1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Приватните војски не се само руски проблем

15 јули 2023

Таканаречените „Приватни воени компании“ често играат важна улога во конфликтите. Всушност, се поголема и поважна улога. Ви ги пренесуваме најважните прашања и одговори поврзани со приватните армии.

Wagner fighters deployed in Rostov-on-Don
Фотографија: REUTERS

Припадниците на „Вагнер“ често се нарекуваат платеници. Дали е тоа точно?

Не, според хуманитарното меѓународно право, само оние сили кои ги исполнуваат сите шест критериуми дефинирани со Женевската конвенција можат да се наречат платеници:

1) тоа се оние кои се ангажирани во земјата или во странство, а со посебно одредена цел, а тоа е да се борат во вооружен конфликт.

2) платеници се оние кои навистина учествуваат во конкретни непријателски дејствија

3) оние кои учествуваат во непријателски дејствија првенствено со цел лично да остварат профит на некој начин, односно оние кои навистина добиле потврда од една од страните во конфликтот дека за тоа ќе бидат материјално наградени, а притоа таа награда е значително поголема од онаа што ќе ја добијат или ја добиле борци од ист ранг, како припадници на редовните вооружени сили на страните во конфликт, кои имаат слични задачи како платениците.

4) тоа се оние кои не се државјани на ниту една од страните вклучени во конфликтот, ниту живеат во област контролирана од една од страните вклучени во конфликтот

5) оние кои не се припадници на вооружените сили на една од страните вклучени во конфликтот

6) оние кои не биле испратени на терен по наредба на една страна, која не е вклучена во конфликтот како припадници на вооружените сили на таа трета страна

Сара Катарина Штајн е научен соработник на Институтот за јавно право на Универзитетот Алберт Лудвиг во Фрајбург, која моментално ја пишува својата дисертација за ангажманот на приватни воени единици. Таа за ДВ вели: „Многу од овие приватни воени единици не ги исполнуваат овие критериуми. Кога ќе погледнеме, на пример, во насока на Сирија, тогаш би можеле да зборуваме за интернационализиран вооружен конфликт, во кој е вклучена и Русија како држава. Тоа значи дека руските граѓани според таа дефиниција не се платеници“.

Како Евгениј Пригожин стана милијардер?

01:57

This browser does not support the video element.

Најголемата пречка, и не само за групата „Вагнер“, туку и за сите можни платеници, е, како што вели Штајн, точката број 3: а тоа е што земаат многу поголема плата од припадниците на редовните воени сили.

Војниците на „Вагнер“, строго погледнато, не се платеници, туку членови на една од таканаречените „Приватни воени компании“. Како настанаа тие?

По Втората светска војна, многу западни земји приватизираа значителни делови од нивните концерни кои се занимаваа со производство на оружје. Следниот чекор беше приватизацијата на воените услуги.

Кога во 1990 година, по крајот на Студената војна во Европа, САД, Велика Британија, па дури и земјите од поранешниот Советски Сојуз го намалија бројот на членовите на нивните вооружени сили, многу добро обучени војници одеднаш се најдоа на улица. Својот нов дом го најдоа во таканаречените „Приватни воени компании“, а често се случуваше да бидат ангажирани  од истата земја каде што претходно биле припадници на војската. Стануваше збор и е за ангажмани во внатредржавни конфликти со помал интензитет, за да не мора овие држави самите да се вклучуваат во нив.

Катарина Штајн вели: „Приватните воени работници понекогаш се компании кои се интегрирани во поголеми деловни структури, односно актери кои можат да понудат цела низа услуги. На пример, да одат некаде, да ги ослободат заложниците и повторно да ја напуштат таа област. Или да  обучуваат припадници на некоја армија, за тие да можат според стандардите на НАТО да реагираат на напад“.

Која е предноста за земјите кога ангажираат „Приватни воени компании“?

„За почеток, тие се многу поевтини, не мора да ги обучувате. Не мора да им плаќате пензии. Не морам ништо да им плаќам кога се болни. Не мора да се обврзувам на долгорочни плаќања, туку јас плаќам само за таа една акција, која трае на пример три месеци, за да направат нешто во рамки на таа акција“, објаснува Штајн.

Затоа, тоа е класичен „аутсорсинг“ заснован на пресметка на трошоците и придобивките, за многу земји се чини дека е едноставно многу поповолна алтернатива. Помеѓу 1994 и 2007 година, САД инвестирале околу 300 милијарди американски долари во 12 приватни воени компании. Тоа е огромна сума, но за многу земји сепак е добра инвестиција: „Тие луѓе се добро обучени, врвни специјалисти, имаат своја опрема“. И јас всушност плаќам само за она што го добивам, инаку немам други трошоци“. А пред се, „Приватните воени компании“ (ПКВ) ја вршат валканата работа, како „Вагнер“ во Сирија или во Украина. Нивните загинати и ранети членови не предизвикуваат веднаш големи внатрешно-политички дебати, како што е случајот со воените сили. А одговорноста за, на пример, воените злосторства, лесно се пренесува на тие субјекти.

За Штајн ова е уште еден клучен аргумент: „Секогаш можеш да се каже, добро, тоа воопшто не бевме ние, тука завршува директната одговорност на една држава“. ПВК секогаш може да бидат ангажирани, на пример кога парламентот на некоја земја не ја поддржува одлуката за ангажирање на воените сили на таа земја.“

Но, исто така, факт е дека понекогаш има недостатоци на одлуката за делегирање на монополот на силата, за државата да „нарачува“ некој ПВК - како што покажа маршот на „Вагнерците“ кон Москва. Тоа беше премиера, ПВК се побуни против сопствената земја, земјата што го ангажираше.

Обука на припадниците на приватната воена компанија „Блеквотер“ од САДФотографија: Keystone/picture-alliance/dpa

А што е со кривичното гонење на „Приватните воени фирми“?

„Кривично гонење на ПВК во земјите во кои се испратени практично не се случува. Од последните неколку децении познати се примери на пресуди по неуспешниот државен удар во Екваторијална Гвинеја во 2004 година. Меѓу другите, Симон Ман, еден од основачите и шефот на „Егзекјутив Ауткамс“ и „Сандин Интернешнал“ беа осудени прво во Зимбабве, а потоа по екстрадицијата во Екваторијална Гвинеја беше осуден на 34 години затвор. Тој беше помилуван од претседателот Обианг во 2009 година“, вели Катарина Штајн.

Тој случај предизвика големо внимание, пред се` поради Марк Тачер, синот на поранешната британска премиерка. Имено, Тачер финансиски го поддржа Ман, а на крајот плати 560.000 долари за да не мора да заврши во затвор. Во принцип, може да се каже: државите тешко можат да ги контролираат ПВК, ПВК често работат во сива правна зона, честопати не сметаат дека треба да се усогласат со важечките закони, норми или военото право. Пример за тоа е масакрот со 17 мртви лица, извршен од членовите на американската „Блеквотер“ во септември 2007 година во Багдад. Четворица соработници на тој ПВК кои беа одговорни за крвопролевањето беа помилувани во 2020 година од тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Дали „Вагнер“ ќе започне нова дебата за користење на „Приватните воени компании“?

Катарина Штајн барем се надева дека „случајот Вагнер“ ќе резултира со начелна промена на размислувањето, односно дека општествениот притисок ќе се зголеми до тој степен што ќе се воведе меѓународна регулатива. Сепак, ваквите иницијативи досега редовно пропаѓаа. „Имаше неколку меѓународни иницијативи на ниво на ОН со цел да се усвојат некои обврзувачки договори за ПВК. Но, договорот беше блокиран од некои страни, пред се од САД, Велика Британија, Јужна Африка и од Израел. Ова се и четирите држави кои најмногу ги користат услугите на ПВК.“

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми