1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаГерманија

Минхен доби фабрика за вештачка интелигенција

АРД
7 февруари 2026

„Дојче Телеком“ отвори „фабрика за вештачка интелигенција“ во Минхен. Дали Германија станува понезависна?

На отворањето на „фабриката за вештачка интелигенција“ во Минхен (од лево кон десно): членот на одборот на „Дојче Телеком“, Фери Аболхасан, градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер, баварскиот премиер Маркус Зедер, вицеканцеларот и сојузен министер за финансии Ларс Клингбеил и извршниот директор на „Телеком“, Тим Хетгес 04.02.2026
Минхен доби „фабрика за вештачка интелигенција“ во МинхенФотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Германската технолошка индустрија доби значајно засилување со отворањето на т.н. „фабрика за вештачка интелигенција“ на Дојче Телеком во Минхен. Објектот, кој над земја изгледа како обична индустриска зграда среде голема градежна зона, под површината крие огромна инфраструктура: на шест подземни нивоа се распоредени 10.000 специјализирани графички процесори ((Graphics Processing Units, GPU), поврзани со километри оптички влакна.

Овие системи овозможуваат паралелна обработка на огромни количества податоци. Центарот располага со околу 20 петабајти меморија - речиси 20 милиони гигабајти и речиси еден петабaјт работна меморија. Со овие капацитети, теоретски би било можно да се сними целата човечка историја во 4К‑резолуција — од каменото до добата на ТикТок.

Фабрика за вештачка интелигенција во МинхенФотографија: picture alliance/dpa

Инфраструктура за вештачка интелигенција на германско тло

Оваа инфраструктура не е за приватни корисници, туку за големи и средни компании, особено во автомобилската и машинската индустрија. Во овие сектори сè почесто се користат „дигитални близнаци“ — виртуелни копии на производи и процеси за нивно тестирање и оптимизација.

Вештачката интелигенција овозможува детали како материјални својства, аеродинамика и синџири на снабдување да се симулираат, грешките да се откријат порано, а развојните циклуси значително да се скратат.

Телеком најавува дека овој центар ќе ги зголеми германските ВИ-капацитети за околу 50%. Во првата фаза компанијата инвестираше околу една милијарда евра. Телеком обезбедува инфраструктура, дата‑центар и оперативно управување, но хардверот потекнува од американскиот производител Nvidia. Како дополнителен партнер е вклучен и SAP, со цел капацитетите да станат достапни и за државните институции.

Политичка поддршка и економски потенцијал

Центарот е достапен за компании низ цела Германија, со цел поголема самостојност од неевропски провајдери и останување на податоците во земјата.

Извршниот директор на Телеком, Тим Хетгес, изјави дека без вештачка интелигенција „Германија може да ја заборави индустријата и економијата“. Тој посочува дека Европа користи само околу 5% од чиповите за вештачка интелигенција со високи перформанси, додека САД — околу 70%.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц уште во јуни го оцени проектот како „значаен чекор кон дигитален суверенитет“. На отворањето присуствуваа вицеканцеларот Ларс Клингбајл и министерот за дигитализација Карстен Вилдбергер, кои го поздравија како „голем ден за Германија и Европа“.

Тим Хетгес, извршен директор на Дојче Телеком, на инаугурацијата на фабриката за вештачка интелигенција во МинхенФотографија: picture alliance/dpa

Баварскиот премиер Маркус Зедер го нарече проектот „импресивен почеток на германското учество во глобалната технолошка трка“ и најави дека регионoт е подготвен за понатамошно проширување.

Телеком дополнително гарантира дека сите податоци од апликациите ќе останат во Германија и дека ќе се ангажираат исклучиво европски експерти.

Дали ова носи вистинска дигитална независност?

И покрај ентузијазмот, остануваат сомнежи околу вистинската независност. Иако Телеком управува со центарот,хардверот доаѓа од Nvidia— американска компанија чија продукција зависи од ретки метали што потекнуваат од Кина.

Хетгес признава дека „би било добро да имаме германска Nvidia“, но американските чипови ги смета за „добар компромис“.

Од аспект на одржливост, локацијата е идеално искористена: објектот се лади со вода од потокот Ајзбах, а топлината од системите се користи за греење на околните згради.

Ако побарувачката се зголеми, планирано е проширување со дополнителни 10.000 GPU‑чипови. За сега, фокусот останува на германската економија и нејзините потреби.

Автор: Арне Александер, БР

 

Ќе ви го украде ли вештачката интелигенција работното место?

00:59

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми