Спортското и рекреативното искачување на Водно е една од поважните занимации во македонската метропола, а оваа година се придружува уште една дисциплина: политичко искачување на Водно. Во трката ќе учествуваат најмалку седум кандидати. Спортскиот почеток на оваа колумна е избран за да се отслика дека на најважната политичка трка во државата ѝ се дава спортски дух судејќи според бројот на заинтересираните за функцијата претседател на државата.
„Апликациите“ ќе ги разгледуваме сите заедно откако официјално ќе почне кампањата, но во меѓувреме самите кандидати не оставаат простор за неизвесност. Секојдневно ја потсетуваат јавноста за своите добри страни и ги уверуваат граѓаните дека се најдобри за извршувањето на највисоката функција. Актуелниот претседател Пендаровски за себе вели дека не направил ниту една грешка или штета за стратешките интереси на државата и дека се кандидира за да го заокружи поглавјето за ЕУ-интеграцијата на земјата. Неговата противкандидатка Силјановска-Давкова вели дека ќе ги враќа гордоста и достоинството на граѓаните на Македонија, застапувајќи ставови за прекин во исполнувањето на условите од ЕУ за продолжување на преговорите за членство.
Во таборот, ако така може да се рече, на Пендаровски е и третиот кандидат - шефот на дипломатијата Бујар Османи, во чие портфолио се исто така евроинтеграциските процеси, чие лично учество во трката е енигма со оглед дека се работи за амбициозна личност, а со мали шанси да победи. Од албанскиот политички кампус пристигна и друга кандидатска понуда – докторот Арбен Таравари, соборениот лидер на Алијанса за Албанците. Кандидати се и Максим Димитриевски, некогашен партиски соборец на социјалдемократите, а сега нивен лут ривал, градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски и професорката Билјана Ванковска.
Клуб без високи критериуми
Изгледа претседателското Водно се претвора во македонскиот политички Олимп. Претседателската функција е една од најпосакуваните, но и најмногу ценетите во државата, а воедно и најплатената политичка функција која на личноста што ја извршува ѝ дава углед и авторитет кој на пример не е својствен за премиерската и министерските функции. Меѓутоа, тоа е и ексклузивна функција, за која е вообичаено да нема толку многу учесници во трката бидејќи во политичките процеси не е ни возможно да созреат многу личности за да претендираат на претседателскиот трон.
Седуммина учесници во трката, за мала држава како што е Македонија, бездруго го намалуваат ексклузивитетот на претседателската функција. Но истовремено тоа сигнализира и дека за влезот во кандидатскиот клуб и нема некои високи политички критериуми освен математичките - 10 илјади потписи од избирачи или поддршка од 30 пратеници. Карактеристично е и тоа што освен двајцата фаворити Пендаровски и Силјановска-Давкова, ниту еден од другите кандидати не даде политичка најава за содржината на својата кандидатура, целите и плановите за тоа што ќе ѝ даде на државата како претседател.
За екс-премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, Пендаровски е „победнички кандидат кој ги споделува прогресивните вредности, со јасна визија за европска иднина на државата“. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Мицкоски промовирањето на кандидатурата на Силјановска беше шанса да порача: „Време е за промени и тоа време доаѓа“.
Опиплив став има и од ДУИ, чиј лидер Али Ахмети во јавно обраќање, промовирајќи го Бујар Османи, ги повика граѓаните да изберат претседател и заменик- претседател со 2/3 од гласовите, односно со двојно мнозинство.
„Ве поканувам да ни се придружите на најважниот референдум на денешнината за да ѝ кажеме ‘не’ на Русија, ‘да’ на Европа! Ајде да избереме претседател и заменик-претседател со 2/3 од гласовите и двојно мнозинство по Бадентер. Бујар треба да ја очекува оваа промена што ја бараме и во нашата програма за 2016 и 2020 година. Отворањето на Уставот за случајот на претседателот ќе овозможи и усвојување на договорот за добрососедство и продолжување на европската интеграција“, рече Ахмети.
Важно е да се учествува....
Но колку и да се анализираат тие изјави или најави јасно е дека вистинската претседателска понуда или допрва ќе дојде или воопшто нема да ја има, а самата трка ќе се сведе на веќе слушнати флоскули и пораки без суштина. Од првиот бран изјави на учесниците може единствено да се заклучи дека тие ја сакаат претседателската функција, но немаат ниту приближно идеја како треба да ја извршуваат и во која насока ќе ја променат државата доколку избирачите им ја дадат довербата. Политичката увертира за претседателските избори кажува дека партиите на претседателската функција гледаат само како на трофеј во изборната битка, а не и на важна позиција во државната хиерархија.
Оттука и порастот на бројот на кандидати, од кои повеќето иако знаат дека не можат да влезат во вториот решавачки круг на изборите, сепак парадираат со несмалена жестина водејќи се од спортскиот слоган „важно е да се учествува, а не и да се победи“. Повеќе од јасно е и дека некои од нив влегуваат само како јадица за гласови кои потоа ќе послужат за некоја ситна функција и влог во лицитирањето меѓу големите. Тоа ја банализира македонската политикадо тој степен што кандидатите за претседател го губат значењето во очите на јавноста и ја потенцираат длабоката поларизираност во општеството меѓу двете водечки партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Многу работа стои пред нас и јас затоа сите оние кои ќе бидат носители на некоја функција бидејќи е 21 век, ги молам да стават крај на овие страшни поделби по било која основа, најмногу по партиска и по политичка, да не се однесуваат кон опозицијата како тие што се однесуваа кон неа, зошто без опозиција нема демократија, да градат консензус за најважните државни и национални прашања и интереси, да излегуваат кон надвор усогласени зошто само лидери и државници тоа го прават“, ќе рече еден од кандидатите, професорката Силјановска-Давкова.
Но какво фајде од оваа нејзина изјава кога партијата која стои зад нејзината кандидатура и која треба да ѝ ја донесе победата на изборите е еден од факторите во поделбите и заедно со ривалот СДСМ секојдневно ја бомбардираат јавноста со формулации кои значат поделба на „ангели“ и „демони“. Тоа меѓусебно торпедирање на двата мастодонти на политичката сцена се заканува да ја урне претседателската кампања и да ја претвори во битка до истребување.
Ова е само мал пример за тоа што нѐ чека. До официјалниот старт на трката има уште еден месец, но ако денот се познава по утрото, ќе одгледаме уште една лоша реприза на неквалитетен партиски натпревар, трговија со гласови меѓу двата круга, и претседател окован во партиски синџири бидејќи влогот на двете најголеми партии и овојпат е голем.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.