1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Тежината на војната што не ја носат сите подеднакво

Костиантин Хончаров
24 февруари 2026

Украинскиот војник и поранешен новинар Костиантин Хончаров пишува за реалноста на фронтот, кризата во пешадијата и илузијата на преговорите – четири години од почетокот на војната.

Костиантин Хончаров во воена униформа се движи во регионот Доњецк во Украина
Костиантин Хончаров доброволно се пријавил да служи во армијатаФотографија: Vitalii Pavlenko/ArmyInform

Поранешниот новинар на ДВ, Костиантин Хончаров, кој во 2022 година доброволно се пријави во украинската армија, по повод четири години од почетокот на руската инвазија ја опишува состојбата на фронтот и сопственото искуство во време кога повторно се актуелни разговорите за мир.

„Не знам зошто почна овој ужас, ниту како ќе заврши“

„Искрено, сè уште не разбирам зошто започна  оваа војна,  зошто продолжува и како би можела да заврши – кога и по која цена“, пишува Хончаров. Тој нагласува дека никогаш не сакал војна и дека никој не го испратил таму. За него, вели, војната е „архаичен чин, враќање кон логиката на суровата сила во време кога човештвото зборува за колонизирање на Марс“.

Кога војната стигнала до неговиот дом, како човек што никогаш не држел оружје, стоел пред избор: да остане набљудувач или да учествува во одбраната. Одлуката да се приклучи во армијата, вели тој, не произлегла од чувство на обврска, туку од потребата „да биде субјект, а не објект на историјата“ – да не стане само жртва на околностите.

Со текот на времето, војната престанала да биде апстрактна и станала длабоко лична. Станала рутина, дел од секојдневието. „Не забележувам длабоки психолошки промени – можеби затоа што веќе се случиле и станале навика. Не можам ни да замислам како е да се живее поинаку.“

Најголемата болка ја предизвикуваат загубените пријатели и разурнатите места од младоста. Особено силно го погодува секој  напад врз Киев:  „По секое гранатирање пишувам дома: 'Како сте? Имате ли струја?  Студено ли е?'“

Криза во пешадијата

Според Хончаров, не го уништува само борбата, туку и системските слабости што со години се натрупуваат во армијата. Проблемите сега почнуваат да ги кршат луѓето побрзо и од самиот непријател.

Случаите на дезертирање, вели тој, не се резултат на кукавичлук: „Во единиците на фронтот луѓето се целосно исцрпени – физички и психички.“

Костиантин Хончаров за време на операција во завојуваниот регион Доњецк - многу единици се борат со недостиг на персоналФотографија: Vitalii Pavlenko/ArmyInform

Сценариото е секогаш исто: ротирање нема, времето во ровови се продолжува до нечовечки граници, а засилувањето доаѓа неподготвено или воопшто не доаѓа. Кога бев ранет во зимата 2023, од мојот вод со 30 луѓе, само петмина останаа на позиции – другите беа убиени или ранети.

Потоа следуваат „пожарникарски одлуки“: возачи, готвачи, војници од логистика, минофрлачи и артилерци се испраќаат во пешадија без соодветна обука. Тие, вели тој, повторно набрзо стануваат жртви – ранети, убиени или дезертираат. Наместо да го реши недостигот од пешадинци, оваа практика го влошува.

Цената на отсуството на ротации

Човечката издржливост  има граници. Редовните ротации и подобри услови би спречиле дел од колапсот што сега се гледа на фронтот. „Често бараме од војниците да бидат херои, но забораваме да им дозволиме понекогаш да бидат само тоа што се – војници. Обучени, снабдени и барем малку одморени.“

Дроновите целосно ја сменија тактиката: пристапот до првите линии и повлекувањето низ „зоната на смртта“, која сега се протега километри зад фронтот, се претвори во посебна специјална операција. Но, во поволни временски услови, ротациите се возможни – и неопходни.

Ако еден пешадинец остане на позиција во просек 60 дена, а медиумите објавуваат случаи на 472 дена непрекинат престој, тешко може да се зборува за ефективно извршување задачи. „Стресот таму го јаде човекот однатре.“

Нееднаква распределба на товарот

Технологијата напредува, дроновите ја менуваат војната, но линијата на одбрана и понатаму ја држат луѓе во рововите. Од  нивната издржливост  зависи иднината на земјата. А таквите луѓе – вели Хончаров – драматично недостасуваат.

„Стресот од борбата е толку огромен што го проголтува човекот однатре“ - Костиантин Хончаров во засолниште во ДоњецкФотографија: Vitalii Pavlenko/ArmyInform

Иако не е експерт за мобилизација, го загрижуваат бројките: „Ако бројот на мажи ослободени од воена обврска веќе ја надминал милионската цифра, а во градовите гледаме група работници во години за регрутирање како со денови ја бојадисуваат една мала ограда на мост, тешко е да се избегне впечатокот дека со праведната распределба нешто не е во ред.“

Илузијата на преговорите

Разговорите за можни  мировни преговори, според него, на војниците им звучат поинаку отколку на цивилите. Многу малку од оние со кои зборува гледаат реална перспектива во нив. Вестите за потенцијален прекин на огнот создаваат само „илузија“ што нема врска со реалноста на терен.

За луѓето далеку од фронтот, средбите меѓу преговарачите можат да изгледаат како почеток на процес – како да е решението поблиску од вчера. Се создава впечаток на „пресвртна точка“ кон мир или барем примирје.

Но на фронтот ништо не се менува: артилеријата пука, нападите продолжуваат, дроновите летаат и луѓе умираат.

„Навистина би сакал да грешам. Сакам што побрзо да се вратам кај моето семејство. Но реалноста денес е дека оваа борба ќе трае уште долго“, завршува Хончаров.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми