1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски избори во Украина и покрај војната?

Ихор Бурдига | Ана Пшемиска
12 април 2025

Изборите во Украина би можеле да се одржат веќе ова лето, објави неделникот „Економист“. Сепак, сè уште има отворени прашања, вклучително и безбедноста и изборните списоци.

Оставена гласачка кутија во Олександивка по руски ракетен напад
Претседателски избори во Украина и покрај војната?Фотографија: Igor Burdyga/DW

Веќе во јули оваа година, во Украина може да се одржат избори - набргу по укинувањето на воената состојба, што Вашингтон сака да го постигне до 20 април. Ова го објави меѓународниот неделник „Економист“ на 30 март. Според весникот, претседателот  Володимир Зеленски,  кој првпат беше избран за петгодишен мандат во летото 2019 година, планира да се кандидира за втор мандат. Тој му наложиl на својот тим да организира избори по почетокот на сеопфатниот прекин на огнот.

Сѐ уште нема подготовки за избори

Во Украина моментално не се вршат подготовки за избори, изјави на 31 март претседателот на на пратеничката група на владејачката партија „Слуга на народот“ Давид Арахамија на украинскиот канал „Суспилне“. „Сите партии и пратенички групи во парламентот се согласија изборите да се одржат шест месеци по укинувањето на воената состојба“, рече Арахамија.

Украинскиот парламент на крајот на февруари ја усвои декларацијата „За поддршка на демократијата во услови на  руска агресија“.  Во таа декларација тие го поддржуваат Зеленски  и ги отфрлаат обвинувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека Зеленски веќе не е легитимен шеф на државата. Декларацијата потврдува дека претседателските избори ќе се одржат „штом ќе се обезбеди сеопфатен, праведен и одржлив мир“.

И САД и Русија постојано бараа да се одржат нови избори во Украина.  Американскиот претседател Доналд Трамп во февруари дури го нарече Зеленски „диктатор без избори“. Меѓутоа, во Украина, според Уставот,  изборите се забранети за време на воена состојба.

Кои безбедносни ризици постојат?

Многу Украинци се навикнати на секојдневно гранатирање, но големите предизборни настани, дебати или средби меѓу кандидатите и гласачите би биле крајно ризични во сегашните услови. Затоа Киев во сите разговори инсистира на безбедносни гаранции. Така, примирјето треба да важи не само на фронтот, туку треба да обезбеди и избирачките места да не станат цели на воздушни или терористички напади.

Луѓето се собираат на железничката станица во Лвов во 2022 година за да побегнат во странствоФотографија: Mykola Tys/AP Photo/picture alliance

А не е исклучено да се случи такво нешто, предупредува Олга Ајвасовска, директорка на социјалната мрежа „Опора“ која го надгледува одржувањето на изборите во Украина. „Имајќи ги предвид нападите врз центрите за регрутирање и саботажата на железницата, треба да очекуваме дека Русија ќе направи нешто слично со избирачките места. Затоа, изборниот закон за повоениот период треба да регулира како да се постапува во таков случај за време на избори или броење гласови, дури и во случај на симулирани терористички напади“, вели Ајвасовска.

Дали можат да бидат регистрирани сите гласачи?

На првиот ден од сеопфатната руска инвазија, Централната изборна комисија го блокираше пристапот до избирачките списоци, за да ги заштити и него и податоците на граѓаните. Во тој момент биле запишани околу 34,7 милиони гласачи.

Дури во декември 2023 година, Комисијата делумно ја продолжи работата на базата на податоци. Во моментов, таа е фокусирана на ажурирање на адресите на избирачките места, бидејќи Украина ги промени имињата на многу места и улици за време на процесот на декомунизација и дерусификација. Исто така, Комисијата евидентира воена штета. До 2024 година, само на територијата на Киев, 7.500 избирачки места беа погодени од борбените дејства.

Во избирачкиот список граѓаните се запишуваат според постојаното место на живеење. Сепак, од почетокот на руската инвазија во 2022 година, бројот на внатрешно раселени лица се зголеми многукратно - во декември 2024 година, според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), ги имало повеќе од 3,6 милиони. Многу од нив не се регистрираат на нивната нова адреса или го прават тоа доцна, забележуваат експертите од Институтот Разумков во Киев. „Како резултат на тоа, адресите на гласачите не се ниту ажурирани, ниту веродостојни“, велат истражувачите во студијата.

Што е со Украинците во странство?

Покрај внатрешно раселените, има и украински бегалци во странство - според податоците на ИОМ, на крајот на 2024 година ги имало околу шест милиони. За да учествуваат на изборите мора да се пријават во украинските конзулати во земјите во кои побегнале. Сепак, според украинското Министерство за надворешни работи, повеќето не го прават тоа.

Дури и гласањето на регистрираните бегалци во странство би било комплицирано. Досега гласачките места најчесто се организираа во просториите на конзулатите - кои не можат да примат десетици илјади граѓани во еден ден. Затоа, треба да се изнајмат дополнителни простории, барем во големите градови каде што денес живеат најголем број Украинци. Сепак, сè уште не е јасно како да се постапи  со Русија  и Белорусија, каде, според податоците на ОН, до крајот на 2024 година се населиле 1,3 милиони Украинци.

Војници гласаат на претседателските избори во 2019 година во источна УкраинаФотографија: Photoshot/picture alliance

Според анкетата на Центарот Разумков, околу 47 отсто од Украинците сметаат дека бегалците во странство треба да имаат право да гласаат на изборите во својата татковина, додека околу 36 отсто се против. Сепак, се чини дека многу Украинци во странство постепено губат интерес за политичкиот живот во нивната земја. Антон Хрушчецки од Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС) за ДВ изјави дека само една третина од 801 бегалец што ги анкетираше КИИС минатиот мај во Полска, Германија и Чешка изразиле желба да учествуваат на следните избори.

Гласање на апликации како за Евровизија?

Можеби изгледа дека многу логистички проблеми може лесно да се решат со далечинско гласање - по пошта, како во Германија, или со електронски системи како украинската апликација „Дија“, која ја користат повеќе од 21 милион Украинци во земјата и во странство. Преку неа, на пример, во февруари беше избран украинскиот претставник за овогодинешниот Евросонг. „Но, тогаш системот падна, поради што апликацијата сè уште не може да се смета за сигурна“, критикува пратеничката Алина Захоруико од владејачката партија „Слуга на народот“.

„Русија може да влијае на изборите не само физички или преку хакерски напади, туку и преку информации преку медиумите и социјалните мрежи“, нагласува Олха Ајвасовска. Со неа се согласува и претседателот на Комитетот за слобода на мислата во украинскиот парламент, Јарослав Јурчишин од фракцијата „Холос“ (Глас). Сепак, украинските медиуми и државата развија методи за борба против руските дезинформации во последните три години од војната.

Јурчишин понатаму посочува дека учесниците во мировните преговори најверојатно ќе го одредат датумот на изборите. Исто така, Украина мора да ги координира изборите со своите партнери, бидејќи едноставно нема средства за нивно спроведување. „Денес не може да се предвидат многу аспекти од идното примирје, а со тоа и изборите. Сепак, има очигледни предизвици и Собранието веќе треба да го реформира изборниот закон за да одговори на нив“, смета пратеникот. Во тој контекст, претседателот на Централната изборна комисија, Олех Диденко, за весникот „Украинска правда“ изјави дека подготовките за изборите по завршувањето на војната ќе траат подолго отколку што предвидува сегашниот закон. Затоа, релевантните правни процедури би морале да се прилагодат на последиците од војната. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми