1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Етничките Унгарци и војната во Украина – факти и пропаганда

10 април 2026

Етничките Унгарци во Украина се во фокусот на тврдењата на Виктор Орбан за „присилна мобилизација“. ДВ беше на терен и ги спореди политичките обвинувања со реалноста.

Украински војник во ров на фронтот во октомври 2025 година
Украински војник на фронтот во октомври 2025 годинаФотографија: Oleg Petrasiuk/Ukrainian Armed Forces/REUTERS

Додека има време, на фронтот во источна Украина, Петер Филипович чита вести од Унгарија. Во последните денови особено за изборната кампања на Виктор Орбан, во која често се споменува неговата татковина – Украина. Земјата што тој, како украински Унгарец од Закарпатија, во моментов ја брани од руската агресија.

Премиерот на Унгарија,  Виктор Орбан,  и политичарите од неговата партија Фидес ја опишуваат Украина како „корумпирана мафијашка и терористичка држава“. Во изборни видеа, без никакви докази, се тврди дека украинскиот претседател  Володимир Зеленски  со милијардите евра од Брисел си градел златни тоалети.

Филипович во видео-разговор за ДВ раскажува дека неодамна читал за аферата со реновирањето на зградата на Унгарската национална банка во Будимпешта, каде што поранешниот гувернер Ѓерѓ Матолчаши си изградил тоалети со златни држачи за тоалет-хартија. За разлика од обвинувањата против Зеленски, овој случај е документиран.

Војникот Петар Филипович се пријавил доброволно за фронтФотографија: privat

„Кога го прочитав тоа, си помислив: ако во Унгарија зборуваат за корупција во Украина, можеби прво треба да се погледнат во огледало“, вели Филипович.

„Не сме исклучок – има многумина како нас“

Петер Филипович (42) е роден во Чоп, пограничен град во западна Украина (унгарско: Чап). Во моментов е командир на воена единица на источниот фронт, но поради безбедносни причини деталите не смеат да се објават. Тој нагласува дека украинските Унгарци на фронтот не се исклучок, туку дека многумина доброволно се борат за својата земја и ја доживуваат унгарската владина пропаганда како навреда.

Во Украина, според неофицијални проценки, живеат околу 80.000 етнички Унгарци, речиси сите во Закарпатија. Тоа е околу 0,23 проценти од населението во земја со 35 милиони жители. И покрај тоа,  Орбан ја направи оваа заедница централна тема  во својата надворешна политика и во изборните кампањи.

Обвинувања за „присилна мобилизација“ и соработка со Кремљ

Орбан и неговата влада со години тврдат дека украинските Унгарци се угнетувани и дека воено способните мажи од ова малцинство биле масовно и брутално „присилно мобилизирани“, па дури и мачени до смрт. Истовремено, во координација со Кремљ, унгарската влада периодично организира трансфер на украински воени заробеници со унгарско потекло од Русија во Унгарија – без знаење на украинските власти. Москва тоа го претставува како „хуманитарен гест“, а Будимпешта како „спасувачка мисија“.

Каква е состојбата на терен во Украина?

Терминот „присилна мобилизација“, кој го користат унгарската влада и провладините медиуми, е оспоруван од независни унгарски аналитичари. Тие предупредуваат дека секоја мобилизација во војна има задолжителен карактер и дека ваквиот термин индиректно ја доведува во прашање легитимноста на украинската одбрана.

Во Украина, за мобилизацијата се задолжени Територијалните центри за регрутација, чии патроли се непопуларни, бидејќи понекогаш регрутираат мажи директно на улица, а има и случаи на употреба на сила. На социјалните мрежи кружат видеа, дел реални, дел фалсификувани, а постојат индиции дека некои медиуми во Унгарија, блиски до владата, шират фалсификати со руско потекло.

Сепак, украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец во актуелен извештај укажа на сериозни правни прекршувања и нехигиенски услови во регрутациониот центар во Ужгород. Тој бара темелна реформа на системот, дебата која во Украинa трае со години.

Гроб на паднат војник од унгарско потекло во село во Закарпатија, УкраинаФотографија: Keno Verseck/DW

Од страв од мобилизација, многу мажи ретко излегуваат од домовите. И во Закарпатија, особено во селата, речиси и да нема мажи во воено способна возраст на улиците. Ласло Зубаниц, претседател на Демократскиот сојуз на Унгарците во Украина, за ДВ вели дека е јавна тајна оти многумина се кријат дома.

Дали украинските Унгарци се прекумерно на фронтот?

Украинската армија  не води етничка статистика. Според проценки на унгарски политичари од Закарпатија, вклучително и оние блиски до Орбан, околу 400 до 500 украински Унгарци моментално служат на фронтот. Тоа е значително под нивниот пропорционален удел во армијата, која брои околу 850.000 припадници.

Неофицијално, вработен во Регрутациониот центар во Закарпатија за ДВ изјави дека бројот на мобилизирани Унгарци е дури и подпросечен.

Еден од најистакнатите и најуспешните команданти во украинската армија, Роберт Броуди, со кодно име „Маџар“, командант на беспилотните летала, е од унгарско потекло и доаѓа од Закарпатија. Унгарската влада му воведе забрана за влез во август 2025 година; наводно е одговорен за нападите врз нафтоводот Дружба.

Воени заробеници и руска пропаганда

Во почетокот на март 2026 година, за време на посетата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на Москва, двајца украински воени заробеници со унгарско потекло беа пренесени од Русија во Унгарија. Претходно, унгарската државна телевизија емитуваше руска пропагандна видео-снимка со еден од нив, кој ѝ се заблагодаруваше на руската војска.

Војникот Олексиј Чорпита поминал речиси три години како воен заробеник во Русија. Тој известува дека му било понудено ослободување во Унгарија во замена за прикажување на Украина во негативно светлоФотографија: Keno Verseck/DW

Таквите трансфери, без согласност на земјата на потекло, се спротивни на меѓународното право. Според ОН и бројни организации за човекови права, украинските заробеници во Русија масовно се изложени на тортура, што ваквите акции директно ја зајакнуваат руската пропаганда.

Украинската активистка Власта Репаши од Ужгород апелира воените заробеници да не се осудуваат: „Не знаеме под каков притисок и какви страдања поминале.“

Поранешниот заробеник Олексиј Чорпита (23) раскажува дека во Русија му било понудено префрлање во Унгарија доколку сними видео со антиукраински пораки. Тој одбил и поради тоа поминал уште година и пол во заробеништво.

„Не ја сакам Русија за сосед“

Петер Филипович се борел уште во 2014 година како доброволец, а по почетокот на целосната  руска инвазија  во 2022 година се вратил од Чешка за повторно да се приклучи на украинската армија. Од март 2022 е непрекинато на фронтот, неколкупати ранет и одликуван.

Неговиот сон е, по војната, да се врати во Чоп. „Од Украина нема да си заминам. А најмалку во Орбанова Унгарија,   бидејќи е премногу проруска“,  вели тој. „Не сакам Русија и руски окупатори за соседи – затоа сум овде и затоа се борам.“

 

Кено Верзек Уредник, автор и новинар за Европската програма на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми