1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приватноста во океанот на социјалните мрежи

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
29 април 2024

Тајната на неконтролираната злоба, агресија, фрустрација и завист на социјалните мрежи се крие во лажниот самопривид, со кој корисниците самите се убедуваат дека се „невидливи“ за другите... Пишува Кица Колбе

Социјалните мрежи ни ја презентираат на „тацна“ „приватноста“ на луѓе од целиот свет.Фотографија: onathan Raa/Sipa USA/picture alliance

Пред половина век луѓето ќе помислеа  дека е научна фантастика еден ден да има виртуелна социјална  мрежа која со името ќе не‘ потсетува на споменарите од ученичките денови, а со неа пријатели  ќе имаме во целиот свет. Додуша, најголемиот број од нив нема никогаш да ги сретнеме,  а ниту вистински ќе им го запаметиме името. Иако секој ден ќе ги гледаме нивните најнови фотографии од свадби и родендени. Тие нема да ни се роднини, но ќе станат дел од нашето секојдневие. Во ваквата замисла сигурно секој просечно информиран граѓанин во шеесеттите години на дваесеттиот век ќе препознаеше  само обична  дистописка приказна. Здодевната потврда на таа замисла денес е дека ние на социјалните мрежи можеме секој ден  да станеме „пријатели“  со познати и непознати луѓе од целиот свет.  А доколку сме веќе „виртуелни пријатели“,  добиваме и  пристап во нивната реална приватност. Ги гледаме на плажа во Турција или во Шпанија. Утринското кафе напати ни е  „зашеќерено“ со нивните благи или „загорчено“ со нивните  горчливи коментари на наши или на туѓи прилози. Со годините се‘ почесто ќе ни се чини дека знаеме се‘ за нив, иако, всушност, воопшто не ги познаваме. Во  пред-дигиталниот свет никој немаше можност во половина час да добие толку многу информации за толку различни личности од нивниот приватнен живот. Критички мислечките меѓу нас брзо сознаа дека   социјалните мрежи  од сите нас направија виртуелни воајери. Притоа илјадниците виртуелни пријатели никогаш не би можеле да ги сретнеме „во живо“, затоа што тоа е невозможно според законите на просторот и времето. А социјалните мрежи ни ја презентираат на „тацна“ „приватноста“ на луѓе од целиот свет!

Грдото лице на социјалните мрежи

Сето ова би било забавно, доколку социјалните мрежи  брзо не го покажеа своето грдо лице. Тоа е „грдото“ невидливо лице на корисникот на социјалните мрежи. Тоа е лицето на оној што не го познава  главното начело на  културната комуникација: почит за „приватноста“ на секоја личност.  Вим Вендерс (Wim Wenders), еден од најсуптилните германски филмски режисери, во едно интервју пред пет месеци укажа на бришењето на разликата  помеѓу „приватното“ и „личното“ во  денешната култура на  комуникација. Иако тој говори за  сферата на творештвото, сепак  истакнува многу значајни аспекти за  разликата помеѓу „приватното“ и „личното“, што, според него, е клучното прашање на нашето време. Бидејќи со  новите медиуми  и социјалните мрежи, „приватното“ и „личното“ почнуваат да се мешаат. Притоа Вендерс потсетува дека личното отсекогаш беше отворено за комуникација со јавноста, затоа што личното искуство, личните доживувања отсекогаш беа „материјалот“ од кој се создава уметноста. Големите раскажувачи во литературата ги создаваат своите приказни „ползувајќи“ го материјалот од личните доживувања. Со тоа создаваат ликови и фигури со универзално значење. Тие потоа стануваат  едукативни примери за тие што го читаат романот или го гледаат филмот. Уметноста отсекогаш имаше и образовна функција. Притоа, „личните“ искуства на уметникот не се „приватни“. Ликот во романот не е идентичен со авторот.

Во модерните медиуми за комуникација се‘ повеќе се губи етичкото чувство за заштита на приватноста. На пример, македонските онлајн-портали се преполни со „скандали“ од приватниот живот на познати личности, додека рубрики со сериозни текстови за уметноста и културата нема ни за „иљач“. Ова покажува дека во македонските онлајн-весници не постои етички кодекс кој ја заштитува приватноста. Со тоа тие медиуми ги будат кај читателите ниските чувства на љубопитност или на злорадост. Се‘ до појавата на интернетот и на социјалните мрежи  почитта за „приватноста“ на личноста значеше почит за нејзиното достоинство. Затоа беше табу во јавноста  да се навредува нечиј приватен живот. Денес класичната новинска јавност е проширена со уште една полуприватна  јавност - таа на невидливите корисници на социјалните мрежи. Тие понекогаш се потоксични од професионалните новинари во однос на нечија „приватност“.

Фотографија: Ralph Peters/imago images

Притоа, се‘ до 90-те, во кои со помош на интернетот светот стана глобално село, комуникацијата во јавноста на едно општество беше ограничена на социјалните контакти во најтесниот  семеен, професионален, културен и географски круг. Денес, виртуелно, нам навидум ни е пристапен целиот свет. Една фотографија, поставена на социјалните мрежи  во Австралија, може речиси во истиот миг да ја видат корисници на социјалните мрежи на другиот крај на планетата. Тоа со поранешните средства за комуникации не беше возможно. Како читатели на дневен печатен весник, немавме можност да ги прочитаме коментарите на за нас целосно непознати читатели. Денес можеме со часови да ги читаме нивните умни или глупави размисли, за се‘ и сешто.

Лажна фамилијарност и спонтаност

Светот се преобразува во дебатен клуб на невидливи, толерантни или токсични, култивирани или примитивни коментатори. Јасно е дека дигиталниот „жолт печат“ во трката за лесен профит бескрупулозно објавува информации од приватниот живот на богатите и славните, на  современите кралски фамилии и на влијателните политичари.

Но како да се разбере желбата својата „приватност“ да се презентира секојдневно  на социјалните мрежи? Од кои причини на социјалните мрежи  корисниците ги забораваат сите правила на цивилизираната комуникација? За да се увериме во тоа, доволно е да ги прочитаме коментарите на македонските социјални мрежи. Што е тоа во духот на социјалните мрежи, кое од просечните корисници прави  примитивци? Тајната на неконтролираната злоба, агресија, фрустрација и завист на социјалните мрежи се крие во лажниот самопривид, со кој корисниците самите се убедуваат дека се „невидливи“ за другите и затоа можат да ги преминат сите граници на пристојноста. Затоа што веруваат дека  никој не ги „гледа“! Веруваат дека се скриени од јавноста во темната сенка на виртуелниот космос. Таа самоизмама ги охрабрува да ги употребуваат примитивните изрази кои во директна комуникација очи-в-очи, од срам пред себеси и пред другите, можеби никогаш не би ги изговориле. 

Социјалната комуникација на виртуелните мрежи сугерира лажна фамилијарност и спонтаност, затоа што во неа може да се учествува од својот најприватен простор.Тоа влева чувство на  безбедност. Невидливиот корисник верува дека од таа позиција тој може да си дозволи да го истури сиот свој отров врз невидливиот „соговорник”, без да биде казнет. Затоа што си е дома. Во своето племе, во својата пештера. Така модерните корисници регресираат во примитивци. Секако, во тоа им помагаат новите, исто толку невидливи, војсководачи на „хибридни војни”. Иако долго  се веруваше дека средствата за комуникација  принципиелно се неутрални, брзо се покажа дека манипулацијата со корисниците со помош на лажни вести,  теории на заговор, со ширење на омраза кон различните според нацијата, родовата разлика и политичката идеологија,  е океан без граници. Тој не ја менува само доминантната политичка и идеолошка слика за светот кај голем дел од неупатените корисници, туку им служи и на желбите за моќ и превласт на популистичките  политичари. „Големиот инквизитор” на Достоевски   денес со сигурност би бил и поклоник на техниката на хибридната, „метафизичка војна”. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми