1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Разрешен претседателот на Претставничкиот дом на САД

ЖА
4 октомври 2023

Републиканците доживуваат дебакл: По 269 дена, Кевин Мекарти мора да ја напушти функцијата спикер во американскиот Конгрес. Зад ова стои пуч од неговите сопствени редови.

Кевин Мекарти, претседателот на Претставничкиот дом на САД
Кевин Мекарти, претседателот на Претставничкиот дом, беше сменет од функцијата со гласање во парламентотФотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Кевин Мекарти, претседателот на Претставничкиот дом, беше сменет од функцијата со гласање во парламентот, што се случува прв пат во историјата на САД. Мнозинството од Претставничкиот дом гласаше за смена на републиканскиот лидер од функцијата, а заднината е внатрешен бунт кај републиканците. Претседателот на Претставничкиот дом се смета за трета најважна функција во американската хиерархија, по претседателот и неговиот заменик. Предводени од тврдокорниот републиканец Мет Гаец, неколку други републиканци гласаа за отстранување на Мекарти од власт. Демократите во комората, пак, одлучија  да не му помогнат на Мекарти и гласаа против него. Републиканците всушност имаат контрола во Претставничкиот дом, но со неколку гласа разлика. Поради бројот на внатрешни бунтовници во сопствените редови, беше постигнато тесно мнозинство против Мекарти.

Буџетскиот спор во САД како причина

Водачот на бунтот, Гаец,  во понеделникот вечерта во Претставничкиот дом поднесе предлог за смена на Мекарти. 41-годишниот политичар го обвини Мекарти, меѓу другото, дека врши  заеднички работи со демократскиот претседател Џо Бајден, наместо да работи за републиканскиот табор. Причината е спорот за буџетот во САД. На Гаец му пречеше тоа што Мекарти ги искористи гласовите на демократите за да спречи  претстоен „шатдаун“ на владата  во последен момент минатиот викенд. Во саботата, Конгресот усвои привремен буџет до средината на ноември. Гаец исто така го обвини Мекарти за прекршување на неколку внатрепартиски договори, поради што смета дека не треба да му се верува. Со оглед на тоа што Претставничкиот дом сам го избира својот претседавач, тој е и единственото тело што може да го принуди да си замине од функцијата - по барање од редовите на пратениците.

Тврдокорниот републиканец Мет Гаец и неколку други републиканци гласаа за отстранување на Мекарти од властФотографија: Win McNameeGetty Images

Но, никогаш досега претседател на комората не ја изгубил функцијата на ваков начин. Во историјата на Конгресот, имало само едно претходно гласање на пленарната седница на Претставничкиот дом за предлог за смена на претседавачот, пред повеќе од сто години: 1910 година.

Мекарти ги критикува мотивите за неговата смена

Во делумно емотивен, делумно агресивен настап, Мекарти рече дека претседавањето претставува најголема чест за него. „Ја сакав секоја минута. Не би направил ништо поинаку“, нагласи тој. „Ако ја губам работата затоа што го правам она што навистина верувам дека е правилно, тогаш ќе можам да живеам со тоа“. Самоиронично, тој додаде: „Јас испишав историја, нели?“ Истовремено, републиканецот ги критикуваше бунтовниците во својата партија, особено Гаец. Мекарти се пожали дека во никој случај не станува збор за содржински конфликт, туку за лични мотиви и за привлекување медиумско внимание. Тој ги отфрли наводите на Гаец. „Само затоа што Гаец кажа нешто, не значи дека тоа е вистина. Не сум го слушнал да каже ниту една вистина.“ Мекарти се пожали дека не треба да биде возможно лидерот на Домот кој го има огромното мнозинство од неговата пратеничка група зад себе, сепак да биде сменет од функцијата од осум пратеници заедно со другата партија. „Мислам дека не треба да постои ова правило - без разлика кој е претседавач. Парламентот како институција потфрли, смета Мекарти.

Наследникот најверојатно ќе биде избран следната недела

По смената на Мекарти, американскиот претседател Џо Бајден го повика Конгресниот дом брзо да го избере неговиот наследник. „Итните предизвици со кои се соочува нашата земја нема да чекаат“, рече портпаролката на Бајден, Карин Жан-Пјер. Претседателот затоа се надева дека Претставничкиот дом брзо ќе избере нов претседавач. Дотгаш, функцијата ќе ја преземе републиканскиот партиски колега на Мекарти, Патрик МекХенри. 47-годишникот, сојузник на Мекарти, ќе ја извршува функцијата на привремена основа додека не се избере нов претседател на Претставничкиот дом. Мекарти синоќа на пратениците им порача дека нема повторно да се кандидира. „Се борев за она во што верувам. Верувам дека можам да продолжам да се борам, но можеби на поинаков начин“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми