само ќе служи за да се прослави претходно усвоената кандидатура на Харис.

Демократите веќе направија планови за виртуелно гласање за претседателскиот кандидат уште пред Бајден да го објави своето повлекување. Овие планови беа образложени со законот во сојузната држава Охајо, според кој претседателските кандидати треба официјално да бидат именувани до 7 август. Охајо потоа го одложи крајниот рок за номинацијата по партиската конвенција на Демократската партија. Сепак, преставници на демократите изразија сомневање дека републиканците би можеле да го применат првичниот рок, па задоа беше одлучено за електронско гласање.

Трамп: Дали е Индијка или е Афроамериканка?

Додека Харис се приближува до нејзината официјална номинација, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп предизвика бес за време на обраќањето во Националната асоцијација на црни новинари во Чикаго.

Доналд Трамп за време на гостувањето во Националното здружение на црни новинари во ЧикагоФотографија: Charles Rex Arbogast/AP/picture alliance

Трамп беше генерално агресивен и изврши дополнителни напади против својата противничка. Долго време Харис се рекламираше исклучиво со нејзиното индиско потекло, а потоа „одеднаш поцрне“, рече Трамп.

Белата куќа остро реагираше на изјавите на Трамп. Портпаролката Карин Жан-Пјер, првата црна жена на портпаролската функција во Белата куќа, ги нарече коментарите на Трамп „навредливи“ и „одвратни“. Самата Харис не навлезе во детали за нападите на противникот. На настап во кампањата во сојузната држава Тексас, таа рече дека Трамп  во Чикаго го приредил „истото старо шоу“ на „поделби“ и „непочитување“.

Харис е првата жена, првата црнка и првата азиска Американка која положи заклетва како американска потпретседателка. Нејзиниот татко емигрирал во САД од Јамајка, а нејзината мајка дошла од Индија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми