Пристапување кон ЕУ: Кој се плаши од Црна Гора?
13 април 2026
Повеќето граѓани во Германија и Австрија се против можно проширување на Европската Унија, наведува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), повикувајќи се на истражувањето Евробарометар објавено во септември 2025 година. На ниво на целата ЕУ постои мнозинство од 56 проценти испитаници кои го поддржуваат приемот на нови членки. Меѓутоа, во Германија и Австрија, со 49, односно 45 проценти поддршка, застапниците на проширувањето се во малцинство. Во Чешка и Франција идејата за прием на нови држави ја поддржуваат само 43 проценти од испитаниците.
„Одбивањето е делумно поврзано и со лошиот имиџ на кандидатите“, истакнува ФАЦ, потсетувајќи дека, освен Турција – која формално има статус на кандидат, но веќе со години нема значајна улога во дебатата за проширување – останатите земји кандидати се од источна Европа: шест од Западен Балкан, како и Молдавија, Украина и Грузија, која моментално исто така не важи за сериозен кандидат.
Во текстот се наведува дека во сите тие држави економското постигнување е под просекот на сегашните членки на ЕУ. „Тоа не предизвикува воодушевување, особено не во Австрија и Германија. Кандидатите често се доживуваат како земји кои повеќе земаат отколку што даваат. Такава перцепција е неправедна, но сепак е присутна во јавноста“, наведува ФАЦ.
Само 20 проценти ја сакаат Македонија во ЕУ
Се додава и дека во „скептичната Австрија“ сепак постои поддршка за проширување на Унијата, но исклучиво кога станува збор за Норвешка, со 62 проценти, и Исланд, со 57 проценти поддршка — што, како што се наведува, е „сличен случај и во Германија“.
„Норвешка и Исланд не предизвикуваат страв и се доживуваат како потенцијално збогатување за Европската Унија. Додека прашањето за членството на Норвешка моментално не е актуелно, Исланд би можел наскоро да стане релевантен кандидат – доколку граѓаните на референдумот закажан за крајот на август се изјаснат за продолжување на пристапните преговори, прекинати во 2015 година“, наведува авторот на текстот Михаел Мартенс.
Истовремено се укажува дека големо мнозинство граѓани на ЕУ го одбиваат членството на балканските и источноевропските кандидати. „Само 25 проценти од испитаниците во Австрија го поддржуваат влезот на Босна и Херцеговина во ЕУ. Иако тоа е највисок процент меѓу таканаречените ‘непосакувани’, сè уште е многу низок“, наведува Мартенс.
Според неговите наводи, Црна Гора, Северна Македонија и Украина имаат по 20 проценти поддршка, Албанија - 17 проценти, а Молдавија - 16 проценти. Најниска поддршка бележат Србија и Косово, со по 15 проценти испитаници кои го поддржуваат нивното членство во ЕУ.
Црна Гора во пакет со Исланд?
Овие резултати се особено неповолни за Црна Гора, која Европската Комисија веќе со години ја нарекува „предводник“ меѓу балканските кандидати. Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, редовно го истакнува напредокот на Подгорица. Црна Гора, како што се наведува, е единствената кандидатка која ги има отворено сите 33 преговарачки поглавја и има затворено повеќе поглавја од која било друга – вкупно 14. Целта е членство до 2028 година.
Сепак, властите во Подгорица се свесни за резервите кон балканските земји. Поради тоа, според пишувањето на ФАЦ, се појавила идеја Црна Гора да се обиде да влезе во Европската Унија заедно со држава која е помалку контроверзна. Доколку на исландскиот референдум се поддржи продолжувањето на преговорите, Црна Гора би можела да се обиде да го искористи позитивниот имиџ на Исланд и да оствари таканаречено „тандемско пристапување“. Ако за Исланд се отворат вратите на Унијата, Црна Гора би „влегла заедно со него“. Бројчено, тоа не би бил проблем, бидејќи двете земји заедно имаат нешто повеќе од еден милион жители.
ФАЦ наведува и дека црногорскиот весник „Побједа“ разговарал со исландската министерка за надворешни работи Катрин Гунарсдотир. На прашањето за можниот заеднички влез на Црна Гора и Исланд во ЕУ таа не дала директен одговор. Меѓутоа, запрашана дали идните членки би требало да се примаат без право на вето за да се зачува функционалноста на Унијата, одговорила дека „Исланд верува во соработка под еднакви услови и дека секој договор со ЕУ мора да го одразува тоа“.
„Тоа е и официјален став на Црна Гора. Дали таквиот пристап е реален, би можело да се покаже веќе наредната година“, заклучува Михаел Мартенс во текстот за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Овој избор од печатот содржи цитати и делови од содржини од медиуми на германски јазик и не ги одразува ставовите на редакцијата.