Примирјето во Газа ја преживеа првата тешка криза
20 октомври 2025
По тешките воздушни напади во Појасот Газа, израелската армија соопшти дека има намера да продолжи со почитувањето на прекинот на огнот во Газа. „По упатства на политичкото раководство и по серија тешки напади како одговор на прекршувањата од страна на Хамас, Израелската армија (ИДФ) почна повторно да го спроведува прекинот на огнот“, се вели во соопштение објавено на Телеграм. Во исто време, армијата предупреди дека ќе одговори решително на какви било прекршувања на примирјето.
Макотрпно договореното примирје меѓу Израел и исламистичката група Хамас претходно беше опасно разнишано. Израел пријави напади врз своите трупи во јужниот дел на Појасот Газа - веројатно од страна на борци од терористичката организација Хамас. Притоа, како што се вели, биле убиени две лица. И во северниот дел на Појасот Газа вооружени лица им се приближиле на израелски војници и биле застрелани.
„Одговор на очигледното кршење на прекинот на огнот“
Израелската воена авијација потоа бомбардираше цели во Појасот Газа. Меѓу другото, беа извршени „серии напади врз терористички цели на Хамас во јужниот дел на Појасот Газа“, соопшти армијата. Ова, како што се додава, било „одговор на очигледното кршење на прекинот на огнот“ од страна на Хамас.
Според информации од повеќе болници, во различни напади биле убиени вкупно 14 Палестинци. Министерството за здравство контролирано од Хамас информира дека тој број е поголем. Според овој извор, погодено било и импровизирано кафуле на брегот, при што загинале најмалку шест лица. Овие бројки не можат да бидат потврдени од независни извори.
Хамас го побива извештајот на Израел
Според израелската војска, екстремистите претходно испукале гранати врз војниците во Рафа, на границата на Појасот Газа со Египет. Војниците наводно биле во област која останува под израелска контрола според договорот за прекин на огнот.
Висок функционер на Хамас негираше дека неговата организација е вмешана во нападот. Хамас изјави дека комуникацијата со преостанатите единици во Рафа е прекината со месеци. „Ние не сме одговорни за никаков инцидент во овие области“, се наведува во соопштението.