1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Привилегии или безбедност: Стара тема, нова врева

19 август 2024

Според Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, претседателот на Собранието е еден од функционерите кои „од страна на МВР со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано се обезбедуваат“.

Nordmazedonien | Afrim Gasi
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Голема врева се крена откако на Фејсбук-профилот на порталот на албански јазик „Индекс.мк“ беше објавена снимка од службеното возило на собранискиот претседател, со кое наводно Африм Гаши како сват заминал по невеста во Косово.

Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, донесена од Владата во 2014 година, не ги третира прашањата за службеното и приватното.

Според таа уредба, претседателот на Собранието е еден од функцонерите кои „од страна на МВР со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано се обезбедува“. Истото се однесува за претседателот на државата, премиерот, сите заменици на премиерот, министрите за внатрешни работи, за одбрана и за надворешни работи

Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, кој е функционер во Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села, темата ја смести во зона на „антиалбанска хистерија и стигматизација".

„Африм Гаши е претседател на Собранието 24/7, дури и на приватни забави, и нашите сограѓани треба да се навикнат на тоа, исто како што им беше тешко да се навикнат дека Талат Џафери беше премиер на оваа држава!“, пишува тој на неговиот профил на Фејсбук.

„Антиалбанската хистерија и стигматизацијата што преовладува уште пред парламентарните избори, наместо да се намалат, добиваат се поголем замав, не само институционално, туку и во јавната, медиумската и политичката реторика. Нападите врз Талат Џафери, Вјоса Османи и Африм Гаши се обиди за лекување на комплексите на оние кои не можат да прифатат дека и Албанците можат да бидат еднакви со нив. Додека престојувам неколку недели во моето родно место Струга и често се движам и до Охрид, секојдневно ги гледам патиштата блокирани од придружбата на претседателката Сиљановска. Можете да ја видите како ужива на плажа со нејзините внуци и други луѓе, додека е обезбедувана од сите страни од безбедносните органи, граничната полиција и Армијата. Ова не е вест, напротив, со право треба да се почитуваат протоколите“, пишува Лога. Во тој контекст укажува и на вчерашната средба на премиерот Мицкоски со поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.

„Тој (Мицкоски - н.з.) не дојде ниту со приватно возило, ниту без обезбедување, иако средбата беше неформална, долгогодишно пријателство меѓу нив. Тој има право да ужива во сите привилегии и државни протоколи 24/7, и никој не го стигматизира за тоа, со право. Зошто тогаш го прават ова со Гаши? Едноставно, сакаат да нѐ направат недостојни за да држиме високи државни и јавни функции“, напиша Лога.

ЛДП: Има ли патен налог?

Вчера во партиска реакција ЛДП праша дали Африм Гаши носел со себе патен налог и дали поседувал официјална документација за да може да оди по невеста со службено возило надвор од државата.

„Ако имал, бараме образложение по кој основ е издаден тој налог, за која намена, во кое времетраење и нормално, колку сето тоа нѐ чини нас, од чии даноци и се одржуваат возилата и државниот возен парк“, реагираа од ЛДП.

Oд Собранието посочуваат дека собранискиот претседател е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон.

„Овој безбедносен детаљ функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата. Претседателот на Собранието на 17-ти август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот на Собранието.

Искуства има, разлика нема

На прописите кои налагаат постојано обезбедување на дел од функционерите, во март годинава се повика и тогашниот прв вицепремиер, Бојан Маричиќ, откако беше снимен како со службено возило доаѓа во подрачна единица на Државната изборна комисија (ДИК) за да даде потпис за кандидатот на СДСМ за шеф на државата.

Иако тоа беше приватна активност во неработен ден, а не службена обврска на вицепремиерот, тој потсети дека спаѓа во кругот на функционери кои имаат 24-часовно обезбедување и службено возило. „Тоа е уредено и според закон и со владина уредба за обезбедување личности и објекти, така што многу често и не е мој избор кога и каде се движам со обезбедување и со службено возило. За нас не постојат работни и неработни денови, а гледам дека опозицијата на тоа цели - дека недела бил неработен ден. Јас имав серија службени состаноци и попатно го направив и ова, нормално нема ништо противзаконски, ниту никаква злоупотреба, но прифаќам и гледам во услови кога нема потреба, што помалку да го користам службеното возило“, рече тогаш Маричиќ.

На прописите кои налагаат постојано обезбедување на дел од функционерите, во март годинава се повика и тогашниот прв вицепремиер, Бојан МаричиќФотографија: Justizministerium/Nord-Mazedonien

Прашан од „360 степени“ дали е оправдано да има 24 часа на располагање обезбедување и возач - рече дека тоа е согласно со прописите.

„Тоа е правено согласно со правилата за обезбедување предложени од стручните лица и верувајте за нас е многу често и товар сето тоа, но правилата налагаат така, затоа што безбедноста на тие лица и на функците што ги извршуваат е важна“, рече тогаш Маричиќ.

И за членови на потесното семејство

Според владината Уредба, од страна на МВР се обезбедуваат и членовите на потесното семејство на претседателот на државата, на претседателот на Собранието и на претседателот на Владата. Под членови на потесното семејство на личностите кои се обезбедуваат се подразбираат брачниот другар и децата до навршена 21 година живот.

Врз основа на претходна безбедносна проценка изготвена од МВР, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат редовни мерки и активности за обезбедување и на министерите за правда и за финансии, за јавниот обвинител на Република Македонија и за претседателот на Уставниот суд на Република Македонија.

Според Уредбата, од МВР со редовни мерки и активности се обезбедуваат и претседателот на државата по престанување на функцијата и членовите на неговото потесно семејство согласно закон, како и претседателот на Владата кому му престанала функцијата согласно закон.

Токму ова беше повод за критики до МВР по бегството на поранешниот премиер Никола Груевски од земјата, со оглед дека за него како поранешен премиер се определени „редовни мерки и активности за обезбедување" (24/7), а од полицијата се правдаа дека тој користел обезбедување „на негов повик“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми