Примирје во Иран: Многу нејаснотии пред преговорите
8 април 2026
По објавувањето на двонеделното примирје меѓу Иран, САД и Израел, многу работи остануваат нејасни. Така, во пресрет на почетокот на директните преговори, кои треба да се одржат од петок, на покана на пакистанскиот премиер Мухамад Шехбаз Шариф, во пакистанскиот главен град Исламабад, може да се слушнат само контрадикторни изјави за одредени теми. Почетна точка за преговорите е планот од десет точки кој Иран, според американскиот претседател Доналд Трамп, им го доставил на САД. Трамп првично зборуваше за „одржлива основа за преговори“. Речиси сите спорни точки досега, рече тој, биле разјаснети.
Две верзии на планот од десет точки?
Меѓутоа, набргу потоа, Трамп го нарече планот од десет точки „измамнички“. Причина може да бидат различните верзии на тој план. Имено, според новинската агенција АП, тој постои во две верзии кои се разликуваат и по јазикот и по содржината. Во врска со нуклеарната програма на Иран, иранската верзија, напишана на фарси, го содржи текстот „прифаќање на збогатување на ураниум“. Од непознати причини, таа формулација недостасува во англиската верзија која иранските дипломати им ја проследија на новинарите.
Меѓутоа, Трамп повеќепати нагласуваше дека окончувањето на нуклеарната програма на Иран е централна цел на војната. Тој изјави за новинската агенција АФП по потврдата на примирјето: „Ќе биде совршено уредено, инаку не би се впуштил во тоа“, без да даде дополнителни детали. И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како една од воените цели го наведе разбивањето на ракетната и нуклеарната програма на Иран.
Такса за Ормускиот теснец?
И по прашањето за отворањето на Ормускиот теснец, кое го бараат САД, останува многу двосмисленост. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, рече дека преминувањето низ теснецот ќе биде дозволено под иранска воена власт. Дали тоа значи дека Иран целосно ќе се откаже од контролата врз водниот пат, останува нејасно. Според извештаите, планот предвидува и Иран и Оман да наплаќаат патарини за бродовите што минуваат низ теснецот.
Покрај тоа, Иран бара повлекување на американските борбени сили од регионот, укинување на санкциите и ослободување на неговите замрзнати средства. Трамп, пак, зборуваше за тоа дека американската војска ќе остане во регионот „за да се осигури дека сè ќе оди непречено“. Тој изрази верување дека тоа ќе биде случај.
Дали прекинот на огнот важи и за Либан?
Останува нејасно што значи објавата на САД и Иран за другите линии на конфликт во регионот. Пакистан, кој се позиционираше како посредник во конфликтот на Блискиот Исток, објави дека двонеделната пауза во борбите важи и за Либан.
Спротивно на тоа, кабинетот на Нетанјаху објави дека Израел ја поддржува одлуката на Трамп да ги суспендира нападите врз Иран за две недели. Сепак, договорот не се однесува на војната со либанската шиитска милиција Хезболах. Затоа, кризниот штаб на либанската влада ги предупреди граѓаните што бегаат да не се враќаат на југот од земјата. Бејрут реагираше на извештаите за раселени лица кои почнале да ги пакуваат своите работи и да се враќаат во јужен Либан, верувајќи дека објавеното примирје вклучува војна меѓу Израел и Хезболах. Терористичката организација сè уште не се огласила, но се чини дека борбите во Либан сè уште траат.