1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Ердоган - вечниот претседател

Erkan Arikan
Еркан Арикан
29 мај 2023

Реџеп Таип Ердоган победи на претседателските избори. Во предизборната кампања ја продлабочи поларизацијата на општеството, а јазот стана уште подлабок, смета Еркан Арикан, шеф на турската редакција во ДВ.

Фотографија: Valery Sharifulin/TASS/dpa/picture alliance

Кој во Турција и остатокот од светот се надеваше на тоа дека по 20 години ќе може да има нов претседател на држава, ноќта по претседателските избори доживеа горко разочарување. Стариот е и нов претседател - Реџеп Таип Ердоган. Победата не е „падната од небо”. Ердоган како претседател ги имаше на располагање сите можности за да ја спроведе предизборната кампања со голема медиумска помпа. Изборни реклами на државната телевизија, големи настапи ширум цела држава и сето тоа со државни пари.

А, неговиот противкандидат? Ограничени средства од партиската каса. Дополнително на ова, Кемал Киличдароглу не доби воопшто време за емитување во етерот на и онака исто ориентираните медиуми. Сликата треба да си ја претставите вака: Ердоган има комплетен Формула-1 тим и се трка против „крнтијата” на Киличдароглу.

Изборната победа на Ердоган беше прославена во Истанбул и на други места во ТурцијаФотографија: Emrah Gurel/AP Photo/picture alliance

Вистинската причина за победата на Ердоган 

Може да констатираме дека имаше три суштински точки кои имаа огромно влијание на кампањата и изборниот резултат.

Прво, Турција во февруари годинава доживеа историски најтешка природна катастрофа. Во земјотресот само во Турција загинаа преку 51.000 луѓе.

Второ, земјата е во лоша економска состојба со инфлација која не е забележана со децении и невработеност која посебно се одразува кај помладите делови од населението. Воопшто не треба да се запостави ‘одливот на мозоци’ од изминатите години.

Трето, од 2015 година голем број на бегалци пред сѐ од Сирија, Ирак, Иран и Авганистан се наоѓаат во земјата, а според податоци на Агенцијата за бегалци на ООН се работи за повеќе од 4 милиони лица. Ердоган, но и Киличдароглу, во предизборната кампања рекоа дека ќе го решат „бегалскиот проблем”. Но, како? Многу просто - „сите ќе бидат пратени дома”.

Еркан Арикан, автор на коментаротФотографија: Ronka Oberhammer/DW

Во однос на сите три проблеми - бегалци, земјотрес и економија - мнозинството гласачи сметаат дека поголеми се изгледите да најде решение Ердоган кој е веќе 20 години на власт, отколку еден лидер на опозицијата, кој никогаш до сега не владеел. 

Како понатаму во Турција? 

Ердоган во првото победничко обраќање вечерта во Истанбул исто како и пред тоа во кампањата, жестоко ги нападна опозицијата и ЛГБТ заедницата. Тоа е знак дека опозицијата, но и маргиналните групи во земјата и натаму ќе имаат тешкотии.

И уште нешто Ердоган им порача на своите гласачи: „Победата денес е само почеток. Следната година на локалните избори повторно ќе ги освоиме Истанбул и Анкара!”

За Ердоган по изборите е пред изборите. Тоа е најава за борба насочена пред сѐ кон владеачкиот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу од ЦХП, како и кон Мансур Јавас од Анкара.

Но, јасно е и дека Ердоган по победата ќе мора итно да преземе мерки за ревитализација на економијата во Турција.

Па така и не е изненадување што тој ги истакна честитките од државите од Персискиот залив и рече дека „ќе се упатам во посета на регионот во знак на благодарност”. Според експерти, тоа е уште еден индикатор дека ќе обезбеди свежа пара.

Поддржувачите на Ердоган во Берлин славеа по неговата изборна победаФотографија: Omer Messinger/Getty Images

Што прави лидерот на опозицијата? 

Во многу земји во светот кандидатите по изборен пораз би се повлекле и би отстапиле чист простор за нов почеток. Откако беше објавено дека Киличдароглу ќе одржи пресконференција уште истата вечер, во Анкара се шпекулираше дека ќе најави повлекување од функцијата претседател на партијата. Но, ни одблизу не беше така. Во Турција имено никогаш нема најави за оставка. А, најмалку од Кемал Киличдароглу. Па така не беше изненадување што најави дека ќе продолжи и дека нема да ги разочара оние што го поддржале.

Дали е тоа вистинскиот сигнал за опозицијата е спорно, но факт е дека Ердоган во иднина ќе има малку допирни точки со партискиот лидер Киличдароглу. Неуспешниот претседателски кандидат ниту ќе биде во парламентот, ниту ќе чекори на истиот тепих затоа што нема мандат.

Ердоган пак уште сега е овековечен во книгите по историја како претседателот кој го означи вториот век на Турската република и човек кој веќе четврт век остави свој печат на Турција.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми